Украина ги доби првите руски пари
24 декември 2013„Националната банка на Украина ја доби првата транша. Тоа е стабилизирачки фактор за нас“, рече украинскиот премиер Микола Азаров за време на разговорите со неговиот руски колега Димитри Медведев во Москва. „Парите отидоа вчера во Централната банка на Украина“.
Минатата недла рускиот претседател Владимир Путин се согласи да купи 15 милијарди долари, или околу 11 милијарди евра, од украинскиот долг преку еврообврзници, откако беше постигнат договор за помош во украинската финансиска криза.
Вртењето на грбот кон ЕУ и поблиските трговски односи со Русија предизвикаа протести во Украина. Договорите за финансиска помош и поевтин руски гас беа постигнати минатата недела, за време на посетата на украинскиот претседател Виктор Јанукович на Москва.
„Благодарение на постигнатите договори нашите рејтинзи пораснаа. Ние излеговме од зона во која бевме“, му рекол Азаров денеска на Медведев. Според главните светски рејтинг агенции, рејтингот на Украина е со статус „ѓубре“.
Обезбедените руски пари се доволни за Украина да се спаси од ризикот да не може да ги исполни своите обврски следната година и да мора да се обрати до ММФ и ЕУ за дополнителни фондови.