1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Убиството на Јан Куцијак - црното досие на Словачка

Кено Верзек
27 февруари 2018

Убиството на истражувачкиот новинар Јан Куцијак и неговата свршеничка ја потресе Словачка. Но, тој во исто време ги вади на виделина проблемите во Словачка со независното новинарство и политичката корупција.

Slowakei Mord an den Journalisten Jan Kuciak Trauer
Фотографија: Getty Images/AFP/V. Simicel

Меѓу централноевропските држави Словачка важи за земја за пример. За разлика од Полска, Чешка или Унгарија, популистичкиот наплив во Словачка е ограничен. Премиерот Роберт Фицо постојано повторува дека неговата земја му припаѓа на срцето на Европа и игра конструктивна улога во ЕУ.
Но, сега одеднаш е фрлена голема дамка: во ноќта кон понеделникот убиени се новинарот Јан Куцијак, 27, и неговата свршеничка Мартина Куснирова. Убиството длабоко ја потресе Словачка, затоа што е очигледно дека е поврзано со работата на Куцијак како истражувачки новинар.

Многу мотиви за убиството

Сепак, сѐ уште е неразјаснето што стои зад убиството. Мотиви не недостасуваат: 27-годишниот новинар на порталот Актуалити.ск во последните месеци пишуваше за врските меѓу лево-националната- социјалемократска влада на СМЕР со корумпирани претприемачи и со организираниот криминал, а притоа добивал и закани од контроверзниот трговец со недвижности Маријан Коцнер. Дополнително, постојат сомнежи дека убиството можеби го извршила италијанската мафија. Британско-словачкиот новинар Том Николсон за словачките медиуми изјави дека заедно со Куцијак работеле на истрага за измами со пари од фондовите на ЕУ од страна на италијанската мафија во Словачка.

„Без оглед кој стои зад убиството, во секој случај се работи за шокантно и длабоко потресно убиство, кое го доведува под големо прашање долгиот и комплициран пат на Словачка кон правна држава“, вели

словачкиот политолог Григориј Месезников од Институтот за јавна политика во Братислава за ДВ.

Роберт Фицо има историја на искажани навреди кон новинариФотографија: picture alliance/dpa/B. von Jutrczenka

Долга листа на напади врз новинари

Од прогласувањето на независноста на Словачка во 1991 година досега, никогаш не бил убиен еден новинар поради неговата работа. Но, листата на напади и инциденти со новинари е долга. Еден од последните поголеми случаи беше во јуни 2016 година, кога беше запален автомобилот на истражувачкиот новинар Милош Мајко. Двајца други новинари веќе со години се водат како исчезнати: во април 2008 година исчезна Павол Рипал, во март 2015- Мирослав Пејко. Бројни брутални напади врз новинари, пред сѐ во периодот на 1990-те години за време на режимот Владимир Мечијар остануваат нерасчистени. Ниту еден случај не доби судска разрешница.
И актуелниот премиер Фицо има проблематичен однос кон критичките новинари и независните медиуми. Фицо досега ги нарекувал новинарите „идиоти“, „хиени“, „го..ари“, „анти-словачки проститутки“ или „ВеЦе шпиони“. Извесен период на новинарите на најголемиот словачки дневен весник „Сме“ им беше забранет пристап на прес-конференции. Причината за навредите од Фицо најчесто беа истраги на новинари за корупциски афери поврзани со него или неговата партија.

Протести против корупцијата во Братислава во април 2017 годинаФотографија: Getty Images/AFP/V. Simicek

А такви има, наспроти позитивниот имиџ на Словачка, безброј. Веќе подолго време, на пример, партискиот пријател на Фицо и министер за внатрешни работи Роберт Калинак е под притисок поради корупциска афера: го прикривал даночното затајување на бизнисменот Ладислав Бастернак, а имал влог и во една од неговите фирми. Дури и самиот Фицо живее во стан кој е изнајмен од Бастернак. И покрај бројните протести и барања на опозицијата во парламентот, Калинак досега одбива да поднесе оставка.
Со убиството на Јан Куцијак и неговата свршеничка, словачките корупциски скандали повторно се враќаат во центарот на вниманието - и би можеле, како што вели политологот Месезников, да бидат многу опасни за актуелните властодршци. „Доколку владата веднаш не го расчисти убиството на Куцијак и неговата свршеничка, таа самата ќе биде под огромен притисок да си замине“, вели Месезников.
Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми