1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина се бори за стабилност

Роман Гончаренко / Елизабета М. Фиданоска24 мај 2014

Новиот претседател на државата на предвремените избори го избира една нова Украина. Земја без Крим, но со надеж за подобра и европска иднина.

Фотографија: Sergei Supinsky/AFP/Getty Images

Тана де Зулуета стои пред карта на Украина која виси на ѕидот на една канцеларија на ОБСЕ во Киев. Италијанката раководи со набљудувачката мисија на предвремените претседателски избори што се одржуваат в недела (25.05.2014). На картата со шпенадли се закачени слики од луѓе. Тоа се местата во кои се ангажирани луѓето на Зулуета. Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) на изборите има испратено 1000 набљудувачи, односно толку многу како никогаш досега.

Од нив зависи дали изборите ќе бидат признати ширум светот. Дел од мисијата на ОБСЕ се и руски набљудувачи. Рускиот претседател Владимир Путин вчера (24.05) рече дека ќе го „почитува“ резултатот од изборите.

Тешки борби во предвечерјето на изборите

Шпенадлите на картата на Зулуета се распоредени рамномерно во целата земја, со два исклучока - Крим и источна Украина. На Крим, кој беше анектиран од Русија, не се одржуваат избори. На истокот на земјата пак, има само мал број набљудувачи. „Имаме два тима долготрајни набљудувачи во подрачјето Доњецк и два на север, во регионот Луганск“, вели Зулуета во разговор за Дојче веле. Луѓе за краткотрајно набљудување во источна Украина нема да дојдат од безбедносни причини. Таму вооружените проруски сепаратисти прогласија „народни републики“. Украинската армија се обидува да се бори против нив и во изминатите денови забележа големи загуби. Загинаа десетици војници.

Во два региона избори речиси не се можни

Ваквите вести и‘ предизвикуваат грижи на Зулуета. Во овие региони може да биде опасно да се излезе на избори, вели таа. Состојбата е влошена од почетокот на мај. Има се‘ повеќе случаи на застрашување. Сепаратистите уништија изборни материјали. Сето оа е „систематски обид за спречување на изборите“, оценува раководителката на мисијата на ОБСЕ. Во двата региона на истокот живеат околу 5 милиони Украинци. Може да се случи повеќе од половината од луѓето со право на глас во тој дел на земјата да не можат да излезат на изборите, предвидува Зулуета.

Тана де Зулуета раководи со набљудувачката мисија на ОБСЕФотографија: DW/R. Goncharenko

Се очекува избори да нема на југот на регионот Луганск и во некои градови на регионот Доњецк, но во дел од селските средини и во самиот град Доњецк можно е изборите да успеат. „Според украинскиот закон едни избори се важечки дури и ако својот глас го дале мал број избирачи“, нагласува Зулуте. Таа додава дека во останатите делови на земјата претседателските избори ќе течат „мирно и нормално“.

Мнозинството не го сака Јанукович назад

Загубата на Крим и состојбата со источна Украина го расипуваат расположението и радоста на многу Украинци пред претседателските избори. Зимата, по повеќемесечни протести на проевропската опозиција на плоштадот Мајдан во Киев и по ескалацијата на насилството, од власт беше симнат прорускиот претседател Виктор Јанукович, кој побегна во Русија. Тој себеси се‘ уште се смета за легитимен претседател.

Но Украинците не го сакаат. Не го сакаат дури ни во неговите поранешни упоришта на истокот и југот на земјата. Повеќе од две третини од луѓето таму сметаат дека Јанукович веќе не е легитимен претседател, покажува истражувањето на Меѓународниот институт за социологија во Киев, објавена на крајот на април.

„Кралот на чоколадото“ важи за фаворит

Сега се избира наследник на Јанукович. Право на глас имаат околу 35 милиони Украинци. Како фаворит важи милијардерот Петро Порошенко. Тој, според анкетите, би можел да освои над 30 проценти од гласовите. Поради тоа што има повеќе фабрики за кондиторски производи, 48-годишниот Порошенко ја носи титулата „крал на чоколадото“. Овој бизнисмен го поддрживаше протестното движење на Мајдан и беше во состојба да ги убеди опозиционите политичари и светскиот првак во бокс Витали Кличко да се откажат од кандидатура. Сега Кличко настапува на изборите за градоначалник на Киев, кои исто така се одржуваат утре (25.05). Кличко има добри шанси да победи.

Петро Порошенко и Витали Кличко се договорија за кандидатуритеФотографија: Reuters

Порошенко ветува „нов живот“, без корупција и со благосостојба. Тој сака да ја одведе Украина во ЕУ и веќе наредната година да почне преговори со Брисел за таа цел. Освен тоа, ветува добри односи со Русија и ветува дека Крим ќе се врати во Украина. Притоа, не кажува како тоа сака да го оствари.

Борба за второто место

За второто место се борат поранешната украинска премиерка Јулија Тимошенко и Серхиј Тихипко, поранешен член на Партијата на регионите на Јанукович. Тимошенко, според анкетите, е пред Тихипко, но многу зад Порошенко. Многумина Украинци ја обвинуваат за загубата на Крим и за состојбата во источна Украина. Тоа се гледа и во анектите, но и во разговорите со луѓето на улиците на Киев. „Томошенко има контрола врз сегашната влада“, вели еден 40-годишен човек. Тој укажува дека и преодниот претседател Турчинов и премиерот Јацењук припаѓаат на партијата на Тимошенко. „Ако владата покажеше цврстина, Крим се‘ уште ќе беше украински“, вели тој и не е осамен со ваквиот став.

Јулија Тимошенко има шанси да влезе со Порошенко во вториот круг од изборитеФотографија: Reuters

Се претпоставува дека ниту еден од кандидатите нема да освои повеќе од 50 проценти гласови во првиот круг и дека затоа ќе биде неопходен втор круг избори, на 15 јуни. Но и потоа проблемите на Украина нема да бидат решени. Според актуелниот устав, владата има повеќе компетенции од претседателот. Актуелната влада сака да го измени уставот со цел претседателот да има уште помалку моќ. Дали победникот на изборите ќе биде согласен со тоа, е прашање. Затоа многу набљудувачи во Киев сметаат дека јасни односи на силите ќе има дури по одржувањето на предвремни парламентарни избори. Вакви избори, меѓутоа, засега не се ни планирани.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми