1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина купува руски гас од препродавачи

Ј.Шејко, Р. Гончаренко/сн3 јули 2015

Украина веќе не купува руски гас и така се обидува да го зголеми притисокот врз Газпром. Киев сака да постигне поповолен договор за испорака на гас, а Москва го отфрла тоа. Киев полага надежи во помош од ЕУ.

Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Shipenkov

Нема плаќање однапред, нема ни гас. Рускиот концерн Газпром во средата ги запре испораките на гас за Украина. Тоа не беше изненадување. „Се’ додека нема договор, ќе купуваме гас од други извори“, вели украинскиот министер за енергетика Владимир Демчишин. Други извори - тука пред се’ се мисли на ЕУ. Всушност би се работело за еден вид препродажба на рукиот гас на Украина - преку европските земји и по поповолни услови.

Препродажбата забранета ?

Мирек Тополанек од словачката фирма за дистрибуција на гас Еустрим во разговорот за ДВ објаснува дека Украина би можела да добие и до 23 милијарди кубни метри од овој енергенс од Словачка, Унгарија и од Полска. Тоа би било околу половина од годишните украински потреби. Сепак, има и проблеми во реализацијата на овој план. Клаудија Кемферт од Германскиот институт за истражување на економијата тврди: „Некои договори кои се направени со Русија не предвидуваат опција рускиот гас да се препродава во источна Европа.“

Во првите 6 месеци од годинава од земјите во ЕУ е увезен речиси двојно повеќе гас отколку од Русија. Станува збор за 6,3 милијарди кубни метри. Образложението е едноставно: гасот од ЕУ за Украина е поевтин од оној кој го купува директно од Русија. Но, во заострување на проблемите со снабдување со гас е директна последица на неуспешните преговори во Виена на крајот на јуни. Ни посредството на ЕУ не донесе договор меѓу Киев и Москва.

Европскиот комесар за енергетски прашања Марош Шефчович, кој посредуваше, наведе три спорни точки: цена, траење и количество на испорака. Русија во третиот квартал во 2015. од Украина бара 247 американски долари за 1.000 кубни метри гас. Во тоа е пресметан и попуст од 40 долари. Меѓутоа, овој попуст е намален во однос на првиот и вториот квартал годинава, кога попустот изнесуваше 100 долари. Намалувањето на попустот објаснува зошто цената на гас за Украина на крајот остана иста, иако неговата цена на пазарот падна. Украина смета дека Русија бара премногу и нуди да плати околу 40 долари помалку од бараната цена.

И додека двете страни и не се многу далеку од спогодба околу цената, разликите се големи кога ќе се постави прашањето за траењето на испораките. За некои набљудувачи во Киев токму тоа е клучниот проблем. Русија сака цената на гасот да се договара секој квартал во текот на годинава. Украина сака долгорочен договор, договор кој би траел барем колку што е долга зимата.

Одмерување на силите со Москва

Додека во споровите меѓу двете земји околу испораката на гас во 2006 и во 2009. година Русија беше таа која иницираше запирање на снабдувањето, сега тоа, по втор пат, го стори Украина. Пред една година Украина одби однапред да плаќа, по нејзино мислење, превисока цена. Прекинот на снабдување траеше речиси 6 месеци. До компромис дојде со посредство на ЕУ.

Фотографија: Reuters/Yuri Maltsev

Слично како и тогаш, годинава владата во Украина лесно се справува со прекинот на испораките. Грејната сезона започнува најрано во октомври, а државната каса од која се плаќа Газпром е и онака празна. Украина веќе на крајот на јули би можела да прогласи банкрот. Договорите со кредиторите за репрограмирање на долговите од околу 20 милијарди долари досега не беа успешни. Киев сака отпис на дел од долговите и одложено плаќање.

Поради тоа владата во Киев се впушти во одмерување на силите со Газпром. Нејзе и‘ е потребен секој долар за да избегне банкрот. Газпром сега мора да го намали количеството на гас која го впумпува низ гасоводите. На овој концерн му се потребни резервоарите кои се наоѓаат на територијата на Украина, кои служат за стабилно да ги снабди со гас потрошувачите во земјите во ЕУ.

И Русија и Украина тврдат дека актуелниот спор нема да го загрози снабдувањето со гас на потрошувачите на западот на Европа. Во текот на наредните денови почнуваат преговорите на владата во Киев со европските кредитори за финансиска помош која ќе овозможи со руски гас навремено да се наполнат споменатите резервоари. Киев тврди дека за тоа му се потребни околу една милијарда евра

Украина и сега се потпира на тоа дека ЕУ ќе посредува во спорот со Газпром. Наредниот круг преговори е планиран за септември.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми