1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Катар - посредник меѓу фронтовите?

Карстен Кинтоп / Симе Недевски7 август 2014

Тргување со Израел, поддршка за Хамас, контакти со Техеран, добри односи со САД-Катар во моментов води на прв поглед контрадикторна надворешна политика. Но тоа на малата држава би можело да ѝ помогне да добие на важност.

Фотографија: Getty Images

Катар е парче земја големо колку половина Македонија и со одвај нешто повеќе од 250 илјади жители. Но во моментов овој емират во Персискиот залив игра многу поголема меѓународна улога отколку што би можело да се помисли, со оглед на големината на земјата. И тоа не само поради Светското првенство во фудбал кое би требало да се одржи во оваа земја во 2022 година, туку и поради улогата која Катар во моментов ја има во судирите на Блискиот Исток.

Прибежиште за Хамас

Овој емират е главен поддржувач на радикално-исламистичкото палестинско движење Хамас и му пружа прибежиште на неговото раководство. Во Катар живее и од далечина и луксуз со Хамас управува и шефот на оваа екстремистичка организација Калед Машал. И токму поради тоа Катар е трн в око и за Израел. „Катар му помага на Хамас и го искористува за свои цели, ама не врши притисок каков што може да врши“, критикуваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој му е лут на раководството во Доха.

Фотографија: DW/T. Krämer

Катар беше посредник и за време на еден од неуспешните обиди за воспоставување примирје меѓу Израел и Хамас. Но Катар не ја истакнува во преден план својата посредничка улога. „Ние не тврдиме дека сме преземале некоја посебна мировна иницијатива, но ги застапуваме интересите на палестинскиот народ и мислам дека ним им е важно овие интереси да бидат и остварени“, изјави катарскиот министер за надворешни работи Калед бин Мухамед ал Атијах. Шефот на Хамас, Машал, пребега во Катар пред две години, откако се замери со својот дотогашен домаќин, сирискиот претседател Башар ал-Асад, поради тоа што се заложи за интересите на опозицијата во земјата.

Вашингтон молчи поради воените бази

Катар беше единствена земја која на лидерот на палестинските екстремисти му пружи прибежиште. „Катар има долга традиција на пружање прибежиште на оние кои никој не ги сака“, вели Дејвид Робертс од британскиот научен институт РУСИ во Доха. Притоа Машал и Катар и не си одговараат меѓусебно. Катар е монархија, а Хамас идеолошки го следи Муслиманското братство од Египет, кое отфрла секаков вид монархија, а принцовите и емирите ги нарекува „паразити“. Но од 2012. година, кога тогашниот катарски емир, шеик Хамад бин Калифа ал Тани (насловна фотографија), ја посети Газа и со тоа ја прекина израелската блокада, Катар во Појасот Газа ужива статус на спасител.

Катар оттогаш ја помага Газа и со бројни финансиски проекти, пред сѐ во секторот на изградба на социјални станови. Но Катар нагласува дека помагајќи го палестинскиот народ не го помага Хамас. Хамас навистина од емиратот во заливот не добива ниту дел од помошта која Хамас порано ја примаше од Сирија или Иран. Но Катар никогаш не криеше дека го поддржува Хамас и тоа на многу фактори им е трн в око, особено на САД. Но сѐ додека Вашингтон го користи Катар за своите воени бази, критиката ќе биде умерена, смета Дејвид Робертс.

До Хамас преку Доха

И Израел сѐ до неодамна во Доха имаше отворено канцеларија за трговски односи, која меѓутоа е затворена по отворената критика на Катар за израелската политика. Но Катар и Израел никогаш во целост ги немаат прекинато односите. Катар се залага за „реалистично“ решение за блискоисточниот судир и отворено им се спротивставува на застапниците на тврдата линија во редовите на Хамас. Катарските дипломати и без тоа имаат талент за спојување на неспоивото. Властите во Доха истовремено одржуваат добри односи со спротивставените страни, не само кога се во прашање Израел и Хамас, туку и Техеран и Вашингтон и Кабул и талибанците. „Една толку мала земја како Катар и нема поинаков избор“, смета египетскиот политиколог Шади Хамид. Едно е сигурно: мир на Бискиот Исток не може да се постигне без Хамас. А кој сака контакт со Хамас , најдобро е да му се обрати на Катар.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми