Укинувањето на „Обамакер“ повторно не успеа
27 јули 2017Американскиот Сенат, во кој мнозинството имаат републиканците, го отфрли републиканскиот предлог да се укине законот за здравствена заштита на поранешниот претседател Барак Обама, т.н. „Обамакеар“.
Седум републиканци им се придружија вчеравечер на сите демократи во Сенатот и предлогот е одбиен со 55 спрема 45 гласа. Ова е вторпат оваа недела републиканците да не успеат да истуркаат да се отповика законот на Обама од 2010 година. Аналитичарите оценуваат дека ова е досега најголем неуспех на претседателот Доналд Трамп, кому укинувањето на „Обамакер“ му беше едно од централните ветувања во предизборната кампања.
Конзервативните сенатори од редовите на републиканците беа подготвени да се укине законот иако сѐ уште не е подготвена негова замена, но умерените претставници беа загрижени оти тоа би ги налутило гласачите кои би сметале оти Конгресот нема да биде во состојба да го изгласа новиот здравствен закон.
Одреден број републиканци им се придружија на демократите да го блокираат предлогот на шефот на републиканското мнозинство во Сенатот, Мич Меконел, да се укине законот на Обама.
Тој би бил заменет со ублажено обврзувачко здравствено осигурување, со помали сојузни здравствени субвенции и други измени. Канцеларијата за буџетот на Конгресот процени дека укинување на „Обамакеар“ без воведување замена би значело оти 30 милиони Американци ќе останат без здравствено осигурување . Тоа ,според набљудувачите, беше клучен фактор кој влијаеше дел од републиканските сенатори да не го прифатат предлогот на шефот на републиканското мнозинство во Горниот дом на американскиот Конгрес.