1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Улогата на Австрија во хитлеровата Германија

Бригит Герц / Александар Методијев12 март 2013

Австрија, 75 години по „припојувањето“ кон хитлерова Германија, се соочува со заедничка одговорност за нацистичките злосторства. Тоа е дотолку поважно што и таму постои тенденција на подвлекување на конечната црта.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Единаесетти март 1938 година во 19 часот и 47 минути. Курт Шушниг го држи својот последен говор како австриски сојузен канцелар. „Бог нека ја чува Австрија“, беа последните негови зборови во тој говор. Хитлер ја уцени Австрија – или владата ќе се повлече или, пак, германските трупи ќе ја нападнат Австрија. Австрискиот претседател Вилхелм Миклас и канцеларот Шушниг знаеја дека отпорот е залуден.

Следниот ден, 12 март 1938 година, го одбележува крајот на државата Австрија. Во осум часот утрото трупите на германскиот Вермахт почнаа да маршираат во Австрија (на насловната фотографија). Пред 16 часот автомобилот на Адолф Хитлер пристигна во Браунау на Ин, гратче во кое е роден во 1889 година. Немало отпор, но затоа имало овации на воодушевување.

Доброволно, присилно или на сила?

Прашањата кои до крајот на Втората светска војна ги преокупираат историчарите, политичарите и општеството во, но и надвор од Австрија, се – дали т.н. „припојување“ на Австрија, односно интеграција на таа алпска република во германскиот Рајх, е доброволно или присилно? Дали Австрија била жртва или соучесник?

Адолф Хитлер во својот роден град БраунауФотографија: picture-alliance/akg-images

Ари Рат, роден виенчанец од еврејска вероисповед, тогаш имал 13 години. Се’ уште добро се сеќава на 12 март 1938 година.

„Мојот брат и јас отидовме во посета на баба ни. Сакавме да видиме дали е се’ во ред со неа. Очекувавме дека на куќите ќе висат знамиња со кукасти крстови. Меѓутоа, она што не‘ шокираше е дека целата виенска полиција носеше ленти со кукасти крстови на ракавите. Тоа сигурно било подготвувано“, вели Рат. А, тоа без сомнение било подготвувано.

Еден месец претходно Хитлер во Баварија на австрискиот канцелар Шушниг му го издиктирал договорот, според кој хитлеровиот човек Артур Зојс-Инкварт станал австриски министер за внатрешни работи. Така тој дошол до контрола врз полицијата. Освен тоа, Хитлер изнудил и укинување на дотогаш важечката забрана во Австрија за неговата партија НСДАП. Со тоа е отворен патот за подготовка на „припаѓањето“ од внатре, бидејќи австриските националисти во тој момент веќе одамна ги имаа запоседнато позициите во извршната власт и јавната управа.

Говорот на Адолф Хитлер на плоштадот Хелденплац во ВиенаФотографија: Getty Images

Ден по влезот на Вермахтот во Австрија во Службениот весник на Рајхот во Берлин е објавен „Закон за повторно обединување на Австрија со германскиот Рајх“, кој бил потпишан од фирерот и канцелар на Рајхот, Адолф Хитлер. Два дена подоцна 250.000 луѓе со овации го дочекаа на Плоштадот на хероите (Heldenplatz) во Виена. Хитлер се заколна на германско-австриска судбинска заедница, заедничка историја и мисија. Заедничкиот непријател Хитлер го смести во комунистичкиот исток, а последната реченица се изгуби во гласниот и долг аплауз: „Како фирер и канцелар на германската нација и Рајхот, пред историјата јавувам влез на мојата татковина во германскиот Рајх“. Австрискиот парламент за тоа не гласаше, туку народот. На десетти април 99,7 проценти од Австријците со право на глас се изјаснија за припојување. Резултатот дојде на типичен националистички начин – со уценување на луѓето, пропаганда и терор. Притоа не треба да се заборави и дека австрискиот патриотизам по распадот на Хабсбуршката империја слабо се развил и затоа меѓу народот постоела желба за припаѓање кон германскиот Рајх.

Генезата на тезата за жртва

Во октомври 1943 година на состанок во Москва се сретнале министрите за надворешни работи на САД, Велика Британија и СССР. Тие ја објавиле т.н. Московска декларација во која се наведува: „Австрија е првата слободна земја која стана жртва на хитлеровата агресија...“ Тој цитат е основа на тезата за жртва, што по војната стана основно начело на австриската држава.

Оливер РатколбФотографија: picture-alliance/dpa

Младата генерација денес сака расчистување со минатото. Тоа го забележува и Оливер Ратколб, професор по современа историја на Универзитетот во Виена. Тој посочува бројни анкети во Германија и Австрија кои покажуваат критички поглед кон национализмот и антисемитизмот, „но и дека во двете држави постои силна желба меѓу младите генерации за подвлекување црта под се’“. Тој смета дека историјата треба на секои десет години повторно да биде ставена на дневен ред, за да ја запознаат новите генерации.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми