1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина: очајнички се бара претседател- спасител

Роман Гончаренко
30 март 2019

Телевизискиот комичар Зеленски се смета за фаворит на претстојните претседателски избори во кризната Украина, но победата не му е предодредена.

Ukraine - Präsidentenadministration in Kiew
Фотографија: picture-alliance/dpa/H. Schmidt

Ретко кога исходот од некои претседателски избори во Украина бил толку неизвесен како в недела. Ова се први редовни избори за шеф на државата по вонредните во мај 2014 година, предизвикани од бегството на претседателот Виктор Јанукович во Русија, поради растечките протести во Киев. Тогаш изненадувачки победи бизнисменот Петро Порошенко уште во првиот изборен круг. Но, овојпат неговиот реизбор е неизвесен, слично рапидно растат шансите на еден друг аутсајдер.

Тројца фаворити

Околу 38 милиони граѓани со право на глас утре (31, март) треба да се одлучат за еден од 38 кандидати, од кои мнозинството нема никаква шанса. Според анкетите на јавното мислење, изгледи за влез во вториот круг избори на 21 април имаат тројца кандидати. За фаворит се смета омилениот 41-годишен телевизиски комичар Володимир Зеленски, според предизборните анкети тој има поддршка меѓу 20 и 30 проценти, што е значителна предност пред актуелниот претседател Порошенко и поранешната премиерка Јулија Тимошенко, двајцата со по околу 17 проценти.

Зеленски ја има предноста на нов лик во политикатаФотографија: picture-alliance/Pacific Press/A. Gusev

Зеленски е познат по повеќе сатирични емисии и комедијантската серија „Слуга на народот“, во која тој игра улога на професор кој станува претседател. Третото продолжение е емитувано неколку дена пред изборите. Зеленски профитира од имиџот на некомпромитиран политички аутсајдер и поентира посебно кај помладите луѓе. Порошенко и Тимошенко напротив важат за олицетворение на стариот, неефикасен политички систем. Во суштина, Зеленски се вклопува во побарувачката за нови лица и очекувањата за еден вид спасител, „месија“ кој би ги решил многуте проблеми на земјата.

Актуелниот претседател, напротив, кај многумина е неомилен или дури омразен. 53-годишниот Порошенко делува притеснет и од најновите разоткривања на корупциски афери во државната воена индустрија. Неговите надворешнополитички успеси, како визната либерализација со ЕУ, не можат да го порамнат разочарувањето од растечките цени и непотизмот.

Ќе стане ли Јулија Тимошенко прва претседателка на Украина?Фотографија: Reuters/V. Ogirenko

58-годишната Тимошенко ги има најдобрите шанси во нејзината кариера да стане прва претседателка на Украина. Но, таа силно поларизира, важи за бескруполозна и опседната за моќ. Најголемата мана на Тимошенко е нејзиното преку 20-годишно присуство во украинската политика, значи таа е сѐ само не нов лик.

Меѓутоа, победа на Зеленски не е сигурна. Неговиот изборен потенцијал се чини ограничен на подрачјето на источна и јужна Украина каде се зборува руски јазик. Освен тоа, критичарите му префрлуваат дека е „кукла“ на олигархот Игор Коломојски, иако двајцата енергично ги негираат обвинувањата, а сепак се во деловни врски. Коломојски води против Порошенко еден вид приватна војна поради поранешни конфликти, на пример во банкарскиот сектор. Крајно, и самиот Зеленски поларизира, зашто се смета за латентно проруски ориентиран, што може да ги одврати избирачите во западна Украина.

Клучни теми во предизборието

Порошенко се обраќа првенствено до патриотски настроените Украинци, тој се презентира како врховен командант во војната против проруските сепаратисти во источна Украина и инсинуира дека неговите најважни конкуренти се петта колона на Москва. Тој се потпира на надворешнополитичките успеси, планира натамошно дистанцирање на Украина од Русија и приближување кон Запад.

Тимошенко во фокус ја става внатрешната политика, се залага за нов почеток и промена на уставот во прилог на чисто парламентарна демократија. Со ветувањето за пониски цени на гасот за домаќинствата, таа сака да поентира кај најсиромашните слоеви на избирачите. И Тимошенко планира да ја води Украина кон ЕУ и НАТО.

Зеленски во својата изборна прграма главно останува на неодредени ветувања, со популистичка боја. Меѓу другото, тој планира воведување поголема директна демократија преку референдумски изјаснувања, и прстите ги става во болните рани: корупција, ниски плати и пензии или растечка економска миграција. 

Претседателот Петро Порошенко се бори за реизбор на функцијатаФотографија: Reuters/V. Ogirenko

Колкава е опасноста од фалсификати?

Порано изборите во Украина често беа во сенка на обвинувања за лажирање и манипулации, што во 2004 година доведе до „Портокаловата револуција“. Набљудувачите од ОБСЕ во последниот период се изјаснија за споредбено фер избори, но овојпат постојат бројни предупредувања од манипулации. Во меѓуизвештај на Организацијата за безбедност и меѓусебна соработка во Европа се вели дека се добиени „бројни поплаки за купување гласови во целата земја“.

Од оваа причина расте значењето на анкетите на гласачите при напуштањето на гласачките места. Најважното вакво анкетирање ќе го водат три водечки институти за истражување на јавното мислење, финансирани меѓу другото од САД и ЕУ.

Предизвиците за идниот претседател на државата

Освен војната во регионот богат со јаглен, Донбас и со неа поврзаната нужност од модернизација на армијата, пред новиот шеф на државата се исправени куп други Херкуловски задачи, во прв ред – долго време со половина срце водената борба против корупцијата. Во речиси сите важни области неопходни се натамошни  реформи, како во судството, полицијата, здравството. 

Повеќе:

Кому служат црквите и патријарсите?

Крим се одвојува со ограда од Украина

Украина пет години по Мајдан - реформи со темпо на полжав

Идниот претседател ќе биде конфронтиран и со последиците од евентуално стопирање на рускиот транспорт на гас кон Европа од 2020 година, што финансиски ќе ја ослаби Украина и ќе ја направи поподложна и понемоќна кај дестабилизирачките обиди на Русија. 

Нејасни се и општествените последици од на крајот на 2018 година формираната нова православна црква, зависна од Москва.  Во идните месеци победникот на претседателските избори меѓутоа не би требало да почне никакви поголеми реформи, за да не направи грешка. Имено, наесен следуваат парламентарни избори и формирање нова владејачка коалиција. Дури тогаш ќе биде јасно кој ќе го води главниот збор во земјата. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми