1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Украина бара помош од НАТО во конфликтот со Русија

ЖА / агенции
13 април 2021

Разместувањето руски трупи долж границата со Украина според НАТО е крајно загрижувачко. Москва пак предупреди од создавање „буре барут“

Belgien Treffen Dmytro Kuleba und Jens Stoltenberg in Brüssel
Фотографија: Francisco Seco/AP Photo/picture alliance

Во НАТО владее растечка загриженост во поглед на развојот на конфликтот меѓу Украина и Русија. Руското распоредување трупи по должината на границата со Украина е најмасивно од анексијата на Кримскиот Полуостров во 2014 година, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на маргините на денешната средба со украинскиот министер за надворешни работи Дмитри Кулеба во Брисел. Русија во изминатите недели премести илјадници борбено спремни војници. Од аспект на Алијансата, концентрацијата на војска е „неоправдана, необјаснива и длабоко вознемирувачка.“.

Утре за актуелната ескалација на ситуацијата ќе расправаат сите министри за надворешни работи и за одбрана на членките на НАТО на видео конференција. Американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен и министерот за одбрана Лојд Остон се очекуваат лично во Брисел. На дневен ред ќе биде и иднината на мисијата во Авганистан.

Дополнителни 500 американски војници во Германија

По средбата со својата германска колешка по функција, Анегрет Крамп-Каренбауер во Берлин, Остин најави стационирање натамошни 500 американски војници во Германија. Целта е спречување конфликти и „доколку е неопходно, борба и победа“. Остин избегна да одговори на прашањето дали бројчаното зголемување на трупите има поврзаност со конфликтот во Украина.

Русија тврди ова се само маневри

Русија пак одново ги отфрли обвинувањата околу раздвижувањето на трупите. Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу тврди дека станува збор единствено за изведување воени маневри.

Столтенберг претходно изрази жалење за одлуката на Русија да не учествува на средба на Организацијата за европска соработка и безбедност, ОБСЕ, на која имаше можност да ги развее сомнежите околу невообичаените воени активности. Столтенберг побара Русија итно да започне со деескалација.

Повеќе на темата:

Руски трупи на границата со Украина: Демонстрација на моќ или претстојна инвазија?

Растат тензиите меѓу Украина и Русија

„Предупредување од бура“ на Црното Море

И натаму останува исклучена можноста НАТО активно да се вмеша во конфликтот, од причина што Украина е само партнерска земја, а не членка. Освен тоа, евентуалните ризици се сметаат како непресметливи. Никој не би требало да има интерес поради регионален конфликт да ризикува трета светска војна, се вели од дипломатски кругови.

Од истата причина се смета за исклучено на Украина пред решение за конфликтот да ѝ се одобри пристап во НАТО. Ваква одлука би имплицирала обврска на останатите НАТО држави да помогнат во случај на натамошни агресии од руска страна. Но, овој аргумент не се изнесува јавно.  Алијансата аргументира со сеуште неисполнетите услови од страна на Украина, како владеење на правото и борба против корупцијата.

Украина очекува поголема помош

Кулеба меѓутоа изрази надеж за дополнитена поддршка. „Потребни ни се мерки кои ќе ја одвратат Русија“, истакна тој, наведувајќи на пример нови санкции како начин за зголемување на цената на руската агресија. Во игра тој воведе и директна поддршка во зајакнувањето на одбранбените способности на Украина.

„Некои од мерките за кои разговараме можеби се чинат скапи, но цената за превенција  е секогаш пониска од цената за ставање крај на војна (...)“.

Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков меѓутоа предупреди од натамошна поддршка. „САД и другите земји од НАТО свесно ја претвораат Украина во буре барут“, рече тој.

Украинскиот конфликт трае веќе седум години. Тој доведе до тоа делови од источноукраинските области Доњецк и Луганск по должината на границата со Русија да бидат контролирани од промосковските сепаратисти и анектирање на Крим од страна на Русија. Во текот на борбите, според проценки на ОН, се убиени преку 13.000 лица.

Околу прашањето зошто во последно време значајно пораснаа тензиите, постојат контроверзни ставови. Во НАТО меѓу останатото се застапува тезата дека рускиот претседател Владимир Путин сака да тестира до каде може да оди поддршката на САД кон Украина со новата влада во Вашингтон. За хорор сценарио се смета можноста Русија заедно со бунтовниците во Источна Украина да спрема голема офанзива за да го обезбеди пристапот до свернокримскиот воден канал до реката Дњепар. Во Москва напротив се тврди дека Кремљ единствено реагира на провокациите од Киев.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми