Убиството на британскиот пратеник е терористички акт
СН/агенции
16 октомври 2021
Велика Британија е длабоко потресена од убиството на пратеникот Дејвид Ејмс, кој беше избоден до смрт од млад човек во црква во округот Есекс. За полицијата е сега е јасно дека станува збор за терористички акт.
Реклама
Убиството на британскиот пратеник од редовите на Конзервативната партија, сер Дејвид Ејмс, за кое е осомничен и уапсен 25 годишен маж, полицијата го квалификуваше како терористички напад.
Ејмс (69), член на Конзервативната партија на премиерот Борис Џонсон, е избоден со нож вчера околу пладне во Методистичката црква Белферс во местото Леј во Есекс, на истокот на Англија.
Телевизијата „Скај њуз“ извести дека уапсениот маж е британски државјанин со сомалиско потекло.
Полицијата, чија единица за борба против тероризам го презеде случајот, денеска соопшти дека ова убиство го води како терористичко дело, пренесе новинската агенција Ројтерс.
„Првите наоди од истрагата укажуваат на потенцијална мотивација поврзана со исламистички екстремизам“, наведе полицијата.
Соопштено е дека 25-годишниот маж, кој е осомничен за ова убиство е уапсен на лице место, а во рамки на истрагата полицијата во моментот врши претрес на две адреси во околината на Лондон, а се верува оти осомничениот делувал сам. Полицијата во Есекс соопшти дека го пронашла ножот со кој е извршен нападот.
Лекарите на местото се бореле да му го спасат животот на пратеникот, кој беше нападнат за време средба со гласачите. Британските политичари го опишаа ова убиство како напад на демократијата.
„Дејвид беше човек кој страсно веруваше во оваа земја и во нејзината иднина, ние денеска загубивме прекрасен државен службеник и многу сакан пријател и колега, а нашите мисли денеска се со неговата сопруга, деца и семејството“, рече премиерот Џонсон.
Министерката за внатрешни работи Прити Пател, наведе дека убиството на британскиот пратеник Дејвид Ејмс отвора нови прашање за безбедноста на членовите на парламентот.
Ејмс, кој беше член на парламентот од 1983 година и е татко на пет деца, кралицата Елизабета го прогласи за витез за неговата јавна служба во 2015 година.
Хронологија: Исламистички терористички напади во Европа
По нападите врз САД на 11 септември 2001 година, исламистите извршија бројни крвави напади и во Европа. Атентатот во Манчестер е последен во редот злосторства. Погледајте за кои напади станува збор во следнава галерија:
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Byrne
15.11.2003: Напад врз синагоги
Во Истанбул загинаа 23 лица во напади на атентатори-самоубијци во двете најголеми синагоги. При речиси истовремените експлозии на повеќе автомобили-бомби тешко беа повредени околу 300 луѓе.
Фотографија: Getty Images
20.11.2003: Терор во Истанбул
Во бомбашки напад врз британски конзулат и британска банка во Истанбул бера убиени 33 лица, а преку 400 беа повредени. Како сторители беа идентификувани 73 исламисти. Преживеаните 40 атентатори беа осудени на затворски казни.
Фотографија: AFP/Getty Images/I. Uncuoglu
11.03.2004: Бомбашки атентат во возови
Во Мадрид експлодираа 10 бомби во преполни возови за локален превоз. Загинаа 191, а беа повредени повеќе од 1800 луѓе. Еден шпански суд осуди 21 од вкупно 28 атентатори од Ал Каеда на повеќе од 40 000 години затвор.
Фотографија: AP
02.11.2004: Убиство на режисер и сатиричар
Филмскиот режисер, публицист и сатиричар Тео ван Гог, по емитувањето на неговиот филм „Сабмишн“ за угнетувањето на жените во исламот доби смртни закани, а потоа и беше убине од еден исламист на сред улица во Амстердам.
Фотографија: imago/BrunoPress
07.07.2005: Лондон во шок
Четворица атентатори во автобуси и во метрото во Лондон ги активираа речиси истовремено бомбите во нивните ранци. Во овој крвав напад животот го загубија 52, а стотици лица беа ранети. Злоделото остана неказнето - тројца соучесници беа ослободени.
По еден ден откако британската полиција спречи напад со автомобил-бомба во Лондон, џип влета во хала на аеродромот во Глазгов и се запали. Повредени беа пет лица.
Фотографија: picture-alliance/dpa
11.12.2010: Страв од терор во Шведска
Автомобил експлодира на овој агол во центарот на Стокхолм. Веднаш потоа на само неколку метри понатаму се разнесе атентатор-самоубиец. Среќа во несреќа: во обата напада немаше загинати, туку само повредени луѓе.
Фотографија: AFP/Getty Images/J. Nackstrand
02.03.2011: Германија во фокусот
Атентаторот Арид Ука во еден автобус на аероидромот во Франкфурт целно пука врз невооружени војници од САД. Притоа уби двајца, а тешко рани уште тројца од војниците. Овој атентат се смета за прв исламистички напад во Германија
Фотографија: picture alliance / dpa
02.11.2011: Напади против сатирата
Францускиот сатиричен магазин „Шарли Ебдо“ беше цел на напад поради објавување критички материјали за исламот. Во текот на ноќта низ прозорците беа фрлени молотови коктели во просториите на редакцијата. За среќа, никој не беше повреден.
Фотографија: picture-alliance/abaca
11. - 15.03.2012: Војници како цел
Во францускиот град Тулуз убиен е војник со истрел во главата. По четири дена уследија и други убиства. Убиецот во писмо во кое ја презема одговорноста, убиецот вели дека сакал да се одмазди за ангажманот на француската армија во Авганистан
Фотографија: picture-alliance/dpa
19.03.2012: И Евреите се на мета
Во натамошен напад, атентаторот од Тулуз уби учител и три деца пред едно еврејско училиште. Тој се радикализирал во една салафистичка група и се означи себе си како божји воин по налог на Ал Каеда.
Фотографија: Reuters
18.07.2012: Теророт ја зафати и Бугарија
Во напад врз автобус со израелски туристи во Бургас се убиени седум луѓе, а 30 се ранети. Одговорноста за нападот нешто потоа и’ беше припишана на либанската шиитска организација Хезболах.
Фотографија: Reuters
22.05.2013: Случајот Ли Ригби
Британскиот војник Ли Ригби беше прегазен со автомобил во едно лондонско предградие и од две лица во возилото беше убиен со ножови и мачета. По убиството сторителите не избегаа, туку дозволија да бидат снимани од минувачи.
Фотографија: imago/United Archives International
24.05.2013: Напад со нож во Париз
Во напад со нож во Париз е ранет еден војник. Малку подоцна полицијата го уапси напаѓачот. Тој, според полицијата, не бил приврзаник на џихадот, туку на едно пофундаменталистичко толкување на исламот.
Фотографија: Eric Feferberg/AFP/Getty Images
24.05.2014: Повратник од Сирија - атентатор
Вооружен напаѓач уби четворица луѓе во влезниот простор на Еврејскиот музеј во Брисел. Атентаторот има предисторија: се радикализирал в затвор и повеќе од една година војувал како џихадист во Сирија.
Фотографија: Reuters
07.01.2015: Напад врз слободата на печатот
Двајца атентатори ги нападнаа редакциските простории на сатиричниот магазин „Шарли Ебдо“ во Париз и убија 12 лица. Во супермаркет за кошер-производи се одигра грабнувачка драма со 4 жртви. Сите атентатори беа убиени од силите за безбедност.
Фотографија: DW/Bernd Riegert
13.11.2015: Париз во шок
Во координирани напади во Париз беа убиени 130 луѓе, а околу 300 беа ранети. Одговорноста за атентатите ја презема терористичката милиција „Исламска држава“. Речиси истовремено на шест места во Париз повеќемина атентатори извршија напади врз барови и ресторани, како и врз една концертна хала.
Фотографија: Getty Images/AFP/K. Tribouillard
12.01.2016: Напад врз туристи во Истанбул
Напаѓач самоубиец на Исламска Држава уби 12 лица во историскиот центар на турската метропола разнесувајќи се со бомба среде туристичка група.
Фотографија: Reuters/M. Sezer
22.03.2016: Двоен напад во Брисел
Исламистички атентатори со повеќе бомби усмртија 32 лица на меѓународниот аеродром и во метро станица во белгискиот главен град.
Фотографија: Reuters/RTL Belgium
14.07.2016: Напад со камион во Ница
Атентатор со камион влета во маса на шеталиштето на францускиот пристанишен град. Загинаа најмалку 86 лица. По нападот Исламска држава преку своја објава на страницата „Амак“ ја презеде одговорноста за ова злосторство.
Главниот град на Германија кусо пред Божик стана цел на терористички напад. Член на терористичката милиција Исламска држава уби 12 лица удирајќи со украден камион во центарот на божикен пазар. Неколку дена потоа, 24-годишниот Тунежанец е убиен во близината на Милано при полициска контрола.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler
22.03.2017: Напад во срцето на Лондон
Напаѓач со автомобил намерно заврте во пешачката зона на мост во центарот на Лондон, по што избоде еден полицаец. Четири лица им подлегнаа на повредите. Британските безбедносни сили го убија сторителот.
Фотографија: picture alliance/dpa/I. Aldama
07.04.2017: Терор во шопинг-зоната на Стокхолм
Во шопинг улицата во главниот град на Шведска напаѓач со украден камион удри прво во толпа луѓе, а потоа и во трговски центар. Пет лица го загубија животот, а 15 се повредени. Уште истиот ден, полицијата уапси 39-годишен Узбекистанец под сомнение за тероризам.
Фотографија: Reuters/TT News Agency/F. Sandberg
22.05.2017: Експлозија во Манчестер Арена
Најмалку 22 лица загинаа а близу 60 се повредени во нападот со импровизирана експлозивна направа во концертната сала во британскиот град. Експлозијата одекнала пред самиот крај на концертот на американската пејачка Аријана Гранде.