Се помали се надежите дека спасувачките служби ќе успеат да пронајдат уште некој преживеан под урнатините во Албанија, два дена по силниот земјотрес кој ја зафати земјата.
Реклама
Бројот на жртвите од земјотресот во Албанија денеска се искачи на 46, а повеќе од 2.000 луѓе се повредени. Попладнево, спасувачките операции се веќе сведени на минимум, и фокусирани се на една урната вила во градот Драч, соопшти полицијата. Под урнатините од таа куќа веќе беа пронајдени безживотните тела на шет лица, а единствениот преживеан беше едно 17 годишно момче. Се трага по уште тројца членови на големото семејство. Спасувачките операции во Туман завршија претпладнево, откако беа пронајдени телата на уште шест лица под урнатините. Од илјадниците повредени, хоспитализирани се 60 луѓе, а четворица се во критична состојба.
Властите ги предупредуваат жителите да не се враќаат во своите домови се додека инжинерите не извршат целосна контрола. Неколку илјади луѓе се сместени во шатори во Туман. Поголемиот дел одбија да заминат во хотели во Драч кои им ги плаќа владата.
Се множат и прашањата зошто некои згради во регионите целосно се урнаа, а други останаа недопрени од земјотресот. Бројни критики има и на сметка на градежната индустрија и на непланската градба во земјата.
„Никакви градежни норми не беа наметнати во пост-комунистичкиот период. За проектите нема сеизмолошка и геолошка студија пред градењето“, вели 74-годишниот градежен инжинер Јоркак Стаси. Тој бара од владата да преземе драстични мерки и да го забрани градењето низ целата земја се додека не се почитуваат правилата.
Албанија: во потрага по живот под урнатините
По разорниот земјотрес кој неделава ја погоди Албанија, стотици спасувачи, пожарникари и волонтери трагаат по преживеани под урнатините. Помош пристигна и од соседите во регионот.
Фотографија: Getty Images/AFP/G. Shkullaku
Последици од разорниот земјотрес
Силниот земјотрес кој ја погоди Албанија имаше силина од 6,4 степени според Рихтеровата скала и е еден од најсилните во последните децении. Следуваа стотици помали потреси. Меѓу најтешко погодените е приморскиот град Драч од каде е и оваа фотографија.
Фотографија: DW/A. Kamber
Трка со времето
Досега е потврдена смртта на 46 луѓе, а над 2.000 се повредени во земјотресот. Спасувачките екипи работат непрекинато веќе два дена во потрага по преживеани, но надежите се се помали. Се води битка со времето во надеждека можеби уште некој човек ја преживеал катастрофата.
Фотографија: DW/A. Kamber
Во урнатините
Стотици спасувачи, пожарникари, експерти и волонтери дојдоа од Албанија и земјите од регионот во обид да помогнат. Многумина ги ризикуваат и сопствените животи вовлекувајќи се во урнатините во надеж дека ќе пронајдат траги на живот под купиштата бетон.
Фотографија: DW/A. Kamber
Драгоцени кучиња-трагачи
Екипи од Швајцарија, Турција, Хрватска и други земји испратија свои тимови и кучиња-трагачи. Кучињата внимателно ги пребаруваат урнатините и им даваат знаци на нивните водичи доколку откријат траги на живот.
Фотографија: DW/A. Kamber
Спиење под шатори
Околу три илјади жители на Драч ноќите ги минуваат на отворено- на градскиот стадио. Многу луѓе останаа без своите домови, а дел се плашат да се вратат во своите оштетени куќи и станови. Велат дека долго ќе ја паметат несреќата која им се случи.
Фотографија: DW/A. Kamber
Земјата не мирува
Преку 300 земјотреси ја погодија Албанија во последните два дена. Граѓаните се вознемирени и многу од нив и денот и ноќта ја минуваат под отворено небо и подалеку од околните згради.
Фотографија: DW/A. Kamber
Огромна штета
Бројни згради во Драч се целосно урнати, а бројни објекти претрпеа значителни оштетувања и во нив нема услови за живот. Штетата допрва ќе се утврдува, а владата веќе најави дека ќе им изгради нови домови на сите настрадани до следната, 2020 година.