1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Убиството на иранскиот генерал - објава на војна

Јенс Јенсен
3 јануари 2020

Судирот меѓу САД и Иран опасно ескалира: откако високиот по ранг ирански генерал Касем Сулејмани е убиен во американски ракетен напад во Ирак, Техеран се заканува со сериозна одмазда.

Irak Qassem Soleimani
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Office of the Iranian Supreme Leader

Иранскиот духовен водач Али Хамнеи најавува одмазда поради смртоносниот американски ракетен напад врз иранскиот генерал Касем Сулејмани. Во порака на Твитер, Хамнеи на „злосторниците“ кои се одговорни за смртта на Сулејмани им се закани со „сериозна одмазда“, а во земјата прогласи тридневна жалост за убиениот генерал.

Возила во пламен близу аеродромот во БагдадФотографија: picture-alliance/AP/Iraqi Prime Minister Press Office

Касем Сулејмани, еден од највисоките по ранг ирански генерали,  САД го убија во текот на ноќта во Ирак.  Американското министерство за одбрана соопшти дека наредбата за напад во близина на меѓународниот аеродром во Багдад ја издал претседателот Доналд Трамп, како „чин на одбрана“. Се додава дека Сулејмани активно работел на планови за напад на американски дипломати и воени сили, а целта на американскиот напад е одвраќање на Иран од идни акции, аргументира Пентагон.

Непосредно по нападот, американскиот претседател Доналд Трамп објави твит без зборови, само со фотографија на американското знаме.

Покрај Сулејмани, чија смрт ја потврди и Техеран, во нападот е убиен и еден од лидерите на проиранските народно-мобилизирани сили, Абу Махди ел Мухандис, заменик претседател на милицијата Хашед-ал-Шааби.

Како командант на иранската Револуционерна гарда, Сулејмани беше на чело на специјалните единици, бригадата Ал Кудс и раководеше со мисии во странство. Револуционерната гарда претставува елитна единица на иранската војска, која САД ја класифицираат како терористичка организација.

Абу Махди ел Мухандис е исто така меѓу жртвитеФотографија: Reuters/T. al-Sudani

Напад во близина на аеродромот

Според податоци на ирачките безбедносни кругови, проектилите погодиле конвој возила на милицијата, а две возила експлодирале. Убиени се вкупно седум луѓе, а повеќемина се ранети. Ирачката војска официјално објави дека нападот се случил во близина на магацините покрај багдадскиот аеродром.

Иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф убиството на Сулејмани го оцени како „исклучително опасно“ и рече дека претставува „глупава ескалација“. Зариф во порака на Твитер го осуди убиството на генералот како „акт на меѓународен тероризам“. 

Иранското министерство за надворешни работи, преку претставник на швајцарската амбасада во Техеран, која таму ги застапува интересите на САД, порача дека Иран остро ја осудува американската акција.

Одмазда кон САД најави и бившиот командант на Револуционерната гарда, Мосен Резаи, истакнувајќи дека таа ќе биде „ужасна“.

Во Техеран е свикана итна вонредна седница на Врховниот совет за национална безбедност, како што изјави портпаролот на ова тело, а пренесува државната новинска агенција ИСНА. 

Загриженост во Демократската партија во САД

Адам Шиф од Демократската партија на САД, кој претседава со Комисијата на Претставничкиот дом на Конгресот задолжена за надзор над тајните служби, изрази загриженост.

Тој на Твитер напиша дека Сулејмани бил одговорен за „незамисливо насилство“ и светот без него ќе биде подобар. Но, американскиот Конгрес не го одобрил американскиот ракетен напад во Багдад, а „народот на САД не сака војна со Иран“, истакна Шиф. Американските единици сега би требало да бидат заштитени од „речиси неизбежна ескалација“. 

Поранешниот американски вицепретседател и можен претседателски кандидат на Демократите, Џо Бајден, смета дека сега е дојдено до работ на поголем конфликт на Блискиот Исток. „Американскиот претседател Доналд Трамп тукушто фрли динамит врз буре барут“, напиша Бајден на Твитер.

Нова кулминација во судирот САД - Иран

Иранскиот генерал Касим Сулејмани повеќепати бил виден заедно со припадници на шиитските милиции во Ирак и во Сирија. Неговата смрт претставува нова кулминација во судирот меѓу САД и Исламската Република Иран.

САД во текот на изминатиот викенд нападнаа припадници на шиитската милиција во Ирак. Во напад врз бригадите на Хезболах се убиени 25 борци. Како одговор на тоа,стотици демонстранти во вторникот упаднаа во посебно заштитената Зелена зона во Багдад и во комплексот на американската амбасадазапалија неколку стражарници, по што силите за безбедност успеаја да ги потиснат. Во оваа акција американската војска користеше и хеликоптери, а во регионот се префрлени дополнително уште неколку стотини американски војници.

Демонстранти ја нападнаа амбасадата на САД во Багдад во вторникотФотографија: AP/K. Mohammed

САД го обвинуваат раководството во Техеран за влечење конци во протестите и нападот врз американската амбасада во Багдад. Државниот секретар Мајк Помпео во средата директно го обвини сега убиениот Ел-Мухандис за нападот, а Иран го отфрли обвинувањето.

„Објава на војна“

Мнозинството од аналитичарите се изненадени од најновиот развој на ситуацијата. „Претседателот, кој ветуваше дека нема да ги воведува САД во нови војни на Блискиот Исток, тукушто прогласи војна“, истакнува шефот на Истражувачкиот центар на Меѓународната кризна група, Роберт Малеј. Смртта на Сулејмани, додава тој, не е само силен удар за Иран, туку и тежок удар против секоја надеж во деескалација на ситуацијата во регионот. 

Иранскиот аналитичар Мухамед Маранди на Твитер оцени дека нападот на САД всушност е објава на војна кон оружените сили на Иран и Ирак. „Би било најдобро сите американски граѓани веднаш да го напуштат регионот“, напиша Маранди.

Експертот за Иран, Филип Смит од Институтот за политиката на Блискиот Истокво Вашингтон, предвидува дека убиството на генералот Сулејмани ќе има поголемо влијание на настаните од убиството на лидерот на Ал Каида, Осама бин Ладен во 2011. година и лидерот на Исламска држава, Абу Бакр ал Багдади минатата година.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми