Украина не прифаќа загуба на Крим
9 март 2014Украинскиот премиер Арсениј Јацењук ја потврди определбата на новото раководство во Киев за зачувување на територијалниот интегритет на земјата, вклучувајќи го и Крим. Украина нема да и‘ отстапи ниту еден сантиметар од својата територија на Русија, чии сили од минатиот месец го окупираат полуостровот Крим, изјави денеска украинскиот премиер Арсениј Јацењук.
„Тоа е наша земја. Нема да дадеме ниту еден сантиметар од неа. Нека го знаат тоа Русија и нејзиниот претседател“, истакна Јацењук на свеченост по повод 200-годишнината од раѓањето на поетот Тарас Шевченко, борец за независна Украина.
Тој увери дека ќе направи напори за политичко и дипломатско решавање на кризата во Крим. Според Јацењук, САД и Велика Британија, кои станаа гаранти за територијалниот интегритет на Украина кога поранешната советска република во 1994. година се откажа од нејзиното нуклеарно оружје, ќе направат „се‘ што е можно за да ја заштитат независноста на Украина“.
„Се наоѓаме пред еден oд најголемите предизвици во историјата на независна Украина“, нагласи Јацењук. Украинскиот премиер најави посета на САД заради советување околу актуелната криза. Во меѓувреме украинската влада ги затвори „славините“ за пари на Крим. Поради блокираните банкарски сметки автономната област веќе не може да ги финансира тековните активности, изјави заменикот премиер на Крим Рустам Темиргаљев во Симферопол. Кримското раководство веќе се обратило кон Москва со барање за отворање сметки во руските банки. На полуостровот и онака наскоро ќе биде воведена рубљата како валута, ако мнозинството жители на Крим на 16. март, како што се очекува, на референдум се изјаснат за приклучување кон Русија, истакна Темиргаљев.
„Шпигел“: Трупите на Крим се руски
Според информациите на германскиот магазин „Шпигел“, илјадници војници и униформирани луѓе кои се ангажирани во Крим, а не носат ознаки на униформите, очигледно се од Русија. Безбедносните експерти на повеќе членки на НАТО имаат докази дека од почетокот на кризата најмалку две илјади руски војници се преместени од нивните бази на полуостровот. Руските трупи ги зазедоа аеродромите на Крим. Проценките во НАТО се дека се работи за околу 6 илјади дополнителни руски војници преместени од Русија на Крим. Русија досега негира испраќање нејзини војници на Крим.
Руски војници зазедоа украински граничен објект на Крим
Руски војници денеска ја презедоа контролата врз украински граничен објект во западниот дел на Крим, соопшти портпаролот на граничната воена служба Олех Слободјан. Околу 30 луѓе се блокирани во базата во Черноморское, која рано изутринава била преземена од Русите без ниту еден истрел. Според Слободјан, руските сили во моментов контролираат 11 гранични објекти на Кримскиот полуостров.
Во Севастопол судири меѓу приврзаници на Киев и Москва
Во Севастопол денеска избија судири меѓу приврзаниците на Москва и Киев од овој кримски град, каде жителите кои зборуваат украински ја прославуваа годишнината од раѓањето на Тарас Шевченко. Според Би-Би-Си, група од околу 100 проруски активисти, со тупаници и камшици, нападнале 20-тина припадници на обезбедувањето на митингот во Севастопол. Некои од напаѓачите биле руски козаци на проукраинскиот митинг, на кој имало околу 200 лица.
Насобраните фрлале со се‘ што им се наоѓало при рака врз автомобилите, со кои активистите се обиделе да побегнат од местото на настанот, кршејќи им ги прозорците на возилата. Проруски демонстрации, исто така се одржани во градот во воената база на руската Црноморска флота.
Украинската телевизија на Крим е исклучена
Наводните „сили на самоодбрана“ на Крим во изминатите денови во повеќе наврати извршиле напади врз новинари. На екипа на новинската агенција АП, според нејзини наводи, и‘ била одземена техничката опрема. Од вчера на Крим е исклучена телевизиската програма на украинската телевизија, како и на единтсвената независна станица на Крим. На нивните фреквенции сега може да се следат само руски станици.
Лидерот на украинската партија Удар, Витали Кличко, побара затворање на украинската граница со Русија, како и забрана за коритсење на украинскиот воздушен простор. Украинското раководство мора да спречи руските провокатори да ја продолжат агресијата, се вели во неговото соопштение.