1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опозицијата речиси ја нема на телевизија

Џеферсон Чејс
14 април 2017

Поддржувачите на кампањата „не“ за спорниот референдум за промена на уставот во Турција добиваат упадливо малку простор на големите турски телевизии. Прокурдската партија ХДБ се жали на „ембарго“.

Symbolbild Türkei Einschränkung der Meinungsfreiheit
Фотографија: picture alliance/dpa/H. Kaiser

Привршува кампањaта на симпатизерите и противниците за спорниот референдум за промена на турскиот Устав. И на големите телевизиски канали референдумот е главна тема. Неговите противници, додуша, не можат да дојдат на ред. На пример, прокурдската партија ХДП. „Како на државната, така и на приватните телевизии, тоа е вистинско ембарго“, се жали за ДВ Сарухан Олуч, заменик копретседател на ХДП. „Државната телевизија ТРТ ниту еднаш не нѐ повика. А приватната телевизија Фокс ТВ во минатата недела еден единствен пат во живо ја пренесе изјавата на еден наш пратеник во Анкара. Тоа е јасна дифамација“, вели Олуч.

Тој впечаток го потврдува и извештајот кој неодамна го објави платформата „Единство за демократија“. Таа обединува над 100 различни иницијативи и организации. Резултатот на нејзиниот извештај е: пред референдумот, големите турски телевизии крајно неправедно го распределија времето наменето за претставување на симпатизерите на уставните промени и нивните противници.

Рамноправен третман не е пожелен

Сарухан ОлучФотографија: HDP

Извештајот се базира на податоци од Врховниот радиотелевизиски совет на Турција (РТУК). Со него се опфатени 17 телевизиски станици, меѓу кои се и ТРТ1, приватните телевизии Канал Д, ЦНН Турк, Фокс ТВ и ХаберТурк. Резултатот: на претставниците на претседателската канцеларија и на владејачката партија АКП во првите 3 недели од март во емисиите во живо им се доделени 470 часа емитување. Опозициската социјалдемократска ЦХП, која се залага за „не“ на референдумот, добила само 45 часа. Прокурдската ХДП не добила ниту минута. Со извештајот се опфатени и податоци од информативни емисии: разликата и тука е огромна: Од 1. до 10. март, на симпатизерите на претседателот Реџеп Таип Ердоган и на членовите на АКП во вестите им се посветени 136 часа, на ЦХП-17 часа, а на ХДП- само 33 минути.

Турските медиуми не мора да стравуваат од никакви последици поради тоа. Бидејќи, власта месец и половина пред референдумот донесе одлука со која се укинати важечките казни за медиумските куќи кои неправедно ги третираат партиите. Оттогаш стана јасно дека владата сака во рамките на референдумската кампања да ги задуши опозициските ставови.

Страв од десничарските противници на референдумот?

Последиците од овие ограничувања не ги чувствуваат само социјалдемократската ЦХП и прокурдската ХДП, туку и опозициското крило на националистичката партија МХП. Тоа би можело да стане опасно и за Ердоган. Додека претседателот на партијата Девлет Бахчели го поддржува создавањето на претседателскиот систем на владеење, групата на Синан Оган е за негативен одговор на референдумското прашање. И би можела за таквиот став да придобие и симпатизери на Реџеп Таип Ердоган.

Синан ОганФотографија: Sinan Ogan

Синан Оган во тоа гледа една од причините поради кои ни тој ниту неговите луѓе не можеа да изјават ништо во државните медиуми. „Кога социјалдемократската ЦХП ќе го повика народот на референдум да каже „не“, тој повик нема да го следи ни еден десничар. Но, бидејќи ние сме во десното крило, сѐ што ќе кажеме има големо влијание. Затоа медумите не ги гушат ЦХП како нас“, рече Оган за ДВ. Тој додава дека имал само еден настап на телевизијата Фокс ТВ. „Мејнстрим-медиумите како ХаберТурк, НТВ, ЦНН Турк, по некој пат ќе нѐ споменат, ќе ни посветат две реченици во вестите.“

Оган ја обвинува државната телевизија ТРТ1 оти под плаштот на информирање за референдумот врши пропаганда во корист на Ердоган. Тој тврди дека и приватните телевизии добиле наредба од Ердоган да не им дозволат на опозициските политичари од МХП да застанат пред камера.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми