1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Унгарија ги сместува бегалците во контејнери

ЖА
28 март 2017

Унгарија почнува со спроведување на заострениот закон, кој предвидува интернирање во транзитни зони на сите бегалци до завршување на постапката за нивен азил.

Serbien Container-Lager in Kelebija
Фотографија: picture-alliance/ZUMAPRESS.com/K. Maj

Унгарија натамошно го заострува односот кон бегалците. Граничната служба, полицијата и службите за азил ги завршиле сите подготовки за спроведување во дело на поострите правила за мигрантите, соопшти Министерството за внатрешни работи во Будимпешта. Барателите на азил од денеска смеат да престојуваат само во строго контролираните транзитни зони на границата кон Србија. Законот, со големо мнозинство, беше донесен во Парламентот на почетокот на март, со образложение дека ќе претставува подобра заштита на сите ЕУ-граѓани од терористички напади. Во таа прилика, премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, порача дека миграцијата е „тројански коњ“ на тероризмот, а моменталното затишје во приливот на мигранти е само привремено. „Кога светот ќе види на каков начин можеме да ги штитиме нашите граници, никој веќе нема да се обидува илегално да влезе во Унгарија“, истакна Орбан. Со новиот закон ќе бидат опфатени како новодојдените, така и барателите на азил кои веќе се во Унгарија. Бегалците веќе нема да можат да се движат слободно или да ја напуштаат земјата сѐ додека е во тек постапката за нивното барање азил. Можно е единствено нивно враќање преку границата во Србија. Правото на жалба против решенијата за одбивање на азилантски статус ќе се остварува во брза постапка во рок до три дена.

Фотографија: picture-alliance/abaca/O. Marques

Досега барателите на азил беа сместувани во отворени бегалски логори во внатрешноста на земјата. Унгарија уште од есента 2015 годинаподига жичени огради на границите кон Србија и кон Хрватска против налетот на бегалци. Во  зенитот на бегалската криза во 2015 година, низ Унгарија на пат кон Западна Европа поминаа околу 400.000 луѓе. Во меѓувреме сѐ поголем број бегалци поднесува барање за азил во Унгарија, од почетокот на годинава нивниот број е 1.004.

Законот наиде на критики во меѓународната заедница, според која, тој е кршење на меѓународото право. Новите правила „ќе имаат ужасни психички и физички последици“ врз луѓето кои и без тоа поминале низ огромни страдања“, истакна УНЦХР, а Амнести интернешнл зборуваше за „противправни и длабоко нечовечки мерки“, против кои е нужна реакција од ЕУ. Хелсиншкиот комитет ја обвини Унгарија за целосно непочитување на обврските преземни со прописите за азил на ниво на ЕУ. Советот на Европа изрази шокираност што, спротивно на меѓународните конвенции, бегалците веќе од 14 години ќе бидат третирани за возрасни луѓе, а со нивното затворање во контејнерски населби се изложени на зголемена опасност од сексуални злоупотреби и искористување. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми