1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германскиот претседател не е добредојден во Киев

БГ /дпа
12 април 2022

Планот на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер да го посети украинскиот главен град беше откажан, откако му било порачано дека не е добредојден во Киев.

Bundespräsident besucht Polen
Фотографија: Jens Büttner/dpa/picture alliance

Шефот на германската држава Штајнмајер во вторникот соопшти дека ги откажал плановите за посета на Киев откако му било порачано дека не е добредојден во Украина.

„Бев подготвен да одам, но очигледно- и тоа морам да го прифатам- тоа не беше прифатено во Киев“, изјави Штајнмајер за време на посетата на Варшава и средбата со полскиот претседател Анджеј Дуда.

Дуда планираше да организира заедничка посета на Киев со претседателите на Литванија, Латвија и Естонија, со намера да се испрати „силен сигнал за заедничка европска солидарност со Украина“. 

Украинскиот амбасадор во Берлин, Андриј Мелник викендов изјави дека Киев очекува посета од канцеларот Олаф Шолц, а не од претседателот Штајнмајер, чија улога е повеќе церемонијална.

„Наместо него треба да дојде канцеларот или други членови на германската влада кои би можеле да донесат конкретни одлуки за значителна поддршка за Украина“, рече Мелник.

Украина бара тешко оружје, вклучително и тенкови и артилерија, од Германија, но таквата помош беше блокирана од Шолц кој очекува заедничка одлука од ЕУ. 

Покајанието на Штајнмаер 

Одбивањето на Украина доаѓа во период кога Штајнмајер се соочува со засилени критики дома и надвор поради неговата долгогодишна политика на помирување со Москва, за која и самиот во меѓувреме призна дека била грешка.

Германскиот таблоид Билд цитираше неименуван украински дипломат кој вели: „Сите знаеме за тесните врски на Штајнмајер со Русија. Тој не е добредојден во Киев во моментов. Ќе видиме дали тоа ќе се смени“. 

Штајнмајер во Киев во февруари 2014 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

Социјалдемократот Штајнмајер кој го служи вториот мандат како претседател на државата, беше министер за надворешни работи во две влади на канцеларката Ангела Меркел.

Тој беше еден од главните промотори на политиката „Промени преку трговија“ (Wandel durch Handel), концепт кој промовираше демократски реформи преку поблиски трговски односи со Русија. 

Штајнмајер беше и еден од главните поддржувачи на гасоводот Северен Тек 2 меѓу Русија и Германија, кој во меѓувреме беше запрен поради руската агресија. 

Штајнмајер неодамна призна дека неговата политика на помирување кон Путин била погрешна.

„Се уште се надевав дека Владимир Путин има барем трошка рационалност“, изјави тој во интервју за магазинот Шпигел.

„Не очекував дека рускиот претседател ќе ризикува да ја доведе својата земја во целосна политичка, економска и морална пропаст во обид да ги оствари своите империјални заблуди“. Штајнмајер додаде дека и неговата поддршка за Северен Тек 2 била „јасна грешка“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми