1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција ја засилува борбата против ИД

Седа Сердар/превод: БГ24 јули 2015

По нападот во Суруч во кој загинаа 32 лица, Турција одлучи да одговори со силна воена акција против ИД. Воздушните напади се прв сигнал за промена на турската политика кон „Исламската држава“, смета Седа Сердар

Фотографија: picture-alliance/AA/Veli Gurgah

Причината за воздушните напади не е само нападот во Суруч туку и заканите кои Турција ги добива на границата и на својата територија. Пред само неколку дена, милитантите на ИС ги нападнаа турските воени сили, по што следуваше жесток одговор. Сето ова се случува по речиси едногодишни преговори со САД за турскиот ангажман во борбата против ИД.
Поблиската соработка во битката против тероризмот ќе доведе и до отворање на базата Инџирлик, што ќе биде голема предност за коалициските сили. Досега, базата беше користена за логистичка и разузнавачка поддршка. Во иднина од неа ќе биде изведувани и воздушни напади, што ќе им овозможи на сојузничките авиони побрзо да стигнуваат до целите на ИД, но и подолго да остануваат во воздух и да ги гонат милитантите. САД одамна бараат да ја користат базата Инџирлик за воздушни напади, но договор немаше затоа што претседателите Реџеп Таип Ердоган и Барак Обама не беа во најдобри односи.

Седа Сердар

Иако турската влада одамна ја препозна опасноста од ИД, не беа преземени вистински чекори за справување со терористичката организација. Погрешните политики на теренот доведоа не само до нападот во Суруч, туку и до судири меѓу борците на Курдската работничка партија и ИД, со што беше загрозен и домашниот мир.
Тука лежи и вториот проблем. Мировниот процес со кој треба да и се стави крај на 30 годишната борба со терориристичката ПКК во Турција, долго е замрзнат. Новите напади на ПКК врз турските сили последниве денови, покажуваат дека проблемот е и натаму присутен, а не помагаат ниту долгите преговори за формирање на нова турска влада.

Следните чекори

Најважниот аспект за Турција во моментов е да ги обезбеди мирот и стабилноста дома. Државата ќе мора да најде начин да се одбрани од тероризмот, но во истовреме и да не западне во состојба на хаос. За тоа треба да се преземат повеќе чекори. Најпрво, мора да се стави крај на анимозитетот во самото општество. Сите политички актери мора да повикаат на единство во земјата затоа што тероризмот е најголемиот непријател. Следно, Турција мора да ги забрза напорите за обезбедување на границата. Најавите дека тоа ќе се прави во следните 3 години не се многу охрабрувачки. И на крај, Турција мора социјално да се преиспита и да се запраша зошто толку многу млади луѓе и се приклучуваат на „Исламската држава“, и мора со конкретни мерки да и се спротивстави на пропагандата на ИД.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми