1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина: Со руски доброволци на фронт

У. Лилишкис / З. Јордановски14 декември 2014

На фронтот во источна Украина има и руски доброволци, млади луѓе кои во борба делумно одат речиси неподготвени, со намера да сторат нешто за своите, за Русите во источна Украина. Каква е нивната реалност на фронтот?

Фотографија: Reuters

Автобусот од Москва до Ростов на Дон. Валентин од Москва ја зема со себе сопругата Елина, која сака да го придружува на фронтот. Руските сопружници живееја во Летонија, таму се чувствуваа дискриминирани и поради тоа сега сакаат да им помогнат на Русите во Донбас. Валентин вели:

„Украинците започнаа да бомбардираат мирни градови, Доњецк, Луганск. Јас се определив за мојата страна.“

Елина е убедена: „Сега еден сон станува реалност. Конечно го правам вистинското“

Обајцата веруваат дека е тоа страната „руски мир“ - „руски свет“, која се наоѓа во војна со Киев и со Соединетите Американски Држави.

Близу до целта ознаките на патот стануваат недвосмислени: Валентин и Елина се качија во такси на украинската граница, која одамна ја контролираат сепаратистите.

Елина треба во безбедниот Луганск да организира хуманитарна помош. Во становите на жителите кои побегнаа од градот сега се собираат руски доброволци кои се на пат кон фронтот. Тој е оддалечен околу половина час, разделбата е кратка.

Баталјонот од доброволци „Зора“ има околу 500 борци. Една чета од баталјонот, околу 50 мажи, има базичен логор овде, во некогашната фабрика. Најголемиот дел од нивните стари тенкови се неупотребливи - само еден единствен е во функција.

Јура дојде вчера, заедно со Валентин. Тој е за првпат на фронтот. Сега добива краток курс за ракување со калашников. Многу време има поминато откога тој доби основна војничка обука. Ни самиот не знае колку долго ќе остане.

Фотографија: Reuters

Јура се мачи, прецизноста во стрелањето му е слаба. Но, овде професионалноста е помалку битна од убедувањето:

„Дојдов оти тоа веќе не можев да го гледам. Дојдов колку што можев побргу.“

„Каде го гледаше сето тоа?“

„На телевизија. Овде живеат луѓе, а тие ги убиваат за ништо.“

Уште истата ноќ Јура повторно ја зема пушката в рака. Но, овојпат е сериозно. Валентин си ја повреди раката, тој може само да помогне во ненадејната ситуација. Нивните истурени позиции беа нападнати од украински единици, сега сите мажи од четата мораат да одат на фронтот за да се одбие нападот. Но, речиси сите од нив ќе загинат на тој ден.

Единствениот тенк кој функционира проаѓа покрај Валентин, кој поради повредата на раката треба да го чува логорот.

Наредното утро една мала група треба да однесе муниција и мини до линијата на фронтот. Последните два километра веќе се во линијата на дострел на украинските единици, возачот Журави нагази до крај на гасот.

Украинските единици цела ноќ го биеја напуштеното село на линијата на фронтот со гранати, доброволците се вознемирени: интензивната стрелба би можела да е подготовка за напад.

Андреј има 21 година. Веќе месеципол е овде како доброволец. За Нова година сака да оди на одмор дома, каде го чека неговата девојка, со која понекогаш контактира на интернет.

Првата линија на фронтот - и овде сите веруваат дека го прават вистинското.

„Гледав на телевизија. На момците им треба помош“, вели Андреј.

„Знаат ли твоите родители дека си овде?“

„Му кажав само на еден пријател дека ќе одам“.

Ударите се се’ поблиску.

„Без нас доброволците Украинците одамна ќе го освоеја Донбас.“

Фотографија: Reuters

Неколкумина барат заштита зад една куќа. Кога неколку минути беше мирно, тие сакаа да побараат посигурно место. Командирот на четата Сергеј од градот Казан се обидува да ги донесе на сигурно руските репортери.

Запрете со огнот...

Сергеј мисли дека токму сопствената артилерија по грешка го бие селото. Тогаш моторот откажа.

„Вака проклето се бориме. И уште тие велат дека Русија ни помага. Кога би ни помагала ние одамна би биле во Киев...“

Кратко потоа и нивниот единствен тенк побегна од селото на фронтот. Тие навистина беа нападнати од два украински тенка, известија преживеаните, на кои им беше укажана провизорна помош на најблискиот контролен пункт.

И Јура успеа да се врати назад во базичниот логор, со шрапнели од граната во левата рака. Руските доброволци, најчесто млади, се чини немаат никаква шанса против борбено искусните Украинци.

„Каде се точно тие побегнати?“

„Како побегнати? Од нашите не преостана никој.“

„Сите се мртви?“

„Да, сите се мртви. Преживеаја само петмина.“

Јура го однесоа во болница, тој не ќе може така скоро повторно да војува. Тој цел еден ден ја доживеа реалноста. Но, веројатно ќе дојдат илјадници други - тие, кои гледаат руска телевизија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми