1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уживајте во политиката

Гордан Георгиев
7 мај 2019

Токму граѓаните, и оние многумина кои не гласаа и оние помалубројни кои гласаа, ја исцртаа можната политичка мапа за идните комбинаторики на политичката сцена. Колумна на Гордан Георгиев.

Gordan Georgiev
Фотографија: privat

Резултатите од (најверојатно) последните претседателски избори од овој формат (непосредно гласање со 40% цензус) нудат неверојатни можности и комбинаторики за сите постоечки политички актери. Можно е дури и да нудат можности и за некои непостоечки политички формации, партии во никулец или нови општествени движења.

Приказната за Северна Македонија, вака или онака, полека се затвара. Важноста од победата на Стево Пендаровски се состоеше токму во тоа: да се легитимира надворешната политика на Зоран Заев и двата договори со Бугарија и Грција, со што де факто се откочува некаква иднина за државата. Породилните маки низ кои сите поминавме уште траат, но на староновороденчето му се гледаат контурите. Ова е сосема доволна агенда за новиот претседател, па макар и ништо не правел во текот на целиот мандат, бидејќи секако не очекуваме да ги прави глупостите кои му ја детерминираа судбината на неговиот (сепак) неславен претходник. Доколку новиот претседател дополнително успее да придонесе во процесот на помирување, нешто што тој го назначи како негов прв приоритет, тогаш тој ќе има исклучително успешен мандат. Ова последново е тешко да се претпостави дали ќе успее, бидејќи за тоа треба волја (Пендаровски ја има), знаење (го има), трпение (го нема) и конкретни политички чекори и потези кои во континуитет од пет години би ја „омекнале“ политичката сцена во републиката. Баластот на независноста и непартијноста, кој Пендаровски често и без неопходната доза на добар вкус си го товареше врз сопствените плеќи, е можен добар почеток за нов исчекор во водењето политика на „претседател за сите“. Дополнително, идеално сценарио би било новиот претседател и самиот да иницира широка општествена дебата, а потоа и уставни измени за промена на политичкиот систем во државата. Овие теми тој ги разбира и ги знае, и доколку се одлучи на такво благородно и плодотворно политичко харакири, тој би ја поставил на политичката софра излишноста на сопствената функција во чудниот македонски полу-претседателски систем (кој не е дури ни тоа), и би ја гарнирал со нов изборен модел во кој би се декомпонирале предизборните пајтон-коалиции со што би се отворил простор за „дишење“ на помалите партии. А големите партии би биле принудени да понудат подобри кандидати за пратеници и да се развластат себеси на сметка на гласачите. Но, оваа тема е долга и широка, таа треба да се отвори и да се дискутира, па макар се затворила потоа доколку „не и’ е дојдено времето". Нискиот легитимитет на големите политички партии во државата овозможуваат сојузништво на претседателот со граѓаните, особено она тивко мнозинство неопределени и апатични но заинтересирани граѓани. 

Политиката е уживање, доколку имате можност да ја уживате, и доколку не е токсична. Умерен оптимист сум дека во наредните години би можеле постепено да ја детоксифицираме политиката и да почнеме да уживаме во неа, без притоа да се лишиме од возбудите, интригите, математиките и подметнувањата помеѓу политичките актери. За тоа ни се потребни активни и свесни граѓани т.е. гласачи. Токму граѓаните, и оние многумина кои не гласаа и оние помалубројни кои гласаа, ја исцртаа можната политичка мапа за идните комбинаторики на политичката сцена.

Други колумни од Гордан Георгиев:

-Лижење на раните

-За метлата и опинците

-Ние и Црквата што гори

Изборот или стратегијата за следните парламентарни избори што треба да ја направи секоја политичка партија одделно е јасен за сите. Она што е тешко е реализацијата на однапред зададениот избор.

СДСМ има три можности како да го спречи ВМРО-ДПМНЕ да направи влада на следните парламентарни избори. Првата е да направи предизборна коалиција со некоја албанска партија, или повеќе партии, и со тоа да го анулира евентуалниот дефицит на гласови од незадоволните гласачи. За жал на СДСМ, таа албанска партија не може да биде ДУИ, а СДСМ се’ уште смета дека другите опозициски албански партии се „мачка во вреќа“. Сценарио за предизборна коалиција со албанска партија (на ист тикет) е најмалку веројатно и тешко изводливо од повеќе причини кои ќе ги дискутираме на друго место. Втората опција е СДСМ да го зголеми бројот на свои гласачи и да излезе на мегдан гради-во-гради со ВМРО-ДПМНЕ. Доколку се согласиме дека првиот претседателси круг беше жолт картон за политиките на СДСМ (за мене сепак недоволно оправдан, но гласачот е светост нели?), тешко е да се претпостави дека СДСМ ќе има доволно време да се оправи од ударот и до изборите да ги придобие изгубените гласачи или да придобие нови, бидејќи рокот на траење на ПР операцијата со кодно име „Метла“ е исклучително ограничен. Изневерената љубов тешко се враќа назад. Но нова љубов може да се најде, под услов да се раскрсти темелно и конечно со љубовницата ДУИ и да се тргне со радикална реформска агенда, за која тврдам дека има политичка волја барем во високите ешалони на Владата. И третата опција е да го спушти ВМРО-ДПМНЕ под 370 илјади гласови. Тоа може да се направи со подобра програмска понуда и подобар ПР (што е тешко замисливо во моментов) или со дополнително разбивање на остатоците од криминалниот режим на Никола Груевски (исто така тешко замисливо а да не предизвика чувство на осветништво и мирис на нов груевизам).

Од друга страна, пак, ВМРО-ДПМНЕ има една и единствена опција за да се надева на успех на следните избори. Да ја прифати и формално (преку изјави и поведенија) нивната омилена „нова реалност“ наречена Република Северна Македонија, да се огради целосно од Никола Груевски и да овозможи непречена завршница на тешката траума за сите нас наречена 27-ми април. Ѓаволски тешко. Но ѓаволот доаѓа од пеколот, а Мицковски најави политички пекол. Доколку не успее ова да го изведе Мицковски, се отвара можноста да стане македонскиот Шешељ, кој ќе победува на избори, постојано и со право ќе обвинува за изборен инжинеринг, ама нема да може да направи влада. А на Шешељ му се случи Вичиќ, ама после 10 години. Доколку пак успее да ја изведе оваа операција, ВМРО можеби краткорочно ќе изгуби некои гласови, но Мицковски ќе стане прифатлив за неопределените граѓани и за албанскиот фактор. И ќе биде заслужен за сериозна нормализација на македонската политика, заслуга вредна за претседателски орден од новиот претседател- помирувач. За Нобелова награда се’ уште не е дораснат.

Победникот и „непоразената“

02:13

This browser does not support the video element.

За ДУИ нема опции. Али Ахмети треба да пристапи кон постепена прекоманда на неговата партија во опозиција, да се обиде да избере достоен наследник (освен Талат Џафери и евентуално Невзат Бејта не гледам друг достоен кандидат!) и мирно да ги ужива пензионерските денови. Ахмети си ја расипа петката за време на бракот со Груевски, но и со тројка се завршува школо и се добива диплома.

Албанската опозиција (што и да значи тоа во овој момент) треба да излезе од вреќата и да покаже зрелост, свест и подготвеност за владеење. Тој пат е долг, устите се гладни а капацитетот таму е скромен. Но со текот на времето не исклучувам да се приклучат нови капацитети, вклучително и некои разочарани рестлови од ДУИ.   

Ете, колку е интересна, забавна, едноставна и предвидлива политиката за нас обичните гласачи. Се’ е јасно, речиси однапред нацртано. Само треба да се состави мозаикот и да се додадат или одземат мирудиите. А сепак, истовремено политиката е толку возбудлива, толку непредвидлива, нејасна, мистериозна, задкулисна... Неизорано и никогаш неизорливо поле.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми