1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Само задоцнет изборен слоган

Миодраг Шориќ
5 јануари 2017

Здравствената реформа на Барак Обама не може да се реформира со декрет. Републиканците и Доналд Трамп од изборен мора да се префрлат на државнички модус, смета Миодраг Шориќ.

USA Presse & Obama - Gesundheitsreform
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Samad

Само часови по стапувањето на функцијата, Доналд Трамп со „екзекутивна наредба“ ќе укине делови од „Обамакер“, изјави идниот потпретседател на САД, Мајк Пенс. Согласно тоа демократите се алармирани. И уште повеќе вознемирени треба да бидат милиони Американци, кои пред Обамакер воопшто не беа здравствено осигурани, зашто ваквите декрети американскиот претседател може да ги издава без големи подготовки и без согласност од Конгресот. 

Претседателот во заминување, Барак Обама сега се советува со неговите приврзеници во Конгресот, како може сепак да се стави песок во републиканскиот мотор. Демократите треба да се спротистават, советува Обама, и во никој случај да не им помогнат на републиканците да ја реформираат неговата здравствена реформа.

Притоа Трамп повеќепати јасно укажа дека целосно цени делови од Обамакер и планира да ги задржи: луѓето кои страдале од некоја болест уште пред здравствената реформа на Обама, би требало и натаму да останат осигурани. Младите луѓе до нивната 26-та година треба да бидат заштитени преку здравственото осигурување на нивните родители.

Меѓутоа сето тоа чини пари. А Трамп и републиканците досега пред сѐ ветуваа дека здравственото осигурување ќе го направат поевтино. Како тоа ќе оди едно со друго, досега никој консекветно не објасни. Републиканците неодредено најавија дека планираат да воведат поголема конкуренција во здравствениот систем. Една таква реформа би можела да се спроведе дури и со поддршка на демократите.

Курсот на конфронтација продолжува

Најавата на идниот заменик на Трамп во Белата Куќа, Мајк Пенс меѓутоа покажува дека тоа не е целта на републиканците. Ним дури не им е нужна поддршката од демократите, зашто од 20. јануари Републиканската партија не само што ќе има мнозинство во двата дома на Конгресот, туку  и претседател на државата од нејзините редови.

Но, објективно набљудувано републиканците во првите недели од претседателствувањето на Трамп и не можат да преземат премногу, зашто со декрет имено можат да се укинат само поединости. За темелна реформа на здравствениот систем, потребна е согласност од Конгресот.

Но републиканците не се стигнати дотаму. Тие немаат усогласени, конкретни реформски планови во фиока. Конечно многу од нив во минатата есен речиси и да не сметаа на тоа дека толку бргу ќе носат целосна политичка одговорност во Вашингтон. Согласно на тоа, тие се  лошо подготвени.

Кој има намера да реагира, мора да биде конкретен. Празни изборни слогани  повеќе не му се потребни никому.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми