1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина, засега, не може во НАТО

Александер Дрексел/ Жана Ацеска21 март 2014

Кримската криза го отвори прашањето дали Западот може воено да ја поддржи Украина. Постојат повеќе можности, но пречките се високи.

Фотографија: John Thys/AFP/Getty Images

Активна воена помош на Киев нема да има. Во тоа американскиот претседател Барак Обама беше јасен во интервју за НБЦ:

„Нема воено да интервенираме во Украина“, рече Обама.

Но, и без директна поддршка преку војници, Западот може воено да ја засили Украина во конфликтот со Русија. На пример, преку прием во Алијансата. Но, на патот на оваа опција стои закон од 2010. година според кој Украина не смее да се приклучува на ниеден воен сојуз. Украинскиот премиер Арсени Јацењук по фактичката анексија на Крим од страна на Русија повеќепати истакна: „Прашањето на влез во НАТО воопшто не е на дневен ред. За одбрана на земјата ќе се потпреме на силна и модерна украинска армија“.

Веќе постои соработка со НАТО

Сепак, постојат бројни врски меѓу Северноатлантската алијанса и Украина: меѓу другото, земјата е членка на НАТО-програмата Партнерство за мир, со која се зацврствува воената соработка меѓу НАТО и 22 други држави. Во рамките на ова партнерство украинската армија редовно учествува во операции на Алијансата. Така, Киев има свои 30 војници во мисијата ИСАФ во Авганистан. Покрај ова, од 1977. година постои Комисијата НАТО-Украина, која треба да ги унапреди постојните врски и во која се врши советување за заедничките аспекти на безбедносната политика.

Украинската војскаФотографија: Getty Images/Afp/Sergei Supinsky

Исто така и одделни членки на НАТО имаат воена соработка со Украина. Британската војска на пример, и покрај актуелните тензии меѓу Русија и Украина, опстојува на веќе одамна планираните воени мултинационални маневри. Околу 1300 војници во близина на границата со Полска, кај украинскиот град Лавов, ќе одржат заедничка вежба, пишуваат британски весници. Најголем дел од војниците доаѓаат од САД.

Планови за мултинационална воена бригада

Полското министерство за одбрана, под впечаток на кримската криза, оди чекор подалеку. Тоа планира создавање мултинационална воена бригада со учество на Литванија и Украина. Австрискиот политиколог Герхард Мангот во разговор за Дојче веле на оваа иницијатива не и‘ дава шанси за успех:

„Тоа би бил влез во НАТО преку мала врата. Зашто, ако членките на оваа мултинационална бригада од Литванија и Полска бидат вовлечени во воени акции со руските војници, НАТО би бил обврзан да ги помогне Полска и Литванија“.

Генерал Егон РамсФотографија: Celia di Pauli

Поранешниот германски генерал во НАТО, Егон Рамс во разговор за Дојче веле не го дели целосно ова гледање. Договорот на НАТО ниедна земја членка не ја обврзува на воени акции. НАТО би реагирал при напад, но „одделни НАТО-членки суверено одлучуваат дали ќе учествуваат во ваква реакција или не. Се користи поимот обврска за помош. Но тој не значи принудна обврска за воено учество, таква не постои“. Истовремено, поранешните членки на Источниот блок станаа членки во НАТО за да бидат заштитени од страна на Алијансата.

Бригада како никулец за членство во НАТО?

Рамс, кој две години беше командант на мултинационалниот корпус Север-исток стациониран во полскиот град Штетин, во предлогот на Варшава гледа првенствено сигнал кон Москва за потесна воена соработка.

„Но, ваква мултинационална бригада не би имала никаква функција и никаква улога во поглед на членство во НАТО. Таа меѓутоа може во некој подоцнежен момент евентуално да олесни прием во НАТО“.

Заедничките воени единици можат да помогнат во подобрувањето на лошата состојба на опременост на украинската армија. Пред прием во НАТО, војската треба да биде модернизирана, онака како што сака и украинскиот премиер Јацењук. Западот претпазливо би помагал во опремувањето, вели професорот Мангот. За Украина на таков начин тоа би била значајна техничка и финансиска помош . Но, тоа е само долгорочна можна програма.

Експерти: Потребна е акција на Западот

Дека до тоа ќе дојде, Мангот е сигурен, зашто во прашање е и угледот на Алијансата: „Западот мора да се праша дали ќе ја крене повисоко на агендата дилемата за веродостојноста на НАТО, имено, Украина да не ја приврзе посилно за себе или дали сака да спречи заострување на конфликтот со Москва. Во моментов изгледа дека НАТО ќе се одлучи за првата опција“.

Герхарт МанготФотографија: DW/A. Drechsel

Поранешниот генерал Рамс исто така смета дека Западот е под притисок за акција. Веќе со години владее т.н. Медведев-доктрина, наречена според поранешниот руски претседател Дмитри Медведев. Таа на руските воени сили во основа им дозволува заштита на своите државјани и во странство. Владимир Путин се повика токму на оваа одредба од документот кој содржи 116 точки, кога го анектираше Крим.

„До пред три или четири недели Западот воопшто не размислуваше за оваа доктрина“, истакнува Рамс.

Екс-генералот сепак не советува брз прием на Украина во НАТО.

„Крајно, Путин или Русија не можат да и‘ забранат влез во НАТО на Украина, ако земјата така реши и Алијансата се согласи. Исто како и Полска, Романија или Балтичките држави, Украина ќе го направи тоа за да влезе под заштитата на НАТО“, уверен е Рамс.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми