1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина бара помош од НАТО

ЖА/дпа/афп/ртре2 март 2014

По наредба на украинскиот привремен претседател Турчинов, поради заканувачката воена интервенција од Русија, украинската армија е ставена во состојба на целосна готовност. Украина побара помош од НАТО.

Фотографија: Reuters

„Русија нема никаква основа за актот на агресија. Сите објаснувања за наводната загрозеност на руските државјани и Украинците кои зборуваат руски, се измислени“, изјави украинскиот привремен претседател Олександар Турчинов по повеќечасовната седница на националниот Совет за безбедност и одбрана синоќа во Киев.

Украинскиот премиер Арсениј Јацењук телефонирал со својот руски колега Дмитри Медведев со барање руските војници во Крим да бидат повлечени во касарните, истовремено нудејќи политички разговори.

„Воена интервенција би значела почеток на војна и крај на врските меѓу Украина и Русија. Украинската влада ќе ги преземе сите мерки за зачувување на мирот, редот и стабилноста. Ние ги заштитуваме сите граѓани на Украина, без разлика дали зборуваат украински или руски“, изјави Јацењук.

Вчера рускиот парламент го одобри испраќањето руски трупи во Украина, на барање на рускиот претседател Владимир Путин. Во образложението Путин ја наведе „вонредната состојба во Украина и опасноста по руските државјани кои живеат таму“. Путин на овој начин реагираше на апелот на новоизбраниот премиер на Крим, Сергеј Аксјонов, кој од Кремљ побара „помош во обезбедувањето на мирот и слободата“.

Барањето на Путин, и претходните апели на прорускиот премиер на Крим практично се потврда на претпоставките дека воените единици кои ги окупираа виталните државни и воени објекти во Крим во изминатите два дена биле руски.

Претставник на Кремљ, во обид да ги ублажи тензиите, вчера соопшти дека прифаќањето на барањето не значи дека тие набрзо ќе бидат испратени.

Итна седница на Советот за безбедност на ОН за УкраинаФотографија: Reuters

Украинската влада во меѓувреме пак побара помош од НАТО. Министерот за надворешни работи Сергеј Деширицја синоќа соопшти дека владата во Киев веќе доставила соодветно барање до Северноатлантската алијанса. Киев го моли НАТО за испитување на сите можности заради заштита на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, на нејзините граѓани и обезбедување на нуклеарните постројки. Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен за денеска закажа вонредна седница на Алијансата во Брисел посветена на кризата во Украина.

Украинскиот амбасадор во ОН Јури Сергејев побара испраќање меѓународни набљудувачи во Украина. Русија брутално ги прекрши основните постулати на базичниот документ на ОН- Повелбата.

„Ги повикуваме сите членки на ОН да покажат солидарност со Украина за да ги заштитат нејзиниот територијален интегритет и суверенитет“, рече Сергејев на итната седница која се одржа во Советот за безбедност на ОН во Њујорк.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми