1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Турција ја задушува критиката по земјотресот

Даниел Хајнрих
28 јануари 2020

Да не ги игнорираше сите предупредувања, владата можеше да спаси човечки животи, се вели. Обвинителството започна истрага, но не против одговорните, туку - против критичарите.

Türkei | Bergungsarbeiten nach dem Erdbeben in Elazig
Фотографија: Getty Images/B. Kara

Наџи Горур испратил предупредување до сите: 72-годишниот геолог од Техничкиот универзитет во Истанбул и самиот потекнува од земјотресната област Елазиг во источниот дел од Турција. Во изминатите месеци тој неуморно ги опсипувал надлежните служби и жителите на својот роден регион со предупредувања, преку гостувања во телевизиски емисии и на различни манифестации Горур повторувал: претстои тежок земјотрес. Тој ги информирал и регионалната управа и војската, дури отпатувал во оддалечената провинција за да ги повика луѓето своите куќи да ги градат почитувајќи ги правилата за сеизмичка градба. Преку турскиот канал на Си-Ен-Ен научникот во октомври изречно го посочил Сивриџе за можен епицентар на силен земјотрес. Малото гратче јужно од Елазиг навистина беше епицентар на подоцнежниот земјотрес.

Резултатот од напорите на Горур за него е поразителен: „Речиси ништо не беше направено“. Геологот е целосно разочаран со оглед на катастрофалниот биланс на земјотресот.

Брза реакција на спасувачките екипи

Последиците од непреземањето мерки се фатални: бројот на жртвите, според официјалните податоци, се искачи до 41, а околу илјада повредени се сместени во болниците. Ако спасувачките екипи не реагираа толку брзо, билансот на загинатите ќе беше уште поголем, уверен е Ибрахим Алтан, генерален директор на турската Црвена полумесечина: „Кога ја чув силината на земјотресот, ме опфати страв. Но, се чини дека целата работа ја поминавме со релативно помали размери. Службата за заштита од катастрофи навистина брзо ги спроведе мерките за откривање и спасување. Тимовите се многу добро координирани.“ Спасувачките екипи успеаја да извлечат живи 45 луѓе.

Уште додека на викендот напорите за итно згрижување течеа со полна пареа, од Анкара стигнаа првите реакции. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган преку Твитер им испрати на повредените желби за брзо оздравување, а на блиските на настраданите изрази со сочувство. Кратко потоа Ердоган самиот го посети местото на несреќата.

Критика не е посакувана

Но, Ердоган исклучително сензибилно реагираше на критиката дека службите ги игнорирале укажувањата. Многу луѓе, посебно на социјалните медиуми, по земјотресот му дадоа израз на својот гнев поради политиката на турската влада. Во коментарите многумина се прашуваа дали државата не можеше подобро да го заштити населението. Ердоган не дозволи лоцирање вина кај себе и ги обвини критичарите за злоупотреба на несреќата во евтина дневна политика. На социјалните медиуми до неговата влада беа поставувани прашања - што презеде во последните две децении од доаѓање на власт за заштита од земјотреси, на што Ердоган одговори со реторичко контрапрашање: „Можеме ли да ги запреме земјотресите?“

Претседателот Ердоган на погреб на една од жртвите во земјотресот во ЕлазигФотографија: Reuters/Presidential Press Office

Колку е несакана критиката за однесувањето на службите на друго место брзо стана многу појасно. Во рок од само неколку часа, обвинителството во Анкара поведе истрага против 50 осомничени поради „провоцирачки изјави“ за земјотресот на социјалните медиуми. Ова го пренесува државната новинска агенција Анадолу. Луѓето се обвинети за ширење „страв и паника“, како и за јавно навредување и омаловажување на државата со нејзините органи. Најмалку двајца корисници на социјални мрежи се притворени поради лажни тврдења со кои ширеле „паника и страв“, соопшти обвинителството.

На прашањето на Дојче веле за детали, надлежното Министерство за правда во Анкара не реагираше. Односот на службите се поклопува со проценките на меѓународните организации за слобода на мислење и печат, во светски рамки, Репортери без граници ја рангира Турција на 157 место од 180 држави. 

Опасноста не е помината

Според геологот Наџи Горур опасноста ни сега, по земјотресот, не е ни оддалеку помината. Посебно загрозени се областите источно од Елазиг во правец на Бингол и југозападно кон Малатија. Овие градови се наоѓаат на источноанадолската линија на тектонските плочи, кои се наоѓаат во движење.

Ваквите предупредувања не се нови во турската политика. Пред околу 20 години се случи земјотрес од историски димензии кој ја трауматизираше целата земја. Во август 1999 година потрес со јачина од 7,6 степени ја погоди северна Турција и регионот на Истанбул. Најголем дел од уништените куќи се урнаа поради  фушерски градежни работи,  загинаа 18.373 луѓе, а беа повредени околу 50.000. Наџи Горуг смета дека во секое време е можна земјотресна катастрофа во 16-милионскиот град. И по страшната несреќа во Елазиг тој е сигурен дека надлежните служби повторно ќе бидат неподготвени.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми