1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина во медиумска војна со Русија

Роман Гончаренко/ Михник/ Ж. Ацеска26 февруари 2015

Украина се впушта во противнапад против она што Киев го нарекува „руска пропаганда“. Упатен е повик до граѓаните да се ангажираат ккао „информациони воини“. Предвиден е и нов телевизиски канал насочен кон странство.

Фотографија: Facebook-Account des ukrainischen Informationsministeriums

„Биди поздравен, регруту XY. Овде е командата на информативните трупи на Украина. Твојата прва задача ќе биде многу едноставна: покани ги твоите најблиски и најверни пријатели да пристапат кон информациската војска на Украина и да прифатат секојдневна поделба на задачите. Тоа е многу важно во нашата информативна борба против странскиот агресор. Чекај наскоро на следната задача. Поздрав!“

Она што наликува на умерено возбудлива задача од некоја компјутерска игра за тинејџери, е најновата иницијатива на украинското Министерство за информативна политика. Ваков меил добива секој кој ќе се регистрира со своето име и презиме и својата електронска адреса на интернет страницата www.i-army.org . Обичните граѓани треба да шират вистински информации и да ја сузбиваат руската пропаганда, првенствено на социјалните мрежи, се вели од страна на киевското министерство.

Киев и‘ парира на Москва на медиумскиот фронт

Се мисли на неточните информации за ситуацијата во Источна Украина. Руските медиуми, од почетокот на воениот конфликт, повеќепати се фатени во лага од страна на украинските колеги. На пример, бранување предизвика тврдењето на една руска државна телевизија дека во источноукраинскиот град Славјанск едно мало момче било живо распнато од страна на украинските војници. Дури месеци подоцна руската телевизија ја призна потрешната информација.

Министерот Јури Стез со нови иницијативиФотографија: MIP Ukraine

„Наша задача е да се погрижиме вистината брзо да се прошири преку интернет“, изјави Јури Стез, министер за информативна политика во разговор за Дојче веле, во врска со идната „информативна војна“. Вистината е најдобрата пропаганда. Неговото министерство се чини е решено да и‘ се спротистави на Русија на медиумскиот фронт.

Пријателот на претседателот на чело на спорното министерство

Министерството за информации е новина во Украина. Тоа е формирано дури во декември 2014 година. 39-годишниот министер Стез е искусен медиумски менаџер човек од доверба на украинскиот претседател Петро Порошенко. Донеодамна Стез го раководеше приватниот „Канал 5“, основан од милијардерот Петро Порошенко, а кој и покрај својата државничка функција, не ја продаде телевизиската станица. Порошенко и Стез се индиректно во роднински врски.

Министерството раководено од Стез, со 30 соработници и годишен буџет од четири милиони гривни, што е околу 100.000 евра, веројатно е најмалото и најсиромашно во украинската влада. Неговото основање беше спорно. Критичарите го нарекуваат „министерство за пропаганда“ или „министертво на вистината“, алудирајќи на романот на Џорџ Орвел „1984“.

Тие обвинуваат-Киев ги копира московските недемократски методи. „Досега не сум видела Министерството за информации да прави многу за луѓето во Источна Украина“, изјави Диана Дузук, раководител на невладината организација „Телекритика“ во разговор за Дојче веле. Притоа, токму тоа беше една од целите при неговото формирање. Во самонаречените републики Доњецк и Луганск, украинските сепаратисти го исклучија украинскиот телевизиски канал, а ги преземаат руските. Киев се обидува повторно да го вклучи.

Фотографија: Facebook-Account des ukrainischen Informationsministeriums

Критика на новата иницијатива на Киев има и во странство. Берлинскиот експерт за Источна Европа Гема Перцген киевската информациска армија ја нарече „следниот чекор во погрешно поставената информативна политика“. Таа во разговор за Дојче веле и формирањето на самото министерство го оценува за грешка. „Така сигурно не се врши спротиставување на руската пропаганда“, смета Перцген.

Новата телевизија за странство веројатно во април

Киев сака да биде поактивен и на меѓународно поле. Во новите иницијативи на Министерството за информации спаѓа основањето информативен канал „Украина утре“. Тој во прво време треба да емитува програма на украински, руски и англиски јазик за гледачите во странство и барем делумно да биде украински пандан на светски успешната руска телевизија РТ, порано „Раша тудеј“.

„Целта на телевизијата е да ги шири официјалните позиции на Киев во однос на реформите“, вели министерот Стез.

„Украина утре“ би требало да почне со работа во април. Телевизијата треба да биде финансирана од владата, но и од Запад, гласат надежите. САД веќе понудиле финансиска помош, тврди Стез.

Фотографија: Facebook-Account des ukrainischen Informationsministeriums

Медиумска борба за власт на олигарсите?

Ова е веќе трет украински обид да пушти корен на меѓународниот информативен пазар, каде владее исклучителна конкуренција. Украинската државна телевизија со гоидни се обидува да емитува во светот вести од Киев на англиски јазик, без успех вреден за споменување.

Државно финансираниот канал „Украина утре“ се наоѓа во директна конкуренција со приватната телевизиска станица на англиски јазик „Украина денес“ која во август 2014 година ја основаше медиумскиот магнат Игор Коломојски. Тој е влијателен деловен човек и гувернер на областа Дњепропетровск. Набњудувачите сега согледуваат опасност од тоа внатрешнополитичка борба за власт меѓу украинските олигарси да се пренесе и на меѓународната телевизиска сцена.

Министерството за информации во Киев до мај планира да предложи документ околу информативната безбедост, кој потоа треба да го усвои парламентот. Ако Украина имаше ваков концепт пред околу 20 години, убеден е министерот Стез, земјата немаше да ја загуби информативната војна против Русија во Источна Украина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми