1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина стравува дека Запад ќе предлага отстапки кон Русија

Силја Томс
16 јуни 2022

Украина стравува дека западните политичари би можеле да се обидат да постигнат нова верзија на Минск II и тоа го отфрла. Путин пред нападот овој договор го прогласи за пропаднат. Што всушност предвидува договорот?

Ukraine | Militärkonvoi bei Kiew
Фотографија: Dogukan Keskinkilic/AA/picture alliance

Советникот на украинскиот претседател, Олексеј Арестович стравува дека западните политичари од Германија, Франција и Италија при нивната посета ќе се обидат да склучат уште еден мировен договор како Минск II: „Тие ќе кажат дека треба да ја прекинеме војната која предизвика проблеми со снабдување со храна и економски проблеми, дека Руси и Украинци умираат, дека треба да го спасиме образот на господинот Путин, дека Русите направиле грешки, но дека треба да им простиме и да им дадеме шанса да се вратат во глобалното друштво“, изјави Арестович за весникот „Билд".

Францускиот претседател Емануел Макрон е категоричен дека Украина некогаш мора да седне на преговарачка маса со Русија за да се стави крај на војната. Тој неодамна изјави и дека Русија не треба да биде понижена во преговорите по завршувањето на борбите, на што Украина реагираше со остри критики. Арестович вели дека со оглед на наводните  воени злосторства во Буча,  би било несоодветно барање од страна на Западот да му се дозволи на  Путин да го „спаси образот“.

Целта на Минск I и II беше во 2014 и 2015 да се стави крај на војната во источна Украина, но многу од зацртаните цели не беа постигнати. Што всушност предвидуваше Договорот од Минск? 

Промашени цели на Договорот од Минск 

Мировниот процес со кој требаше да се стави крај на војната во Источна Украина вклучува два договора: Протоколот од Минск познат како Минск I, и Минск II. Кога се зборува за Договорот од Минск, се мисли на Минск II.  Во 2014 Украина и сепаратистите поддржани од Русија се договорија за план од 12 точки, таканаречен Минск I,  кој требаше да осигура прекин на огнот долж линијата на фронтот која подоцна стана и фактичка граница кон сепаратистичките области. Но, тој не се одржа долго, па следеа прекршувања на примирјето и насилство од двете страни. 

По преговарачки маратон, следната година беше постигнат договорот Минск II, со кој се стави крај на војната во источна  Украина која сѐ повеќе се заоструваше. Со новиот пакет мерки се заменија одредбите од првиот договор. На мировниот документ постигнат во белорускиот главен град Минск во 2015 година потпис ставија Русија, Украина, Франција и Германија. Воените дејствија видно се намалија, но многу точки од договорот сѐ уште се само делумно спроведени. 

Потписниците на договорот од Минск: Владимир Путин, Ангела Меркел, Франсоа Оланд и Петро ПорошенкоФотографија: Tatyana Zenkovich/EPA/picture alliance

Многу спорни точни, малку конкретни решенија 

Договорот во основа предвидува прекин на огнот и повлекување на тешкото вооружување. На копнениот дел од околу 400 километри од украинско-руската граница требаше да се создаде и безбедносна зона, под надзор на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).

Дури и овие три суштински точки беа само делумно почитувани низ годините. Според ОБСЕ, имало повеќекратни случаи на насилство и борби меѓу завојуваните страни. Киев, исто така, ја обвини Русија дека дозволува оружје и борци да стигнат до сепаратистите преку граничната безбедносна зона. Размената на затвореници и регулативата за амнестија, исто така, не функционираа како што беше договорено. Всушност, сите заложници и незаконски приведени лица од двете страни требаше да бидат ослободени, а во реалноста имаше размена само на поедини борци, војници или активисти.

Други клучни точки од договорот од Минск се договори за политичко решение на конфликтот, како што се уставните реформи во Украина. Реформата имаше за цел да ја децентрализира Украина, вклучително и доделување посебен статус на спорните сепаратистички региони Доњецк и Луганск. Меѓу другото, на овие области требаше да им се дозволи да одржуваат економски односи со Русија, додека сепаратистите ветија дека ќе дозволат реинтеграцијата на областите во украинската држава.

Овие и многу други точки од Договорот од Минск се сметаа за речиси невозможни за имплементација и според меѓусебните обвинувања, воопшто не се или само делумно се спроведени. 

Во февруари годинава рускиот претседател Владимир Путин ја призна независноста на самопрогласените „Народни републики“ во источна Украина. Непосредно пред тоа, тој исто така изјави дека Договорот од Минск е неуспешен, како и дека руската влада дошла до заклучок дека договорот нема иднина.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми