1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МедиумиГерманија

Турција ја блокираше работата на Дојче веле

1 јули 2022

Турскиот радиодифузен регулатор го блокираше пристапот до интернет страниците на ДВ со барање да поднесе лиценца за работа. Германскиот радиодифузер одбива да аплицира за лиценца и најавува тужба.

Deutsche Welle Logo
Фотографија: picture alliance/dpa/Oliver Berg

Турскиот Совет за радио и телевизија ги блокираше содржините на германското Дојче веле поради спор околу лиценците. Од четвртокот во Турција не се достапни интернет страниците на ДВ на сите јазици, заедно со оние на меѓународниот радиодифузер Гласот на Америка. ДВ објавува вести на 32 јазици, вклучително и турски.

Во февруари, турскиот регулатор ги повика ДВ и другите меѓународни медиуми да аплицираат за радиодифузна лиценца, во согласност со медиумскиот закон од 2019 година, или да се соочат со забрана за емитување.

ДВ соопшти дека одбил да го стори тоа, „затоа што лиценцирањето би ѝ овозможило на турската влада да ги цензурира содржините“.

„Јасно укажавме во долгата кореспонденција и во директни разговори со првиот човек на турското регулаторно тело, зошто ДВ не може да аплицира за таква лиценца. На пример, медиумите лиценцирани во Турција мораат да бришат онлајн содржини кои регулаторот ги смета за несоодветни. Тоа е неприфатливо за меѓународен медиуми“, вели генералниот директор на ДВ, Петер Лимбург.

„ДВ ќе започне правна постапка против блокадата“, додаде тој.

ДВ, заедно со уште неколку меѓународни радиодифузери, е меѓу ретките преостанати медиуми од кои турските граѓани можат да добијат независни информации.

Десетчлениот Борд на турското регулаторно тело е составен од претставници на партијата на претседателот Реџеп Ердоган, АКП, како и на нивните коалициски партнери, деснорадикалната МХП.

По неуспешниот пуч против Ердоган во 2016 година, турските власти ги затворија речиси сите критични медиуми, а голем број новинари и уредници завршија во затвор.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми