1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Врши ли Русија воени злосторства со нападите врз болници?

Естер Фелден | Луис Сандерс | Еуген Тајзе
9 април 2022

Од почетокот на инвазијата на Украина, руските воени сили извршија десетици напади врз болници и со тоа, според сѐ, извршила воени злосторство. Но дали сторителите ќе бидат изведени пред лицето на правдата? ДВ истражува.

Ukraine Krieg I zerstörtes Krankenhaus in Volnovakha
Разорената болница во ВолновахаФотографија: Alexander Ermochenko/REUTERS

На местото каде некогаш беше одделот за уво, нос и грло, сега има ѕид со огромна дупка, изрешетан со шрапнели. На 27 февруари, недела, три дена по почетокот на руската војна, централната болница во Волноваха, на истокот, беше гранатирана за првпат. Целиот оддел на последниот кат е сосема уништен од жестоките експлозии, раскажува докторот Андриј Каџинов.

Трауматологот седи на кауч пред мониторот. Дојче веле со него разговараше онлајн за случувањата во градот. 48-годишникот со куса коса, наместо да носи бел лекарски мантил, е облечен во црна маичка.

Болницата во време на нападот била полна со „лекари, пациенти и цивили кои таму побарале заштита,“ раскажува Каџинов. Во малиот град Волноваха, во регионот Доњецк, живеат над 20.000 луѓе, а клиниката е единствената болница во радиус од 50 километри, каде медицинско згрижување бараат и наоѓаат околу 100.000 луѓе.

Лекарот е уверен дека клиниката не е погодена случајно. „Болницата се наоѓа на брдо и добро се гледа од сите страни,“ вели докторот, додавајќи дека тоа била единствената зграда на три ката во околината која имала реновирана и модерна фасада, поради што „едноставно се издвојуваше“.

По првиот напад следеле и други, но најлошиот напад се случил ноќта на 1 март. Каџинов се обидува да ги смири своите емоции во текот на интервјуто, но траумата од искуството неколкупати ја пробива неговата смиреност и гласот му трепери. Бил престрашен. Оти тогаш и неговото семејство било во болницата.

„Гранатирањето траеше можеби 25 минути. Беше вистинско чудо како никој не загина.“

Прекршување на меѓународното право

Нападите врз медицински установи се сметаат за воени злосторства и за нив може да се покрене постапка пред Меѓународниот кривичен суд во Хаг. Тоа е прекршување на меѓународното право без разлика дали станува збор за таргетирана операција или неселективно гранатирана болница. Цивилни клиники „не смеат да бидат нападнати под никакви околности, туку мора да бидат почитувани и заштитени во секое време од страните во конфликтот“, стои во член 18 од Женевската конвенција од 1949-тата.

Но, реалноста на војните е сосема поинаква.

Од почетокот на руската инвазија на Украина, пред шест недели, постојано се гранатираат медицински установи, поради што е загрозена здравствената заштита на многу граѓани. Светската здравствена организација до 6 април регистрирала 91 напад врз болници, ординации, амбулатни возила, банки за крв или магацини за лекови. Во најголем дел од случаите е користено тешко оружје како ракети, бомби или минофрлачки гранати.

Во овие напади се убиени најмалку 73 лица, а погодени се 77 клиники.

По првите напади врз болницата во Волноваха, пациентите беа сместени во подрумотФотографија: Alexander Ermochenko/REUTERS

Тоа се во просек по два напада дневно на медицински установи – бројки кои укажуваат дека малку е веројатно оти се работи за случајност или превид, туку повеќе укажуваат на тоа дека токму вакви напад се најверојатно дел од руската стратегија.

Дојче веле анализираше 21 напад врз болници во Украина од 24 февруари досега. Притоа, ДВ доби пристап до претходно необјавени податоци од Украинскиот здравствен центар (УХЦ), непрофитна организација со седиште во Киев. УХЦ со нас сподели фотографии, видеа, сведоштва на очевидци и координати од погодените клиники.

„Ние ги документираме нападите врз медицинските установи според стандардите на меѓународните судови“, вели поранешниот заменик-министер за здравство на Украина, Павло Ковтониук во интервју за ДВ. Тој е коосновач на УХЦ. Целта е „овие напади да се процесуираат кривично и одговорните да одговараат за сторените дела“.

Заштитен статус со важно ограничување

Секоја трага, секоја индиција може да биде важна: Иако напади врз медицинските установи се забранети со Женевската конвенција, постои еден услов под кој болниците може да го изгубат својот заштитен статус на цивилни објекти: ако објектот се користи за воени цели, објаснуваат за ДВ од Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК).

Но, дури и во ваков случај, медицинска установа не смее едноставно да биде нападната. Условите под кои една болница може да се смета за таканаречена легитимна цел се комплексни.

Според МКЦК, пред каква било воена акција, напаѓачката страна мора да издаде предупредување и на другата страна мора да ѝ се даде доволно време да ги запре евентуалните воени активности во објектот. И дури и ако тоа не се случи, „за нападот да се смета за легитимен, напаѓачот мора да докаже дека направил сѐ што е можно за да избегне или да се сведе на минимум нанесување штета на пациентите и медицинскиот персонал“.

 Напад врз породилиштето во Мариопол

Според сѐ што е досега познато, руската страна не направила ништо од ова пред на 9 март да ја гранатира клиниката за гинекологија во Мариупол, пристанишниот град кој беше под опсада. Русија го оправда смртоносниот напад врз болницата со тоа дека таму наводно се криеле украински војници од еден баталјон.

- повеќе: Градоначалникот на Буча за ДВ: „Секој ден наоѓаме нови мртви тела, бројот на жртви расте“

Досега руското Министерство за одбрана не обезбеди никакви докази за ваквите тврдења. Наместо тоа, други руски извори шират информации дека Украина го лажирала нападот со маскирани пациентки. Но, анализата на сателитски снимки, фотографии и видеа, како и извештаи од очевидци зборуваат против ваквите руски наводи. Има докази дека во болницата имало деца, бремени жени и млади мајки со своите бебиња. Во 20-те други напади што ги анализираше ДВ, исто така нема индиции дека имало борбени единици во некоја од погодените болници или дека  во непосредна близина имало воени објекти.

Слика која по нападот врз породилиштето во Мариупол го обиколи светот - не преживеаја ниту мајката ниту бебетоФотографија: Evgeniy Maloletka/AP/picture alliance

Кривично гонење – Сизифовска задача

Не е ништо ново тоа што страните во конфликтот постојано се повикуваат токму на овој услов под кој една болница го губи статусот на специјална заштита. И тоа од едноставна причина. Тоа води до „долги сослушувања и анализи на докази кои често е тешко да се докажат“, вели за ДВ берлинскиот адвокат Волфганг Шомбург.

Шомбург со децении се занимава со воени злосторства, геноцид и злосторства против човештвото. Помеѓу 2001 и 2008 година тој беше првиот германски судија во Меѓународниот трибунал за воени злосторства за поранешна Југославија во Хаг, а беше судија и во Трибуналот на ОН за истрага на геноцидот во Руанда (1994).

- повеќе: Озрачени руски војници: МААЕ испраќа експерти во Чернобил

Во случајот со Мариопол, ситуацијата на прв поглед изгледа едноставна. „Ги покажувате видеоснимките и фотографиите, сослушувате очевидци. Болницата беше преполна. Гранатирана е. Никаде во близина нема воен објект. Вака поставено обвинителот има јасен и готов случај“. Но, на обвинителите нема да им биде така лесно, објаснува Шомбург.

Киев: Породување во подрум

01:49

This browser does not support the video element.

Праведно судење пред Меѓународен суд на правда вклучува и можност „обвинетиот да ја изнесе својата страна и сите тврдења што би можеле да ја поддржат нивната одбрана“, вели Шомбург, „на пример, дека болницата била испразнета претходно и дека Русија се обидела да утврди дека немало никој во зградата. Во вакво едно сѐ уште апстрактно сценарио би биле повикани многу сведоци.„Дури на крајот судот, уверен вон разумно сомневање, мора да ги утврди фактите на предметот“, вели тој.

Дека кривично гонење на сторителите во вакви случаи е Сизифовска задача покажува и минатото.

Поранешна Југославија: отрезнувачки поглед во минатото

Во 1993 година ОН со основаа Трибуналот за поранешна Југославија за процесуирање на воените злосторства извршени за време на Балканските војни. Но, таму не се отвори ниту еден случај за напад на болница. Според студија на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, илјадници медицински установи биле нападнати во војни и конфликти во изминатите 30 години, не само за време на балканските војни во 1990-тите, туку и во Авганистан или Јемен и пред сѐ во Сирија.

И истражувањето на ДВ покажува дека во овој период нема ниту еден успешен меѓународен обид за кривично гонење на напади врз болници.

Ратко Младиќ во судот во Хаг (8.06.2021)Фотографија: Peter Dejong/AP/picture alliance

Терористички акт наместо воено злосторство?

Но, меѓународното право еволуираше во текот на изминатите децении, вели Марк Сомос, професор на институтот за мешународно право „Макс Планк“ во Хајделберг.

Според него, замисливо е во иднина нападите врз болници да се третираат на различна правна основа и да се категоризираат како злосторства против човештвото или акти на тероризам.

„Тогаш, некохерентноста на законите што важат за воени борци и за цивилите веќе не можат да се злоупотребуваат за да се аргументира дека функционална болница некогаш би можела да биде легитимна цел“, категоричен е Сомос.

- повеќе: Украинските сурогат мајки приклештени меѓу фронтовите

И Волфганг Шомбург исто така верува во можна правна истрага за воени злосторства и злосторства против човештвото во Украина, кои би можеле да вклучуваат и напади врз болници и цивили, цивилни станбени згради, цркви или културни добра. Притоа, на обвинителната клупа веројатно прво ќе седнат војниците со пониски чинови. Од „директниот сторител“ кој пукал и се извлекол со релативно блага казна, поради тоа што на пример следел наредба, обвинението би можело да напредува по хиерархија кон повисоките даватели на наредбите и главните одговорни, и конечно во насока на претседателот Путин. „Тој нема имунитет пред Меѓународниот кривичен суд“, нагласува судијата.

Во случајот со поранешна Југославија, овој пристап беше успешен. Таму беше можно - иако повеќе од 20 години по завршувањето на војната во Босна - да се повикаат на одговорност водечките политички фигури. Поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ почина за време на судењето. Но, поранешниот српски водач Радован Караџиќ и поранешниот генерал Ратко Младиќ беа осудени на доживотен затвор под обвинение за геноцид.

Дојче веле повеќепати побара изјава од руското Министерство за одбрана за нападите врз болницата Волноваха и други медицински установи. До моментот на објавувањето на овој текст, прашањата останаа неодговорени.

Соработка: Емили Первин и Бригита Шилке

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми