1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Убиството на Ѓинѓиќ: За марионетите и нарачателите

Немања Рујевиќ / Александар Методијев12 март 2013

Пред 10 години еден куршум одзеде еден живот, а ги промени животите на милиони луѓе. Се знае кој пукаше. Не се знае кој го нарача куршумот. За тоа сознание веројатно ќе бидеме покуси, како што не‘ учи искуството.

Фотографија: AP

Новинарските текстови за т.н. политичка заднина на убиството на премиерот Зоран Ѓинѓиќ потенцијално се многу здодевно четиво. Едноставно – нема ништо ново да се напише. Правдата запре кај оние кои на 12 март 2003 година го повлекоа чкрапалото и кај оние кои ги превезле напаѓачите до улицата Адмирал Гепрат. Милорад Улемек Легија, Звездан Јовановиќ и остатокот од групата веќе се вдомија во затворот Забела, а во тој затвор крај Пожаревац ќе ја дочекаат и криминалната пензија. Сепак, тешко кој разумен човек верува дека „група полуписмени паравојници сама го ликвидирала Ѓинѓиќ“, како што тоа во разговор за Дојче веле го формулираше Зоран Драгишиќ, експерт за безбедносни прашања.

„Политичката заднина нема да биде допрена, бидејќи убијците на Ѓинѓиќ дојдоа на власт по неговата смрт, а идеологијата која го уби владее и денес“, смета Драгишиќ. Тој вели дека целата работа не е лесно да се испита, бидејќи директните убијци одлучија да молчат за инспираторите, „бидејќи за нив така е најбезбедно“.

Видео секвенца од снимка на српската телевизија Б-92, на која се гледа обезбедувањето на тогашниот премиер Ѓинѓиќ кратко откако тој е погоден пред владината зграда во Белград на 12 март 2003 годинаФотографија: picture-alliance / dpa/dpaweb

Со поинакво мислење е адвокатот Срѓа Поповиќ, кој го застапува семејството Ѓинѓиќ.

„Се’ лесно би се истражило, ако некој има овластување да повикува луѓе, да ги сослушува и да добива документи“, вели Поповиќ за Дојче веле. „Такви овластувања јас немам. Обвинителот би можел да ја расчисти целата работа за три месеци“, додава тој.

Недопирливи во половична правда

Судењето поради побуната на Единицата за специјални операции (ЈСО), кое е во тек, се сопна на одлуката да не се сослушува Воислав Коштуница, тогашниот претседател на СРЈ. Тезата на Срѓа Поповиќ е дека Коштуница уште од побуната во 2001 година почнал со оркестрирана кампања за уривање на Ѓинѓиќ, во која учествувала воената служба за безбедност, Милорад Улемек и неговите Беретки, како и Земунскиот клан.

„Тие истовремено планираа убиство и голем митинг во Белград, на кој би била соборена владата. До тоа не дојде единствено затоа што беше воведена вонредна состојба“, вели Поповиќ.

Експертот за безбедност Драгишиќ потсетува на месеците кои му претходеа на атентатот, односно на митинзите на различни политички партии на кои убиството практично се најавувало. Тука не се мисли само на гафот на Томислав Николиќ за Тито и повредената нога.

„Ѓинѓиќ со месеци упорно е криминализиран за да се создаде впечаток во јавноста дека станува збор за мафијашка пресметка, односно дека Ѓинѓиќ го убиле неговите мафијашки колеги“, смета Драгишиќ.

Фотографија која го покажува Милорад Улемек - Легија (десно) и Звездан Јовановиќ (лево) за време на нивното судење во 2004 година. Легија се смета за мозок на операцијата за ликвидација на Ѓинѓиќ, а Јовановиќ за снајперистот кој со два куршума го уби ЃинѓиќФотографија: AP

Во таа кампања Срѓа Поповиќ посебно ја нагласува улогата на Слободан Вуксановиќ, поранешниот министер на Коштуница за образование и спорт. Вуксановиќ во 2000 година тесно ја губи трката од Ѓинѓиќ за прв човек на Демократската партија (ДС), излегува од партијата, прво преминува во Отпор, па кај Момчило Перишиќ, за на крајот да создаде своја партија и колективно да ја внесе во Демократската парија на Србија (ДСС) на Коштуница. Адвокатот Поповиќ во обвинувањата ги спомнуваше уште и Аца Томиќ, Велимир Илиќ, Небојша Човиќ...

„Мислам дека дојдов до целосната слика како работите се одвивале“, вели Поповиќ. „Во оригиналното обвинение за убиство имаше многу тези кои го поткрепуваа нашето гледање на случувањата. Но, кога обвинителот беше заменет и дојде нов обвинител, тогаш се виде дека не постои никаква волја да се оди во тој правец“, вели адвокатот и додава: „Не можам да сфатам дека не го приведоа и сослушаа Коштуница – ако ништо друго, барем за да го заштитат угледот на институциите“.

Потпретседателот на владата на Ѓинѓиќ, Жарко Кораќ, вели дека тоа што Коштуница практично е амнестиран од сослушување, па и во својство на граѓанин, е случај „единствен во историјата на Србија“. Кораќ во разговор за Дојче веле потсетува на петицијата која во 2011 година ја потпишаа угледни академици, националисти, „главно пријатели на Коштуница“.

„Петицијата всушност зборуваше дека Коштуница едноставно не може да се сослуша. Тоа е спротивно на идејата за правото, додека истовремено Коштуница се гордее дека е легалист и дека се заснова на правото“, вели Кораќ. Тој не сака да лицитира со имиња кои можат да имаат врска со убиството на Ѓинѓиќ, но потсетува на исказот на сведокот-соработник Дејан Миленковиќ Багзи, во кој тој експлицитно споменува контакти на Земунскиот клан и Небојша Човиќ.

„Се споменува дека имале мобилни телефони и контакти – во прашање се шокантни работи кои воопшто не се истражени“, нагласува Кораќ.

Немоќ и мижење

Врската на побуната на ЈСО и атентатот е директна, согласни се сите соговорници на Дојче веле. Оклопни возила на автопатот пред Белград и до заби вооружените (пара)војници уште во ноември 2001 година ја демонстрираа својата моќ и истовремено немоќта на владата на Зоран Ѓинѓиќ. Црвените беретки номинално протестираа поради испорачувањето на два свои члена на Хашкиот трибунал – Предраг и Ненад Бановиќ и бараа смена на министерот за полиција Душан Михајловиќ и врвот на Државната безбедност. Наместо Улемек и неговите другари уште тогаш да ја запознаат внатрешноста на затворот Забела, тие останаа на слобода доволно долго за да стасаат до главата на премиерот. Денес Беретките немаат никакво влијание и неофицијално членовите на оваа единица, кои не се апсени, се прераспределени на помалку значајни места во жандармеријата.

Адвокатот на мајката и сестрата на Ѓинѓиќ вели дека уште од побуната во 2001 година се почнало со оркестрирана кампања за уривање на Ѓинѓиќ, во која учествувала воената служба за безбедностФотографија: Picture alliance/dpa

„Ѓинѓиќ не можеше да ја расформира ЈСО веднаш по побуната, бидејќи таа единица доби директна поддршка од Воислав Коштуница, во тоа време врховен командант на вооружените сили. Тука Ѓинѓиќ доживеа политички пораз, бидејќи беше принуден да го смени раководството на Државната безбедност и да постави човек од ЈСО, Милорад Брацановиќ, како заменик-началник на Државната безбедност“, објаснува Жарко Кораќ.

Многу за разоткривање на атентатот не направи ниту Демократската партија на Ѓинѓиќ.

„Никој не наоѓаше политички интерес да ја истражи политичката заднина. Тадиќ настојуваше со сите да има односи кои нема да бидат затегнати. Тоа беше неговата филозофија – да се смири со сите. Посебно беше внимателен кога е во прашање Коштуница, затоа што овој има поддршка од Српската православна црква и Српската академија на науките и уметностите, односно интелектуалците-националисти“, забележува адвокатот Срѓа Поповиќ. Тој ги поднесува приватните тужби во име на мајката и сестрата на покојниот премиер.

„Срам е за Србија што со барањето на инспираторот на убиството се занимава семејството, а не обвинителството и полицијата по своја совест“, смета Кораќ. Инертноста на Демократската партија ја означува како „голем срам за Борис Тадиќ и тогашното раководство на партијата“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми