1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција на крстопат

Баха Гингер/превод: Зоран Јордановски7 јуни 2015

Во Турција денеска се избира нов парламент. По жестоката поларизирачка кампања на земјата внатрешнополитички и’ се закануваат многу немирни времиња, смета Баха Гингер.

Фотографија: picture-alliance/epa/Presidential office

Денешните парламентарни избори во Турција се јубилејни: со нив земјата влегува во 25. легислативен период во 92-годишната историја на републиката. Но, предизборната кампања, на толку приземно ниво како ретко кога во повеќепартиската демократија таму, не остава простор за славеничко расположение. По вербалните ниски удари, клеветења, подбуцнувачки кампањи и крвави напади, на државата членка на НАТО и’ се закануваат внатрешнополитички немирни времиња. Одговорноста за тоа паѓа врз претседателот на државата Реџеп Таип Ердоган. Тој не само што ја прекрши обврската за натпартиско однесување и неутрална воздржаност, туку демократските избори за нов парламентарен состав многу повеќе станаа гласање за доверба за Ердоган и неговиот план да ја претвори Турција во република со претседателски систем и така да ја зацементира својата неограничена политичка моќ.

Изборите како „ослободителна војна“

За Ердоган овие избори се „ослободителна војна“. Со тоа тој воспоставува поврзница со протерувањето од земјата на окупаторските сили по Првата светска војна, извршено под команда на подоцнежниот основач на републиката Мустафа Кемал Ататурк. Но, споредбата е сосем неумесна. Тогаш беше во прашање распределбата на наследството од пропаднатото и осиромашено Османлиско царство. Денес Ердоган имаше, но одамна ја проигра шансата да влезе во историјата врз основа на економските успеси кога до пред една година ја предводеше владата. Резултатот од 52 процента на првиот директен избор на претседател на државата во август минатата година го доведе во заблуда дека тој и неговата партија АКП се непобедливи.

Ахмет Давутоглу, кој го наследи како премиер и шеф на партијата, може само да сонува за таков резултат. Според сите веродостојни анкети, на АКП, по освоените речиси 50 проценти на последните парламентарни избори, сега и’ се заканува тежок пад. Целта за освојување најмалку 367 од вкупно 550-те места во парламентот, мнозинство што е неопходно за спроведување уставна реформа без потреба за поддршка од други партии, стана нереална. АКП за првпат ќе го загуби апсолутното мнозинство во парламентот и ќе мора да прави коалиција, што Ердоган жестоко го одбива сметајќи го за внатрешнополитичка катастрофа. #b

Коалиции се неизбежни

Левонационалистичката кемалистичка партија ЦХП со социјалдемократски аспирации, како и деснонационалистичката МХП, во изборното тактизирање ги отфрлија идеите за коалиција со АКП. Но, прашање е дали, ако затреба, ќе му одолеат на предизвикот да учествуваат во власта. Тоа се однесува и на курдската партија ХДП, предводена од харизматичниот политичар Селахатин Демирташ, која во улога на опозиција не би можела да ги оствари своите цели за создавање простор да дојдат до израз Курдите, Алевитите и други угнетувани етнички и религиозни малцинства. Основен предуслов за прво демократски легитимирано влегување на ХДП во парламентот е да го прескокне прагот од десет проценти. Според анкетите на кои може да им се верува, веќе не е во прашање дали таа ќе успее, туку за колку ќе ја надмине. Многумина Турци, противници на Ердоган, веројатно ќе гласаат за курдската партија, како предупредување и повик на воздржаност.

Свесен за значењето на присуството на ХДП во парламентот за него и за АКП, Ердоган на митинзите си дозволи вербални испади: ја означи ХДП како партија на „Ерменците и хомосексуалците“, која освен тоа ја застапува и забранетата милитантна ПКК (Работничка партија на Курдите - н.з.). ПКК пред 30 години започна војна против Турција, во која загинаа повеќе од 40 илјади луѓе. Со такви пароли на омраза и подбуцнувачка кампања Ердоган веројатно ги потроши и последните резерви од политичкиот кредит во државите кои се ориентираат на современите постигнувања.

„Повторно „болниот од Босфорот“?

Паничниот страв на Ердоган од губење на моќта и од улогата само на репрезентативен претседател доведе до тоа, Турција неизбежно да стои пред крстопат: на денешните парламентарни избори се решава за тоа, дали земјата со одамна разводнети амбиции за пристап кон ЕУ ќе сврти од курсот на современоста или ќе остане на колосекот на политички и економски разум. Ако се одврати од универзалните вредности на Европа, на државата која е во директно соседство со многу немирниот блискоисточен регион и’ се заканува повторно да стане „болниот од Босфорот“, како што од своите непријатели беше понижувачки наречено Османлиското царство, кое сега Ердоган толку го фали.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми