ОБСЕ нема контрола
17 март 2015 Александер Хуг има вознемирувачка вест: бунтовниците, како и украинската армија ги спречиле меѓународните набљудувачи на ОБСЕ да пристапат до подрачјата кои требало да ги контролираат. Заменикот-шеф на мисијата на ОБСЕ, Хуг на конференцијата за печат, одржана минатата недела, рече дека примирјето се почитува, но дека е на „тенок мраз“ и дека тешко се контролира.
Со тоа еден од централните делови на договорот од Минск не е исполнет. Четири недели откако беше постигнат договорот, набљудувачите на ОБСЕ се уште не можат да стигнат таму каде што сакаат. Притоа мисијата треба да биде зголемена за 50 проценти и да брои 1.000 луѓе. Еден западен дипломат во Киев се прашува: „каков е смисолот на сето тоа, доколку тие не можат слободно да се движат“.
Страв од целни информации
Ни една од страните во конфликтот не сака да открие каде го повлекла тешкото оружје. „Тоа секако би било добра мета за другата страна“, вели еден од соработниците на ОБСЕ кој сака да остане анонимен. Тој на тој начин покажува разбирање што тие информации не се даваат. Меѓутоа, без доверба во меѓународната заедница секое мировно решение претставува мртво слово на хартија.
Набљудувачите се уште не добиле список на вооружување и опрема, а проблемите не се само на линијата на фронтот. Во најголемото упориште на бунтовниците, Доњецк, белите оклопни возила на ОБСЕ се запираат доколку набљудувачите го напуштат паркингот без претходен договор со бунтовниците. Во Доњецк и Луганск се наоѓаат централните бази на ОБСЕ на истокот на Украина. Уште три бази се наоѓаат на подрачјето 400 километри оддалечено од линијата на фронтот кое е под контрола на украинската армија. Подрачјето е големо и невозможно е контролорите лично да го надгледуваат. Поради тоа, со помош на беспилотни летала се проверуваат местата за кои се претпоставува дека е складирано тешкото вооружување.
Се работи за план кој е стар исто колку и мисијата и кој ни до денес не може да се спроведе. Од вкупно четири беспилотни летала, најмногу две се во употреба. Минатата година на набљудувачите во тоа требаше да им помогне германскиот Бундесвер и француската војска. Но, „се пропадна поради Русија“, вели западен дипломат во Киев. Во тој поглед, ни по вториот договор во Минск, ништо не е променето.
Набљудувачите се „слепи“
Во Минск исто така беше договорено набљудувачите да добијат сателитски снимки за да можат подобро да го надгледуваат повлекувањето на оружјето. Централата на ОБСЕ во Виена со недели веќе разговара за тоа со земјите-членки кои, по се изгледа, се таинствени исто како и украинската армија и проруските бунтовници. Иако фотографиите мораат да бидат актуелни, ни Американците, ниту Германците, не ставаат на располагање свои фотографии- со јасни мотиви. Поради тоа, набљудувачите на истокот на Украина и натаму се „слепи“.
Германските и руските дипломати минатата недела се договорија да се зголеми бројот на контролорите од 500 на 1.000. Но, примената на тој договор би можел да потрае најмалку половина година. На набљудувачите им се потребни оклопни возила. Во Киев се проценува дека се потребни најмалку 125 нови возила, кои допрва треба да бидат произведени. И тоа не е сѐ. Недостатокот на материјали е забележлив насекаде. Недостасуваат дури и телефони. Мобилните мрежи, по повеќемесечната војна на истокот на Украина стануваат се полоши. Во моментов недостасуваат и сателитски телефони. За тоа време САД не седат со скрстени раце. Владата во Вашингто минатата недела најави дека на украинската армија ќе и испорача 230 оклопни возила од типот Хамви. Извидувачките беспилотни летала од САД исто така наскоро ќе почнат да го надлетуваат подрачјето под контрола на бунтовниците.