1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Украина и Русија – прашањето е кој прв ќе колабира

Тагесшау (АРД)
8 јули 2022

По битката за Донбас ќе следи помал интензитет на војната во која двете страни повеќе ќе трошат ресурси, вели за онлајн изданието на АРД, Франц Штефан Геди, воен аналитичар од Институтот за меѓународни стратегиски студии

Ukraine Kriegszerstörung zwischen Mykolaiv und Cherson
Фотографија: Laine Nathan/abaca/picture alliance

Украинската војска се откажа од Лисичанск и сега тешки борби се водат околу Доњецк. Што значи тоа од стратешки, воен аспект за оваа војна?

Франц – Штефан Геди: Од воен аспект, предавањето на Лисичанск нема големо значење. Тоа е симболична победа на руските сили, а стратешките последици ќе бидат минимални за продолжување на војната. Во  Донбас се уште се трошат ресурси и стационираната војска односно, фокусот не е на освојување на поедини градови туку повеќе целта е на противникот да му се нанесат загуби, и материјални и човечки, отколку што ги има на сопствена страна.

Лесно предвидливо беше дека Лисичанск и Северодоњецк, порано или подоцна ќе паднат поради големата надмоќ на руските сили, особено кај артилеријата. Украинските сили тактички се повлекоа – не се бореа до последен човек како во Мариупол, за да не бидат опколени. Тоа покажува колку им се стратешки важни овие градови, а очигледно во Украина се верува дека можеби подоцна може да бидат преземени со контраофанзива.

Сега украинските сили се повлекоа на нова, добро утврдена одбранбена линија и се стационирани во Бахмут, Соледар и Северск. Другата одбранбена линија е кај Славјанск и Краматорск. Тие два урбани центри од 2014 се подготвувани како одбранбени упоришта.

Во каква состојба се сега двете армии по четири и пол месеци војна? 

За нив ова е таканаречена „трка до дното“. И двете војски се исцрпени, крвареа, и имаа огромни загуби. Сега е прашање кој прв ќе колабира. Впрочем, ова е секогаш главно прашање во војна што исцрпува, троши. Краткорочно, на истокот ситуацијата за украинските сили изгледа полошо, бидејќи руските сили, кога станува збор за артилерија, имаат огромна предност и немаат проблеми со каналите за снабдување. Во исто време, руските сили во Донбас можат да создадат штит над нивните операции во форма на воздушна одбрана, што е разлика во споредба со првата фаза од војната. Украинската авијација пак тука не доаѓа до израз, што за нив е голем недостаток.

Русите имаат надмоќ и во електронското војување поради што украинската страна ретко користи беспилотни летала, бидејќи нивната употреба може да биде попречена по електронски пат. Ова го отежнува извидувањето. Од друга страна, голем недостаток на руската армија е тоа што им недостасува пешадија.

Руски ракетен напад врз Универзитетот во ХарковФотографија: Vyacheslav Madiyevskyy/REUTERS

А на украинска страна?

Русија мора да смета на фактот дека на долг рок украинската среќа може да се сврти – ова зависи од тоа колку тие можат да профитираат од залихите на оружје и муниција од Западот. Прашање е дали ќе има координирано и трајно снабдување со оружје, разузнавање и обука на војниците. Тука Западот мора подобро да се координира и да размислува стратешки и долгорочно. Фактот дека Украина има различни артилериски системи и треба да изгради посебна логистика за секој од нив, не им оди баш во прилог. Тоа не е ефикасно. Затоа треба да се планира и да се концентрираат можеби само на два системи. Ова го олеснува тренингот и одржувањето. Во моментов се добива впечаток дека украинските сили не го користат целиот потенцијал на оружје од Запад, бидејќи не се обучени. Разбирливо е дека на украинските сили мора да им се обезбеди доволно муниција за да можат поинтензивно да дејствуваат.

Се забележува ли ефектот од испораката на оружје од Западот?

Да, да речеме кај таргетираните напади на руската линија на снабдување и складишта со муниција, кои се изведуваат со повеќецевни минофрлачки ракети кои Украина ги доби од Западот. Во првата фаза на војната на пример МАНПАДС, преносните системи за противвоздушна одбрана и пред се за противтенковско оружје беа клучни за преживување на дел од украинските единици. Користењето на овие системи им нанесе сериозни загуби на руските сили.

Украинската армија зајакната со западна артилеријаФотографија: IMAGO/Cover-Images

Според Ваша проценка, во која насока ќе се одвиваат борбите во следниот период?

Останувам на ставот дека ова ќе биде последна голема руска офанзива пред оперативната пауза. Тоа не значи прекин на огнот или прекин на борбите, но поверојатно е дека брзината и интензитетот на борбите ќе бидат намалени за некое време. Двете страни ќе го искористат тоа време за да ги обноват своите сили, да соберат нови единици и да донесат засилувања. Мислам дека линијата на фронтот ќе остане динамична и дека нема да има пат-ситуација. Ќе продолжи војна која ќе се базира на трошење ресурси. Тешко е да се каже до кога ќе трае тоа.

Русија може да издржи ваков тип на војна уште неколку месеци, или се до следната година под услов да го контролира  „проблемот со воен персонал“ и постојано да испраќа нови војници на фронтот. Во овој поглед, санкциите нема да имаат директно влијание врз воените дејствија.

Според мене, Донбас нема големо стратешко значење, освен што ќе „проголта“ голема количина воени ресурси и војска на Украина.

Многу поважен за продолжување на војната е регионот Херсон. Според мене, порано или подоцна овде ќе биде тестот за првата голема контраофанзива на Украина. Ако таа офанзива не успее, тоа ќе биде сигнал до западните партнери посилно да ја притискаат Украина во преговори. Неуспехот логично би ги засилил гласовите на скептиците кои се противат на вооружувањето на Украина и тоа би ја ставило земјата во многу лоша позиција.

Вака погледнато, најважната офанзива на украинските сили ќе биде обидот за ослободување на Херсон и потиснување на руските сили преку Дњепар. Но, и понатаму сум скептичен околу тоа дека Украина во наредните месеци може да ја премине реката и да ги потисне руските трупи уште кон исток.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми