1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Укинување на Атомскиот договор: кои опции ги има Техеран

Керстен Книп
8 мај 2018

Ако американскиот претседател Доналд Трамп се реши на прекин на договорот за иранската атомска програма, Иран располага со повеќе опции кои за САД, но делумно и за ЕУ би можеле да бидат непријатни, доколку се реализираат

Präsident Hassan Ruhani
Фотографија: picture alliance/AP/dpa/Uncredited/Iranian Presidency Office

Предупредувањето беше јасно. Ако американскиот претседател Доналд Трамп го раскине договорот, САД ќе зажалат „како никогаш досега во нивната историја”, изјави претседателот Хасан Рохани изминатиов викенд во обраќање што во живо го пренесуваа иранските медиуми.

„Трамп треба да знае дека народот ни е обединет”, додаде тој.

Истовремено нагласи дека неговата земја повеќе ќе се насочи кон Европа отколку кон Америка. „Трамп или ќе го одбие договорот, или и натаму ќе го саботира”, вели Рохани. Затоа за Иран било поважно „дали Европејците ќе се дистанцираат од неговиот пат или не”, рече при обраќањето во градот Сабсевар во Североисточен Иран.

Забелешката покажува која би била една од можните реакции на Иран на раскинувањето на атомскиот договор. Во Техеран би можеле да се обидат да ги искористат различните интереси на САД од една и на Европејците од друга страна. На крајот би можело, барем што се однесува до атомскиот договор да се дојде до приближување меѓу ЕУ и Иран.

Доналд Трамп Нуклеарниот договор со Иран го смета за „најлош дил досега“Фотографија: Getty Images/AFP/N. Kamm

Раздор во западниот блок

Во левичарскиот либерален израелски дневен весник „Харец” поранешниот директор за истражувања во рамки на израелската армија, Амос Гилад, предупредуваше од таквата опција. Ако САД се повлечат од договорот, водството во Техеран ќе се обиде да направи раздор меѓу двата западни блока.

Тоа би можело да има и предности за Иран. Таквиот развој само би отежнал меѓународен увид во иранската атомска програма. „Ако Американците го раскинат договорот мораат да бидат потковани со алтернативни решенија”, вели Гилад. „Не гледам дека такво нешто се случува”.

Повлекување на САД од атомскиот договор го носи со себе ризикот ако веќе не на поделба, тогаш барем на оддалечување во западниот блок. „Европејците велат дека не сакаат да го напуштат договорот”, вели Оливер Мајер, експерт за безбедносна политика на берлинската фондација „Наука и политика”.

Иран одбива да преговара наново околу атомската програма. „Тоа не го сакаат ни Европејците. Тоа и не би било ни изводливо, затоа што тогаш не само што би требало да се менуваат поединечни аспекти, туку целиот пакет”, вели Мајер во интервју за НДР. „Тоа е комплексен и обемен пакет кој настана по долги преговори. Поглавјата повторно да се отворат би било многу тешко.”

Колкав ќе биде раздорот меѓу САД и Европа во случај на раскинување на договорот од страна на Доналд Трамп, зависи најмногу од тоа колкави ќе бидат последиците кои ќе следат од страна на Трамп по преземањето таков чекор.

Ако ги врати санкциите и стави ембарго на меѓународни бизниси со Иран, би можело да се продлабочи раздорот со Европа. Ако санкционира и банки кои преку деловни зделки се поврзани со Иран, во Европа би можела мерката да биде сфатена и како „непријателски акт без преседан”, предупредува Џерет Бланк, поранешен главен координатор за договорот од страна на американскиот претседател Барак Обама, во разговор за магазинот „Ал-Монитор”.

Преговори за Нуклеарниот договор во Виена, јануари 2016. годинаФотографија: Getty Images/AFP/K. Lemarque

Можна ескалација на Блискиот Исток

Иран има и друга можност да одговори на раскинувањето на договорот од страна на САД. Дел од реакцијата би можела барем во еден дел да биде насочена и кон ЕУ. Во Брисел се сметаше дека договорот ќе доведе и до надворешнополитичка умереност на Иран. Се случи спротивното: режимот се ангажира во Сирија каде што силно го поддржува претседателот Башар ал-Асад. Иран испрати војници од Револуционерната гарда под водство на генералот Гасем Солејмани во соседната земја. Земјата истовремено го надградува и своето влијание во Ирак и преку шиитската Хезболах и во Либан.

Таквата политика Иран би можел да ја интензивира во случај на раскинување на договорот, во најлош случај дури до точка на војна со САД. Таквата можност претседателот на Франција Емануел Макрон ја најави во разговор со германскиот магазин „Шпигел“. Можноста Трамп да го напушти договорот е најлошата воопшто. „Тоа значи дека ја отвараме Пандорината кутија и би можело да има војна”. Макрон додава: „Не верувам дека Доналд Трамп сака да направи војна.”

За Иран би можело такво нешто да биде поттик да го преуреди Блискиот Исток според своите претстави. Откако ангажманот на САД во регионот е намален, Иран бележи значителен успех на тоа поле: од пустината во Туркменистан се до Средоземно Море сѐ повеќе региони ги доминираат шиитите со Техеран како нов центар на моќ, против којшто неговиот главен непријател, сунитското кралство Саудиска Арабија попусто се бори.

Повеќе: 

Раскинување на нуклеарниот договор со Иран - главоболки за германската економија

Можат ли Макрон и Меркел да го разубедат Трамп за Иран?

Лоши изгледи за заробените американски граѓани во Ирак

„Вашингтон пост“ стравува дека раскин на договорот за атомската програма комплетно би ги прекинал каналите за комуникација меѓу Техеран и Вашингтон. Времето на приближување и разбирање би било дефинитивно минато.

Весникот стравува и за затворени американски државјани во иранските затвори. Не постојат прецизни податоци колку се на број. Раскинувањето на договорот драстично би ги намалило нивните изгледи да излезат на слобода. Според информации на американски дипломати во моментов немало напори да ги повлечат затворениците назад во САД. „Да ги оставите таму е одлука која веднаш ќе се најде на листата на најголемите неуспеси во политичката кариера на Трамп.”

   

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми