Убиецот од Утрехт обвинет за тероризам
21 март 2019Осомничениот напаѓач од Утрехт треба да одговара за повеќе убиства со терористички мотив. Ова го соопшти обвинителството во холандскиот град. Тој според истражителите веројатно дејствувал сам. „Истрагата во меѓувреме утврди дека осомничениот за време на пукањето не добил никаква помош од други луѓе ". Осомничен за злосторството е Ѓокмен Т, кој беше уапсен во понеделникот вечерта. 37-годишниот маж во понеделникот утрината во трамвај во Утрехт уби три и тешко рани уште три лица. Тој за првпат ќе биде изведен пред истражен судија во текот на утрешниот ден. Обвинителството меѓутоа не исклучува ниту лични проблеми како мотив за напаѓачот во комбинација со радикализација. Треба да биде направено и психијатриско вештачење. Гласините дека може да станува збор за злосторство поради пропадната врска меѓу сторителот и некоја од жртвите досега не можеа да бидат потврдени.
Сѐ уште не е јасно каква улога играл друг човек, кој беше уапсен во вторникот. Обвинителството поаѓа од тоа дека тој му помогнал на осомничениот дури по злосторството.