1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украинците се лути на Меркел

Роман Гончаренко/ Жана Ацеска17 јули 2014

Во Украина расте критиката против Германија. Напорите на Берлин за мирно решавање на оружениот конфликт во Источна Украина со помош на Русија, предизвикуваат незадоволство. На мета на критики е и канцеларката Меркел.

Фотографија: facebook.com/AngelaMerkel

Пред германската амбасада во срцето на Киев е се‘ како и вообичаено. Автомобилите јурат по калдрмата, минувачите се потат под летното сонце. Но, кога германскиот амбасадор Кристоф Вајл деновиве ќе погледне во украинските весници или на интернет, мора во Берлин да испрати лоши вести: во Украина се заканува негативно расположение кон Германија.

Првпат постои бран огорчување против германската канцеларка Ангела Меркел. Од понеделникот (14.07.2014) нејзината Фејсбук-страница е преполна со коментари на корисници од Украина, но и од други земји, како „Благодариме, госпоѓо Рибентроп“. Тие алудираат на нацистичкиот министер за надворешни работи, Јоахим фон Рибентроп, кој во 1939 година го подготвувал Пактот Сталин-Хитлер. Таен анекс на овој договор предвидувал поделба на Полска меѓу Германскиот рајх и Советскиот сојуз. Финска, Естонија и Летонија биле предвидени во советската сфера на интереси, додека Литванија-во германската.

Средбата на Меркел со Путин во Бразил

Бранот огорчување го предизвика средбата на германската канцеларка Ангела Меркел со рускиот претседател Владимир Путин пред финалето на Светското првенство во фудбал во Бразил. Кон жестока критика наиде првенствено повикот до Киев да води разговори со проруските сепаратисти од источноукраинскиот Донбас.

На интернет во меѓувреме се појавија редица фотомонтажи со Меркел и Путин во нацистичка униформа. Други пак ја прикажуваат нивната прегратка, при што стои и измислен текст: „Како се твоите момци во Донбас?“, прашува Меркел. „Тешко е, мајко“, одговара Путин. Пораката на монтажата гласи: вооружените борци во Источна Украина се поддржувани од Русија.

Се чини дека и луѓето на киевските улици во меѓувреме се критички настроени кон Германија.

Средба Меркел-Путин во БразилФотографија: picture-alliance/dpa

„Кажете и‘ на госпоѓа Меркел конечно да престане да се гушка со Путин“, вели Андриј, архитект на средовечна возраст и додава: „Германија треба да воведе строги економски санкции против Русија“.

И 30-годишниот продавач во супермаркет Олександер е убеден дека Киев треба да настапува против сепаратистите со оружје. „Без никакви преговори“, вели тој и ги стиска тупаниците. Вакви гласови се се‘ почести, бидејќи во борбите, а пред се‘ во текот на неиспочитуваното од сепаратистите примирје во Источна Украина загинаа стотици луѓе.

Критика на украинската политика на Берлин

Володумур Хорбач од киевскиот Институт за евроатлантска соработка сосема го разбира огорчувањето на интернет. Однесувањето на Меркел е „предавничко“. Германската канцеларка се обидува да го смири „агресорот“ Русија, додека на „жртвата“, Украина, и‘ е потребна „помош и заштита“, пишува тој во својот блог во онлајн-весникот „Украинска правда“.

Дали бранот огорчување против Меркел е акција на помала група или вистински е поддржана од илјадници Украинци, тешко е да се процени. Некои во Киев претпоставуваат дека зад напливот коментари можеби стои Русија, за да предизвика јаз меѓу Киев и Берлин.

Но, од Киев и порано имаше критички тонови во правец на Берлин. Германија отпорано се смета за близок партнер на Русија, првенствено поради бизнисите со гас. Така, уште одамна поранешниот германски канцелар Герхард Шредер доби етикета „пријател на Русија“, бидејќи прифати функција во Норд стрим АГ, кој е во мнозинска сопственост на рускиот концерн Газпром. Освен тоа, киевските колумнисти и‘ префрлуваат и на претседателката на ЦДУ, Ангела Меркел, што во 2008 година, од обѕир кон Русија, на НАТО-самитот во Букурешт спречи брз прием на Украина во Алијансата.

Сергиј ЛешченкоФотографија: GMF

Оставете ја Меркел на мира

Но, има и гласови кои повикуваат на умереност. Така, Сергиј Лешченко, заменик-главен уредник на „Украинска правда“ во својот блог пишува. „Оставете ја Меркел на мира“. Новинарот вербалните напади против Меркел ги смета за „детски и опасни“. Од еднастрана, Германија поради својата историја секогаш ќе се залага за мир. Од друга страна, Украина е зависна од финансиската помош од Запад изразена во милијарди, меѓу другото, и од Германија, аргументира тој.

Професорот по политика на киевската Мохула Академија, Олексиј Харан, кампањата против Меркел ја смета дури и за навредувачка. Таа нема никаква врска со суштинска критика, против каква не може да има забелешки.

Повикот Украина да седне на преговарачка маса со терористите е погрешен“, вели Харан за Дојче веле. Сепак, тој гледа позитивни промени во германската политика кон Украина во последниве години.

„Анексијата на Крим од страна на Русија и‘ ги отвори очите на Меркел“. Харан апелира на разбирање кога Украинците ги критикуваат Германија и другите земји:

„Ние сме загрижени што Западот реагира премногу бавно“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми