1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Турција сака продор на Балканот“

Немања Рујевиќ
9 октомври 2017

Неоотоманизмот е пуст сон на политичката елита во Турција. Но тамошните стопанственици на Балканот може да најдат што им треба- пазар и евтина работна сила,вели за ДВ, економскиот аналитичар од Истанбул, Атила Јешилада.

Vucic in Erdogan im "Diktatorsakko"
Фотографија: Getty Images/AFP/O. Bunic/O. Kose

ДВ: Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган утре (10 октомври) ќе дојде во Србија со делегација со 150 луѓе од светот на бизнисот. Тоа не се гледа секој ден.

Атила Јесилада: Дозволете да Ве поправам: господинот Ердоган на ваквите патувања често води многу бизнисмени ако очекува подобрување на економските односи меѓу одредени земји и Турција. Балканот е една од примарните цели на турската експанзија на два начина. Прво, имаме неоотоманизам- знаете, Турците живеат во илузија дека нивните поранешни колонии ги почитуваат, па таму можат да го шират бизнисот и политичкото влијание. Второ, постои комплементарност на економските потреби.

На што мислите?

Ние можеме да извезуваме евтино во тие земји и таму да правиме фабрики кои можат да прозведуваат поевтино од турските. Во тој смисол економиите се комплементарни- ние го имаме она што ним им е потребно, а тие имаат потенцијал од нас да купуваат и да произведуваат. Слично е направено во Македонија, Албанија и во БиХ, па сметам дека таквото влијание господинот Ердоган сака да прошири во Србија.

Рековте дека главна цел на Турција е пазарот во ЕУ. Дали, меѓутоа, на Балканот се бара и нов пазар со оглед на моменталните односи со Германија и ЕУ?

Турската официјална позиција е оти заострувањето на односите со Германија е последица од предизборната кампања во Германија. Но јас мислам дека многумина во Анкара сфаќаат оти конфликтот со Берлин е сепак суштински. Постои оправдан страв дека би можеле да следат економски санкции кои ќе влијаат врз трговијата и инвестициите. Турција секогаш бара нови пазари бидејќи домашната побарувачка е помала. Клучен збор во турската економија годинава е- извоз. Тој годинава е зголемен за 13 насто. Новата економска програма на Владата предвидува дека економијата годишно ќе расте со 5,5 отсто реално до 2020 година. За да се постигне таа цел многу е важно да се задржи трендот на зголемен извоз. Секако, Балканот во тој смисол е лукративен пазар. Значи не само Блискиот Исток и ЕУ, туку и Балканот и Африка мораат да бидат столбови на кој расте турскиот извоз.

Веќе споменавте политика... дали Турција низ економијата тежи и кон политичко влијание на Балканот?

Не само низ економијата, туку Турција го капитализира своето исламско наследство за да го зголеми своето влијание- секако не во Србија која е православна. Тоа се’ заедно би го нарекол мека моќ која добро работи во Албанија и во БиХ. Таму Турција праќа имами, а има влијание и низ добротворни фондации. Јасно, Турција покрај Русија сака да стане голем играч на Балканот.

Атила ЈешиладаФотографија: privat

Најпрво Анкара се грижи за стабилноста на тој простор. Второ, власта на АКП- а со тоа не се согласувам- смета оти ЕУ среднорочно би можела да стане повеќе ривал отколку партнер, а дека Балканот ќе биде еден од терените на кој ќе се одмеруваат силите. Додека ЕУ нуди перспективи за интеграција и пристап, Турција сака да стави нешто конкретно поради кое балканските земји попрво би се ориентирале кон Турција отколку кон ЕУ.

Ердоган веројатно може одлично да се разбере со балканските лидери. На пример со Вучиќ, двајцата се некој вид автократи.

Тоа е, исто така, точно. Турција очигледно има проблем со демократските земји како што се гледа во односите со Германија, Холандија, Австрија и всушност речиси сите земји во ЕУ. Во САД немаме големи проблеми со Трамп, но Конгресот и правосудството се друга приказна. Но, дозволете да укажам на можните замки: неоотоманизмот е, како што реков, сон. Никогаш не сум видел дека некоја колонијална сила е дочекана со раширени раце во една поранешна колонија. Тоа на Турција секако не ѝ успеа на Блискиот Исток.

Не мислам оти на Балканот постои голем ентузијазам за турска експанзија. Србија е националистичка колку и Турција, а раните од војната во Босна не се зараснати како што треба. На психолошко ниво приближување е можно, но под знак прашалник е дали турските компании лесно ќе продрат во Србија. Ќе потсетам дека Турција има слични предности во економски поглед во однос на Грција, но експанзија на тој пазар никогаш не се случи бидејќи грчкото општество има задршка кон Турција, како што и ние имаме задршка кон нив.

Исто така, турската мека моќ за која говорев на Балканот наидува на поумерена исламска традиција. Има приговори дека Турција се обидува да ги политизира муслиманите на Балканот. Таму мора внимателно да се пристапи. Јасно е дека досега турските напори не вродија премногу со плод. Да речеме во Ирак гледаме поинакви резултати- Турција е најголемиот извозник во ирачки Курдистан. Во субсахарска Африка бројките покажуваат значителен раст на извозот. Азербејџан е сигурен партнер од очигледни причини, но не направивме продор на Балканот. Можеби затоа бидејќи Балканот е сиромашен и потребни се многу инвестиции пред да се собере профит.

Доктор Атила Јешилида, 1961, е истанбулски економист и еден во водечките економски и политички коментатори во Турција. Тој е соосновач на порталот Istanbul Analytics  и соработник на њујоршката консултантска куќа Global Source Partners и има предавано на повеќе американски универзитети.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми