1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Украинската армија во полна борбена готовност

ЖА / агенции
26 ноември 2018

Откако Русија заплени три украински брода, тензиите меѓу Москва и Киев растат. Украинската војска е ставена во состојба на целосна борбена готовност. ЕУ и НАТО повикаа на воздржаност.

Ukraine Kiew Präsident Poroschenko beim Treffen mit dem nationalen Sicherheitsrat
Фотографија: Reuters/Ukrainian Presidential Press Service/M. Markiv

Наредбата за ставање на украинската армија во полна борбена готовност е издадена по седницата на националниот Совет за безбедност, кој предложил воведување воена состојба, соопшти Министерството за одбрана утрово во Киев. Денеска попладне за тоа треба да се изјасни и украинскиот парламент. Инцидентот се случи вчера во теснецот Керч, кој се наоѓа меѓу Крим и Русија, а кој го поврзува Црното Море со Азовско Море. Руската морнарица со оружје спречила поминување на три украински брода, а подоцна ги запленила, при што неколкумина морнари се повредени. Бродовите биле запрени поради повредување на поморската граница и навлегување во руските територијални води, каде спроведувале нелегални активности, соопшти руската тајна служба ФСБ, а подоцна тие се пренесени во пристаништето Керч. Станува збор за два помали борбени брода и еден шлепер. Во меѓувреме, како што јавуваат руски медиуми, Русија повторно го отворила за сообраќај морскиот теснец Керч пред полуостровот Крим, кој беше затворен вчера со образложение дека тоа се прави од безбедносни причини.

Украинскиот претседател Петро Порошенко го осуди „агресивниот акт“ на Русија, обвинувајќи ја за целна провокација. Ставањето на украинската војска во состојба на целосна готовност не е објава на војна кон Русија, подвлече Порошенко. Украинскиот министер за надворешни работи Павло Климкин ги повика западните сојузници да се спротистават на руската агресија.

Руски борбени авиони го надлетуваат теснецот КерчФотографија: Reuters/P. Rebrov

Инцидентот денеска ќе биде тема на вонредна седница на Советот за безбедност на ОН, свикана од Русија и Украина.

Портпаролката на Европската комисија Маја Коцијанчич во меѓувреме ги повика конфликтните страни на најголема можна воздржаност во постапките и итно деескалирање на ситуацијата. И НАТО исто така повика на разум и деескалација, а до Русија упати апел да овозможи непречен премин до украинските пристаништа во Азовско Море, во согласност со меѓународното право. Загриженост поради воениот инцидент меѓу Украина и Русија изрази и германската влада, истакнувајќи дека последно што сега би било потребно е натамошна ескалација. 

Морскиот теснец Керч има големо значење и за Москва и за Киев, тој е единствена поврзница меѓу Црно Море и Азовско Море, северно од него. На Азовско Море се наоѓа меѓу другото и  индустриската област Донбас,  контролирана од просруските сепаратисти, како и пристанишниот град Мариупол, последен голем град во источна Украина кој сѐуште е под контрола на Киев, и важен индустриски центар.

Односите меѓу Киев и Москва веќе долго се тензични. Русија во пролетта 2014. година го анектираше Крим, а украинската влада ја обвинува Москва и за  поддршка на украинските сеператисти  во конфликтот во источна Украина.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми