1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украинската опозиција бара сојузници

Нина Веркхојзер/ Жана Ацеска18 февруари 2014

Украинските опозициски политичари Витали Кличко и Арсени Јаценјук во Берлин бараа поддршка од канцеларката Ангела Меркел. Германската влада би требало да изврши поголемо влијание врз раководството во Киев.

Фотографија: JOHANNES EISELE/AFP/Getty Images

Недовербата и непријателството во Украина имаат длабоки корени, покажа и посетата на украинските опозициски политичари Витали Кличко и Арсени Јаценјук во Берлин, според чија оценка: „Претседателот Виктор Јанукович сака само да добие во време, да не‘ вовлече во бескрајни преговори, а потоа да не‘ измами“. Ова е оценката на Арсени Јаценјук за односите меѓу украинската влада и опозицијата по последните случувања. 39-годишниот правник Јаценјук во украинскиот парламент ја предводи пратеничката група на Татковинската партија, партија на поранешната премиерка Јулија Тимошенко, која се наоѓа во затвор.

По разговорот со германската канцеларка Ангела Меркел и германски парламентарци во Бундестагот, Јаценјук предупреди од банкрот на Украина, доколку нова, некорумпирана влада не води преговори со меѓународните кредитори, како ММФ.

„Евентуален финансиски пакет би морал да биде поврзан и условен од јасни политички реформи“, истакна германскиот политичар од ЦДУ, Андреас Шокенхоф.

Помош од надвор

Парламентарната опозиција од Украина, која ја нема поддршката од сите демонстранти во Киев на Плоштадот на независноста, Мајдан, во Берлин бараше поддршка од Германија. Притоа тема беа и евентуални санкции. Се разговараше околу забрана за влез на украински политичари во ЕУ и замрзнување на банкарските сметки на членовите на владата.

„Сите опции се на маса“, истакна Витали Кличко, претседател на проевропската партија Удар. На средбата во Берлин не се договорени конкретни чекори, бидејќи оценката е дека и натаму решението на конфликот треба да се бара во преговори.

„Во момент кога од страна на апаратот на власта ќе има нова ескалација на насилство, санкции во однос на одредени личности не се исклучени“, изјави Шокенхоф од име на германската влада.

Владиниот портпарол Штефан Зајберт претходно изјави дека германската влада не стреми кон водечка улога во решавањето на конфликтот во Украина. Витали Кличко од Германија бараше токму таква улога. Германската влада првенствено ги поддржува наприте на Кетрин Ештон, ЕУ-претставникот за надворешна политика. Но, со подготвеноста да се сретне со двајцата украински опoзициски политичари, Ангела Меркел јасно ја покажа својата симпатија за нивните залагања.

Демонстрантите ја ослободија салата на Градското собрание во КиевФотографија: Sergei Supinsky/AFP/Getty Images

Амнестија за демонстрантите

Меркел како позитивен чекор го оцени постигнатиот договор во Украина за амнестија на затворените владини противници. За возврат демонстрантите ја завршија окупацијата на киевската општинска зграда и другите владини и јавни објекти.

„Сега во преден план е енергичното залагање и постигнувањето напредок во формирањето влада и реформа на уставот“, истакна канцеларката. Опозицијата се обидува да ја ограничи власта на претседателот преку реформа на уставот. Со враќањето на уставот од 2004. година, претседателот Виктор Јанукович би ја загубил стекнатата контрола над владата и над судството.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми