1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уапсен поранешниот охридски градоначалник Петрески

Милчо Јованоски21 ноември 2014

Поранешниот градоначалник на Охрид Александар Петрески и уште 14 лица се лишени од слобода. Осомничени се дека го оштетиле буџетот на општината за околу 2 милиони евра, соопшти МВР.

Фотографија: Milco Jovanoski

Денеска, полицијата од слобода лиши 14 лица , едно лице во моментот е надвор од државата, а за уште едно лице се преземаат активности залишување од слобода.

До ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, поднесена е кривична пријава против сите 16 лица за кривичните дела „злосторничко здужување“,„злоупотреба на службена положба и овластување“, „перење пари и други приноси од казниво дело“,„оштетување или повластување на доверители“, фалсификување или уништување на деловни книги “, „примање поткуп “ и „помагање“.

За организираната криминална група, составена од 16 лица постои сомневање дека во континуитет, во периодот од 2007 до 2013 година , биле инволвирани во криминални активности поврзани со злоупотреби при спроведување на постапка за јавни набавки спротивно на законските прописи со привилигирање и во корист на повеќе правни и физички лица блиски до членовите на криминалната група, соопшти МВР. Како организатори фигурираат шест лица од Охрид на возраст од 38 до 59 години, додека како помагачи биле инволвирани уште 10 лица од кои 9 се од Охрид и едно лице е од Струга, соопшти МВР. Полицијата се сомнева дека групата била предводена од првоосомничениот Петрески, кој во својство на одговорно лице – Градоначалник на Општина Охрид во периодот 2007 до месец март 2013 година формирал „злосторничко здружение“ во кое вклучил лице вработено во општината со Договор за дело од 2006 до 2009 година како негов советник, а од 2009 година во својство на раководител на Одделението за сообраќај и патишта , потоа Раководител на Одделението за комунални дејности, Раководител на Секторот за туризам и локален економски развој. Во групата, според МВР, како членови биле вклучени и тројца сопственици и управители на правни лица , кои учествуале во вршењето на кривичните дела при спроведување на постапки за јавни набавки спротивно на законските прописи со привилигирање и во корист на повеќе правни и физички лица блиски на криминалната група.

Екс – градоначалникот наводно и претходно бил на распит во полиција

Приведениот Александар Петрески два мандати беше градоначалник на Охрид. Посебно за време на вториот мандат Општината , како што претходно изјавуваше тој во медиумите, постојано била на удар на инспекциите, но по неговото заминување од функцијата новата општинска власт во име на траснпарентноста најави дека ќе се прегледа севкупното, особено финансиско работење на предходната локална власт.

Јавна тајна беше дека финансиската полиција речиси две години ја „чешла“ вкупната општинска документација во Општината. Тоа пред година и пол при посетата на Охрид и општината индиректно го посочи и директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков. Неофицијално Петрески во неколку наврати и досега бил повикуван на информативни разговори во СВР – Охрид каде Оделението за организиран криминал ги имало под лупа финансиското работење на општината за времето во кој Петрески беше прв човек на Охрид.

Јавноста поделена и плете разни приказни

Охрид денеска беше во исчекување на деталите кои требаше да ги соопштат од Министерството за внатрешни работи. Од Кабинетот на градоначалникот Никола Бакрачески ни беше рчено дека Општината и градоначалникот оставаат полицијата и истражните органи во целост да ја спроведат истрагата и да ги утврдат фактите.

Слична е и изјавата на претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО – ДПМНЕ Атанаско Михаилов , тој ни рече: „Веруваме во преземените дејствија на полицијата и на останатите надлежни истражни органи. Чекаме тие да ги преземат сите законски постапки.“

Лидерот на Општинска СДСМ од Охрид Томислав Тунтев чиј член беше екс градоначалникот а и голем дел од приведените лица на прес запраша: „Дали на власта и треба нов политички полигон со монтиран судски процес и дали акцијата „Јагула“ не претставува политичка хајка и пресметка со неистомислениците на власта.“

Дел од јавноста во Охрид коментира во стилот на онаа народната – „кој како си дробил нека срка“ а други сметаат дека со приведувањето на поранешниот градоначалник и останатите лица власта сака да ја дефокусира јавноста од состојбите во градот и пошироко.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми