1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украинците шокирани од богатството на нивните политичари

БГ
12 ноември 2016

Антикорупциска реформа со која се бара од украинските политичари да го пријават својот имот на интернет откри длабоки разлики меѓу богатството на политичарите и она на луѓето кои ги претставуваат.

Russland Ukraine Krim Alltag Rente wird ausgezahlt
Фотографија: Reuters

Некои пријавија милиони долари во готовина. Други признаа дека поседуваат колекции на луксузни автомобили, скапи швајцарски часовници, накит и огромни поседи земјиште- откритија кои би можеле да претставуваат дополнителен удар врз довербата во властите во Украина, земја во која просечната месечна плата е околу 200 долари.

Функционерите имаа рок до 30 октомври на полноќ да ги внесат податоци за своите приходи во 2015 година во јавно достапна датотека на интернет, во рамките на програмата на Меѓународниот монетарен фонд за зголемување на транспарентноста и модернизирање на украинската кризна економија.

Премиерот Волдимир Гројсман, кој го спореди процесот на декларирање на богатството со скокање од авион, откри дека тој и неговата сопруга поседуваат 1,2 милиони долари и 460 илјади евра во кеш, како и колекција на луксузни часовници.

Базата на податоци покажува дека Гројсман, поранешен бизнисмен и регионален градоначалник, не е единствениот кој преферира да ги чува своите пари надвор од украинскиот банкарски систем.

Според пресметките на агенцијата Ројтерс, 24 членови на владата на Украина заедно чуваат околу 7 милиони долари, само во готовина.

Декларациите на двајца браќи кои се членови на партијата на претседателот Петро Порошенко, Бохдан и Јарослав Дубневич, покажуваат дека тие поседуваат 26 милиони долари, исклучиво во кеш.

Министерот за правда Павло Петренко, кој пријави еден милион долари на сметка во банка и уште 500 илјади во готовина, вели дека одлуката на функционерите да чуваат готовина укажува на недовербата во банки, која ја чувствуваат многу Украинци. 

Министерот за правда Павло Петренко вели дека многу Украинци немаат доверба во банкитеФотографија: Reuters

„Секако, за ЕУ членките делува нецивилизирано што луѓето чуваат готовина. Но тоа е поврзано со фактот дека банкарскиот систем, ајде да речеме, би можел да биде подобар. Тоа е проблем за многу Украинци кои ги загубија своите заштеди во банките“.

Шишиња вино од 10 илјади долари

Јавното пријавување на богатството беше замислено како израз на добра волја од страна на функционерите кои на тој начин би ги прикажале своите материјални добра пред јавноста, би покажале одговорност, и би ја напуштиле културата која премолчено им овозможи на бирократите да создадат огромно богатство преку кронизам и корупција.

Но, јавноста реагираше со шокантно неверување поради екстравагантниот животен стил кој беше откриен со пријавите.

„Не очекувавме дека тоа ќе биде така широко распространет феномен меѓу државните функционери. Не можам ниту да замислам дека постои европски политичар кој инвестира пари во винска колекција во која едно шише чини 10 илјади долари“, вели Виталиј Шабунин, раководител на невладиниот Центар за антикорупциска акција.

Опозицискиот пратеник Михаил Добкин во својата декларација вклучил и 1,780 шишиња вино и антикварска копија на руската новела Ана Каренина вредна најмалку 5,500 долари. 

Националната валута „хривна“ со години е во слободен пад.Фотографија: Fotolia//Luda

Роман Насиров, директорот на Државната фискална служба, откри дека тој и неговата сопруга поседуваат швајцарски часовници, дијаманти, крзнени палта, фин порцелан и кристални садови, како и готовина во евра и долари, севкупно 2,2 милиони долари.

Многу високи функционери и политичари ги поднесоа своите формулари во последните два дена пред истекот на рокот, предизвикувајќи бура од изненадување и лутина на социјалните мрежи.

„Лошо ми е. Како некој да ме претепал и ми се слошило. Немав илузии за нашата политичка и државна елита. Но ова што се откри е вон сите граници“, напиша на својот Фејсбук профил, Роман Доник, волонтер во украинските погранични единици.

Просечниот Украинец е тешко погоден од длабоката економска криза која избувна по протестите на Мајдан и конфликтот со Русија.

Вредноста на националната валута „хривна“ падна на 25 за еден долар, трипати помалку од 2013 година, а енергетските тарифи драматично пораснаа најмногу поради реформската политика која ја диктира ММФ.

Последните откритија само ќе го зголемат незадоволството на јавноста од актуелното лидерство. Анкетите во септември покажуваа дека само 12,6 проденти од граѓаните би гласале за партијата на Порошенко, наспроти поддршката од 21,8 проценти која ја доби на последните избори. Притоа, расте поддршката за популистичките и опозициските партии.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми