Украина помеѓу војна и банкрот
26 мај 2015На луѓето во својата земја им вети реформи и европска перспектива. Под слоганот „За подобар живот“ бизнисменот и политичар Петро Порошенко пред една година беше избран за украински претседател. Тој најави дека ќе ја реформира земјата по урнекот на ЕУ, но сомнежите дека ќе успее во тоа, растат.
Реформите течат многу бавно, а приближувањето кон ЕУ е покомплицирано одошто се очекуваше. Украина се тетерави меѓу банкрот и војна. Киев во моментот преговара со ММФ за исплата на нова финансиска помош. Во јуни се очекуваат конкретни резултати. Паралелно се преговара и за огромните барања од странство кои Украина едвај може да ги исплати. Можни сценарија се репрограмирање на долговите или нивно „кратење“ што Украина во меѓувреме и го бара. Истовремено, на земјата и‘ се заканува инсолвентност со тешки последици за финансиските пазари, а пред сѐ за самата Украина. Од избувнувањето на кризата, животниот стандард на граѓаните драматично падна, а тоа би можело дополнително да се влоши. Се чини дека Украинците се подалеку од подобар живот од кога било досега.
Украина нема пари за војна
Една од причините за таквата состојба е војната со сепаратистите поддржани од Русија на истокот на земјата. Украина на долг рок не може да излезе на крај со трошоците за одбрана. Иако радикалите во Киев сѐ уште тврдат дека военото решение е можно - тоа е нереално. Тоа го покажаа и воените порази последните месеци.
Притисокот врз Порошенко расте и тој ќе мора да делува. Пред домашната јавност тој остава впечаток на некој кој е уверен во победа. На истокот веќе се заканува следната ескалација: стратешки важното пристаниште Мариупол е на мета на сепаратистите. Нападот би можел да започне во секој момент. Но силата се демонстрира и со подготвеноста за дијалог и компромис. Со сепаратистите мора да се преговара и тука нема алтернатива. Примирјето договорено пред три месеци е кревко. Спроведувањето на Договорот од Минск на дело, е единствениот пат по кој Украина би можела да биде поштедена од крвопролевање.
Реформи и борба против олигарсите
Само така може да успее и процесот на политичка и економска стабилизација на целата земја. Секојдневието во неа се ‘уште го диктираат корупцијата и непотизмот. Богатите олигарси од различни табори се‘ уште ги влечат конците и ги контролираат клучните гранки на индустријата. Украина досега не стори многу против тие аномалии. Растат критиките на сметка на владата и особено за премиерот Арсениј Јацењук.
И самиот Порошенко се двоуми кога е во прашање ограничувањето на моќта на олигарсите. Можеби затоа што и тој е еден од нив. По изборот за претседател вети дека ќе ги прекине врските со сопствената фирма, но се‘ уште не го сторил тоа. Доколку Порошенко навистина сака подобар живот за луѓето во Украина, тој ќе мора да ја поведе борбата против олигарсите. А потребен му е и шеф на влада кој ќе го поддржи во таа борба.