1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Туск бара здрав разум, Иванов не попушта

БГ
3 април 2017

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск му порача на македонскиот претседател Ѓорге Иванов дека ќе добие поддршка доколку се најде решение за кризата врз основа на демократски начела, пристојност и здрав разум.

Brexit-Hauptakteure - Donald Tusk
Фотографија: Getty Images/L. Neal

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов и натаму одбива да го додели мандатот за формирање нова влада, наведувајќи ја платформата на албанските политички партии како клучен проблем. По денешната средба со претседателот на Европскиот совет, Туск во Скопје, Иванов говореше за потребата од европски реформи и побара од ЕУ да ги отвори преговорите за поглавјата 23 и 24, не само со Македонија, туку и со сите земји во регионот.

„Приоритет на партиските лидери треба да биде спроведување на реформите, а не спроведување на постизборна платформа договорена во туѓи држави. Оваа платформа ја загрозува унитарноста на државата“, рече Иванов на заедничката прес-конференција.

„Уценета влада е нестабилна влада. Ни требаат реформи, а не платформи“, вели тој.

Туск му порача дека актуелните времиња „бараат државнички однос и ништо помалку“. Тој ја повтори поддршката за европската иднина на Македонија.

„На вашата земја ѝ е потребно единство, се надевам дека ќе продолжите на тој пат и ќе избегнувате сѐ што може да ги подгрее тензиите на меѓуетничка основа“.

Претседателот на Европскиот совет оцени дека политичката криза го блокирала патот на Македонија кон ЕУ. Тој му порача на Иванов дека може да се надева на поддршка од ЕУ, само доколку пронајде решение за излез од неа.

ЕУ, рече Туск, очекува „да најдете решение врз основа на демократски начела, пристојност и здрав разум“. „Само таквото решение може да биде одржливо“, порача Туск во Скопје.

Македонскиот претседател пред десетина дена одбегна да се сретне со европскиот комесар за проширување Јоханес Хан и тројца пратеници во Европскиот парламент кои дојдоа во Скопје во обид да посредуваат во политичката криза. Тие му порачаа на Иванов дека мора да ги почитува демократските принципи и да го додели мандатот за формирање влада. Слична порака до Иванов, деновиве испрати и шефот на германската дипломатија Зигмар Габриел.
Извори во Брисел тврдат дека се размислува за начини како да се казнат македонските политичари кои одбиваат да се однесуваат согласно демократски норми и начела. Веќе подолго време се споменуваат и можни санкции против поединци.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми