1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Турција на пат кон изолација“

Даниел Хајнрих
5 ноември 2016

Експертот за Турција, Кристоф Рам говори за чувствителноста на претседателот Реџеп Таип Ердоган и за идниот курс на земјата

Türkei Präsident Tayyip Erdogan beim Tag der Republik in Ankara
Фотографија: REUTERS/U. Bektas

Апсења на лидерите на прокурдската парламентарна партија ХДП, на уредниците на опозицискиот весник Џумхуријет, закани за укинување на договорот за бегалците со ЕУ, обвинувања до Германија. Турските власти натамошно ги заоструваат мерките против неистомислениците како дома така и во странство. За тоа каков курс следат и ќе следат властите во Анкара предводени од претседателот Реџеп Таип Ердоган, говори германскиот експерт кристоф Рам.

Дојче веле: Ердоган вели дека Германија е „прибежиште за терористи“. Што може да се каже уште за ова?

Кристоф Рам: Изгледа дека на Ердоган внимателните критики на германската влада поради односот на турските власти кон весникот „Џумхуријет“ сепак нешто му значат. Инаку воопшто не би се огласил на ваков начин.

Според она што Ердоган го кажа за Германија дека е засолниште за движењето на Ѓулен, за ПКК и за левоекстремните ДХКП-Ц.

Има ли во тоа вистина?

Кон овие организации тука се однесува во согласност со нормите на правна држава. Токму поради тие причини и во Германија постојат процеси против ПКК и ДХКП-Ц кои се во целост спорни. Во случајот со движењето на Ѓулен проблем е тоа што турската страна досега воопшто не прати докази. Но тие би биле неопходни за да се започнат истраги.

Кристоф РамФотографија: Universität Bern

Турската писателка Асли Ердоган од затвор прати писмо до Дојче веле. Таа пишува: „Секое мислење кое само малку отстапува од мислењето на владеачите е загушено.“ Не работи ли турската влада, и покрај протестите во странство, токму тоа што таа го сака?

Турција на надворешнополитички план моментално се наоѓа на директен пат кон изолација. Тоа има многу врска со внатрешната политика. Од една страна АКП по (неуспешниот) воен удар има се’ под контрола и речиси сама може да ја одредува актуелната политика. Во редовите на АКП сепак се размислува уште понатаму: Тие сакаат да искористат поволен момент и да воведат претседателски систем во Турција. Кон тоа АКП тежи, во најмала рака неофицијално, да создаде коалиција со деснонационалистичката МХП. Двете страни се на изолационистички, деснонационален курс. Зад кулисите всушност многу се преговара. Воведување смртна казна е една од темите кои се наоѓаат во игра.

 

Турскиот министер за надворешни работи се закани дека ќе го откаже договорот за бегалците доколку Турција не добие укинување на визите за своите граѓани од ЕУ. Дали е ова блеф?

Прашање е во која мерка овој договор за бегалците е воопшто средство за притисок, во која мерка Турција има интерес да дозволи масовно поминување на бегалците во Грција. Со тоа земјата би ризикувала разидување со Европа, а Турција во моментов има многу фронтови: Од една страна во внатрешната политика, од друга страна секако сосема конкретно во надворешната политика на пример во Сирија. Јас секако во моментов не сакам да прогноизирам. Во последно време се случија многу непредвидливи работи.

Како да се објаснат германско-турските односи?

Комплетните врски во моментов зависат само од договорот за бегалците. Во заднината на тоа е односот толку лош како што долго не бил. На една страна имаме меѓусебни односи меѓу двете влади, а на друга човечко ниво.

Во Германија живеат милиони граѓани со турско потекло.  Каков сигнал би требало да им се испрати овие денови?

Многу важен сигнал би бил да не се перцепираат сите луѓе со турско потекло во Германија како Турци или како симпатизери на Ердоган. Спектарот на луѓе со турско потекло во Германија се одразува на сѐ она што постои и во Турција: од десница до левица, Курди, алевити, сунити. Оваа разноликост треба да се земе во предвид. Луѓето во голем дел се и против Ердоган и се вознемирени поради тоа во која насока се движи Турција. Овој факт би требало да се земе во предвид и во известувањето за Турција.

Доктор Кристоф Рам е експерт за Турција и работи на Универзитетот во Бон.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми