1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ултраортодоксните Евреи мораат во армија

ЕМФ/ард12 март 2014

Израелскиот парламент донесе историска одлука - постепено се воведува воена обврска и за ултраортодоксните Евреи. За оние кои ќе се спротивстават на обврската, под одредени околности, може да следува и затвор.

Фотографија: imago

Долгогодишниот спор околу воената обврска во Израел доби разврска. Парламентот донесе одлука со која на воена обврска се обврзани и ултрартодоксните Евреи. Кнесетот, кој брои 120 пратеници, во третото читање со само еден глас против го донесе законот кој предвидува постепено воведување на воената обврска. Опозицијата, составена од ултраортодоксните и либералните сили, ја бојкотираше дебатата и гласањето.

Законот предвидува во текот на преодната фаза до 2017 година секоја година да се исполнат квоти од неколку илјади строго религиозни регрути. Ако тоа се покаже како успешно, системот на квоти ќе продолжи и по 2017 година. Доколку квотите не се исполнат, од јули 2017 година ќе стапи во сила задолжителна воена обврска за сите ултраортодоксни Евреи кои наполниле 18 години. На лицата кои ќе се спротивстават на обврската им се заканува казна затвор. Од воената обврска ќе се изземат само 1.800 студенти во еврејските верски училишта за мажи кои покажуваат извонредни резултати.

Со реформите се предвидува и кратење на воената обврскаФотографија: Jack Guez/AFP/Getty Images

Од основањето на државата Израел во 1949 година ултраортодоксните мажи кои се занимаваат со верско учење се изземени од обврската да одат во армија. Тие инсистираат на ставот дека на земјата и‘ служат преку молитви и учење и изјавуваат дека задолжителната воена служба и‘ се заканува на нивната заедница. Во армијата, на пример, нема поделба меѓу мажите и жените, а често акции и вежби има и во сабота, кој за религиозните Евреи е свет ден, кога треба да се одмара.

Во Израел момчињата служат во армијата три години, додека за девојките воениот рок изнесува две години. Со реформите кои се предвидени, воениот рок и за едните и за другите би требало да се скрати за по неколку месеци.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми