1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина повторно во насока на НАТО

Роман Гончаренко / Елизабета М. Фиданоска14 октомври 2014

Украина веќе не сака да биде неутрална држава и стреми кон членство во НАТО. Парламентот денеска (14.10) треба да гласа за законските измени со кои се менува неутралната позиција на земјата.

Фотографија: DW/G. Stadnyk

Украинската надворешна политика е пред пресврт. Парламентот денеска треба да гласа за измени на законот со кои ќе се промени неутралноста на Украина. Покрај стремежот за членство во ЕУ, сега како цел се поставува и членство во НАТО. Предлог законот излезе од „работилницата“ на Владата уште на крајот на август.

Поуки од анексијата на Крим

Со тоа Украина се враќа на патот кој го прекина во 2010 година. Тогаш, свежо избраниот проруски претседател Викто Јанукович ја „пречкрта“ од соодветниот закон целта на Киев за членство во НАТО. Јанукович како основен принцип ја декларираше „неврзаната политика“, која исклучува членство во сојузи како НАТО.

По руската анексија на украинскиот полуостров Крим во март годинава, повиците за членство во НАТО стануваа се‘ погласни. Многумина размислуваа како поранешниот министер за одбрана Марчук. Губењето на Крим е цената која Украина мораше да ја плати за својата воена неутралност, рече Марчук во едно интервју. Како дополнителен аргумент за членство во НАТО важи и вооружениот конфликт со сепаратистите во источна Украина, за што Киев ја обвинува Русија.

Украинската променлива политика

Украина над една деценија ја менува својата позиција кон НАТО. Прво, во 2002 година, тогашниот претседател Леонид Кучма донесе одлука да ја води Украина кон западната воена алијанса. Но НАТО имаше ладен став кон украинските стремежи, а соседна Русија вршеше притисок. Москва критикуваше евентуално членство на Украина во НАТО и во тоа гледаше опасност за себе. По средбата со рускиот претседател Владимир Путин летото 2004 година, Кучма отстрани дел од украинската воена доктрина - делот во кој се зборуваше за стремежот кон членство во НАТО.

По само неколку месеци во Украина се случи „Портокаловата револуција“. Прозападниот политичар Виктор Јушченко победи на претседателските избори и повторно зазеде курс во насока на НАТО. Тој поддршка доби од тогашниот американски претседател Џорџ Буш. На самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, Буш сакаше на Украина да и‘ го понуди т.н. „Membership Action Plan (MAP)“, односно програмата на подготовка на идните членки. Некои западноевропски земји, меѓу кои и Германија и Франција, се изјаснија против. На самитот беше заклучено дека Украина би можела да стане членка на НАТО, но немаше конкретен датум. Германската канцеларка тогаш укажа на слабата поддршка за влез во НАТО од страна на украинското население.

Првпат мнозинство за приклучување кон НАТО

Навистина, бројот на оние кои се за приклучување на Украина кон НАТО со години беше околу една третина од населението. Но овие времиња се чини се минато. Првпат во поновата историја на Украина во општеството има мнозинство за членство во НАТО. Педесет и два процента од Украинците на референдум за ова прашање би се изјасниле за приклучување на својата земја кон Северноатлантскиот сојуз, покажа истражувањето на институтот ГфК Украина, направени во септември. Против би биле 19 проценти од граѓаните. Повисок резултат од овој (54% „за“) беше забележан во јуни, во истражување на киевскиот Расумков-центар.

Парламентот треба да го промени курсотФотографија: picture-alliance/dpa

Се‘ дотогаш сликата беше поинаква - во април годинава против приклучување во НАТО биле 41% од граѓаните, додека „за“ се изјасниле 36%.

Вратата на НАТО останува отворена

Пред предвремените парламентарни избори на 26 октомври, членството во НАТО е една од темите во кампањата. Повеќето партии се „за“ членство. Некои, како партијата на поранешната премиерка Јулија Тимошенко - Татковина, бараат што е можно побрзо одржување референдум за приклучување кон НАТО. Претседателот Петро Порошенко е на мислење дека тоа би било избрзано. Одржување референдум би ја поделило земјата, оценува Порошенко.

Порошенко сака да ја води Украина кон НАТОФотографија: Reuters/Valentyn Ogirenko

На дневниот ред на НАТО се‘ уште ја нема Украина. На самитот во Велс, на почетокот на септември, алијансата и‘ даде поддршка на Украина, но ветувања за приклучување не се дадени. Алијансата и‘ вети на Украина помош во модернизацијата на армијата, но не и скорешно членство. Владата во Киев се надева дека до крајот на годината земјата ќе добие статус на „специјален партнер и најблизок сојузник на НАТО“. Алијансата пак досега е воздржана во врска со ваквата желба на Киев.

Русија го предупредува Западот

Русија и натаму го посматра критички украинското приближување кон НАТО. Неутралноста на Украина е важен составен дел од безбедносната архитектура во Европа, изјави рускиот министер за надворешшни работи Сергеј Лавров во септември. Лавров е убеден дека некои членки на НАТО се обидуваат да ја принудат Украина на приклучување. Тоа, според него, е „сериозна закана за стабилноста во цела Европа“.

Ваквата реторика не остава впечаток на Киев. Владата на Украина укажува новиот закон од една страна ќе ја доведе земјата на пат кон НАТО, а истовремено треба да исклучи и членство во царинска унија на поранешните советски републики. Русија досега попусто се обидуваше да ја привлече Украина во оваа нова економска унија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми