1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Ужасот во Садерленд Спрингс

ЕМФ /агенции
6 ноември 2017

Само неколку недели по масакрот во Лас Вегас, ново крвопролевање во САД - во црква во Тексас напаѓач уби 26 луѓе.

USA Texas Schießerei Kirche in Sutherland Springs
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Austin American-Statesman/J. Janner

Свештеникот Френк Померој овојпат не е во црквата, но на богослужбата е неговата 14-годишна ќерка. Пладне во Садерленд Спрингс во Тексас. Во тој момент од автомобил пред црквата излегува едно лице. Облечен е во црно, носи панцирен елек, а во раката држи оружје. Почнува да пука, а потоа влегува во црквата. Продолжува да пука. Убива најмалку 26 луѓе. Има и голем број повредени. Најмладата жртва е петгодишно дете, најстарата има 72 години.

САД се повторно потресени од масакр. Пред само еден месец 64-годишниот Стивен Падок во Лас Вегас од својата хотелска соба пукаше врз посетителите на еден музички фестивал и уби 58 луѓе. Неколку часа по крвопролевањето гувернерот на Тексас, Грег Абот, ги сумира првите сознанија. Напаѓачот бил виден на бензинска пумпа во близина на црквата околу 11:20 часот по локално време. Неколку минути потоа почнал да пука.

Фотографија: Imago/ZUMA Press/B. Owen

Еден жител на местото ги слушнал истрелите и се фатил и самиот за оружје. Кога напаѓачот излегол од црквата, тој тргнал по него. Осомничениот нешто подоцна е пронајден мртов во својот автомобил. Нејасно е дали се убил самиот, или бил погоден од истрелите на жителот на Садерленд Спрингс. Според американските медиуми, напаѓачот е 26-годишен белец, кој кусо време бил во служба на воената авијација. Мотивите за нападот не се познати.

Фотографија: picture-alliance/AP Images/N. Wagner

Садерленд Спрингс е мало место, на околу 50 километри југоисточно од Сан Антонио. Во него живеат само неколку стотини жители. Овде секој го познава секого, вели Кери Матула, додавајќи дека тоа значи оти од масакрот се погодени сите. Во местото нема многу работи, нема дури ниту противпожарна единица. Белата баптистичка  црква е центар на малото место. Богослужбите ги следат во просек по 50-тина луѓе. Секоја недела црквата преку интернет емитува видео снимка од богослужбата. Снимките може да се видат на Јутјуб. Членовите на верската заедница пеат христијански песни проследени со гитара. На снимката од минатата недела свештеникот Померој објаснува зошто паркирал мотоцикл пред црквата. Вели дека сакал да објасни оти мора да се има верба во силите кои не можат да се видат. Исто како при возењето мотоцикл, кога возачот се наведнува на едната страна и верува во гравитационата сила. Тоа можеби нема смисла, но исто така мора да се верува и во Бога, вели Померој.

Свештеникот овојпат не беше во Садерленд Спрингс, а не беше ниту неговата сопруга. По крвопролевањето веднаш се вратија во местото. Тие тагуваат не само за својата верска заедница, туку и за сопстеното дете. Нивната ќерка е меѓу убиените.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми