Најпознатиот истражувачки портал во Унгарија тврди дека Груевски во Будимпешта пристигнал од Белград со авион на олигарх близок на премиерот Орбан. Можно е и неговиот Фејсбук статус од вторникот да бил мамка.
Реклама
Осудениот поранешен македонски премиер Никола Груевски со помош на унгарските власти преку Албанија, Црна Гора и Србија најверојатно илегално бил внесен во Унгарија. Со тоа, владата на Виктор Орбан станува се посомнителна дека во аферата со бегството на Груевски пружала помош со негово шверцување и илегално внесување во земјата.
Унгарски медиуми откриваат дека е можно Груевски да пристигнал во Унгарија во средата на 14 ноември, и тоа со приватен авион во сопственост на олигарх близок до Орбан
Со тоа, унгарската влада не само што го прекршува актуелниот закон и правилникот за доделување азил, туку го крши и неодамна изменетиот Устав, којшто забранува доселување „на странски народи“.
Поради сомнеж дека се сторени овие дела, независниот унгарски парламентарец Акос Хадази, вчера во Будимпешта поднесе пријава против непознат сторител.
Унгарската влада попладнево се огласи со соопштение во кое тврди дека „не му помогнале на Груевски да ја напушти Македонија“. Но во изјавата, нема ниту збор за информациите дека унгарските дипломати активно му помагале во најмалку три други држави. Притоа, никој досега официјално не ја обвинуваше Будимпешта дека го извлекла Груевски од Македонија.
Оттаму уште додаваат дека Груевски е „легално во Унгарија“.
Унгарските власти, претходно, веќе потврдија дека Груевски изразил желба да поднесе барање за азил во трета земја, и тоа најверојатно се случило во амбасадата во Тирана. Оттаму, тој отпатувал за Црна Гора и потоа се упатил кон Србија. Логистиката за целото патување била организирана од унгарски дипломати од амбасадите во овие три држави.
Од Србија се уште нема одговор кога и како Груевски заминал за Унгарија, а српското МВР одбива да одговори на веќе две барања за информации од Дојче веле.
Никола Груевски: како реформаторот стана бегалец
Од надежен реформатор, преку корумпиран автократ до бегалец од правдата. Поминаа 20 години од стапнувањето на политичката сцена до бегството во Унгарија. Политичката кариера на Никола Груевски низ фотографии.
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Dilkoff
Референдумска битка
Кариерата на Груевски во политиката започна во првата влада на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Љубчо Георгиевски, во 1998. како министер за трговија, а продолжи како министер за финансии. Но искачувањето до врвот на македонската политика, Груевски го започна во 2004., по неуспешниот референдум против територијалната поделба, откако претходно успешно го одбрани партискиот престол во хотелот Панорама.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/S. Ilic
Преродбата во 100 чекори
На парламентарните избори во 2006 ВМРО-ДПМНЕ предводена од Груевски извојува убедлива победа. Младиот технократ ветуваше економска преродба на земјата и брзо членство во ЕУ и НАТО. Граѓаните му ја дадоа довербата на гласањето на 5 јули, но ретко кој очекуваше дека Груевски неограничено ќе владее и во следните 10 години.
Фотографија: AP
Поддршка од Западот
Младиот премиер во првите години уживаше голема поддршка од меѓународната заедница и особено од сестринските партии во Европа. Веќе во октомври 2006. беше пречекан во Берлин од канцеларката Ангела Меркел со воени почести. Западните политичари во него гледаа надеж за земјата и за регионот и пресврт од дотогашната националистичка политика.
Фотографија: AP
На крилата на поразот од Букурешт
Преродбата на Груевски продолжи на изборите во 2008 година кои ги доби со огромно мнозинство благодарение пред сѐ на националистичката кампања која во прв план го имаше фијаското на Самитот на НАТО во Букурешт и паролата „името не го даваме“. Оттогаш започна и непреченото владеење на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.
Фотографија: AP
Скопје 2014
На крилата на големата изборна победа, Груевски го стави во погон проектот „Скопје 2014“. Целта беше да „се зајакне“ идентитетот на народот и да му се покаже на светот дека Македонците не се дрво без корен. Исходот: потрошени речиси 600 милиони евра народни пари на споменици и неокласични објекти кои завршуваа во џебовите на фирми блиски до ВМРО-ДПМНЕ.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Партнерот во сенка
На претседателските избори во 2009 година победата на Ѓорге Иванов ја заокружи комплетната контрола на власта на ВМРО-ДПМНЕ. Иванов ќе биде реизбран во 2014 година и до денес ќе остане верен следбеник на својот политички ментор- Груевски. На поддршката ќе возвраќа повеќепати, прво со општата аболиција во 2016 година, а потоа и со одбивањето да му го даде мандатот на Заев во 2017.
Кога во февруари 2015. Заев започна да ги објавува прислушуваните материјали, Груевски беше на зенитот на својата моќ - неприкосновен во партијата и државата. Серијата протести таа година го потресоа, но не го загрозија посериозно. Дури откако се вмеша и меѓународната заедница, а Иванов мораше да интервенира со аболиција, граѓаните масовно почнаа да излегуваат на улиците во Шарената револуција.
Фотографија: DW/K. Ozimec
Новата ера (не) започна
Тешкиот пораз на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во 2017, значеше и крај за Груевски на чело на партијата. Новата ера која ја најавуваше, не се случи. Она што од денешен аспект е интересно, е средбата со Орбан во септември 2017 во Охрид, на која наводно и паднала понудата за азил од страна на унгарскиот премиер. По неколку месеци на чело на партијата Груевски беше заменет од Христијан Мицкоски.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Лице од потерница
Откако пресудата за двегодишната затворска казна во случајот „Тенк“ на СЈО стана правосилна, се очекуваше Груевски да се јави на издржување на казната. Но, тој се јави на Фејсбук од Будимпешта од каде порача дека „ќе остане верен на каузата на Македонија“. МВР, веројатно задоцнето, одлучи да трага по експремиерот со потерница.
Фотографија: Innenministerium der Republik Mazedonien
Наследството на Груевски
Дали Никола Груевски ќе биде испорачан назад во Македонија каде се соочува со уште четири судски процеси, во моментов може само да се шпекулира. Зад себе остава долго досие на злоупотреби и криминал, и држава која во последните години од неговото владеење се најде во изолација и беше предмет на жестоки критики и потсмев во демократскиот свет.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
10 фотографии1 | 10
Фејсбук статусот на Груевски можеби бил мамка
Самиот Груевски преку својот Фејсбук профил во вторникот на 13 ноември потврди дека пристигнал во Унгарија. Но, според информациите на најпознатиот унгарски истражувачки портал Атлацо, можно е Груевски да пристигнал во Унгарија дури во средата на 14 ноември, и тоа со приватен авион од типот Бомбардие 6000 со регистерски ознаки ОЕ-ЛЕМ, кој е во сопственост на олигархот Иштван Гаранчи близок до Орбан. Ова летало, кое често го користи и самиот Орбан, откако три недели не полетало од аеродромот во Виена, каде е стационирано, во средата на 14 ноември најпрво пристигнало во Будимпешта, па оттаму продолжило за Белград, од каде набрзо се вратило повторно во унгарскиот главен град.
Истражувачкиот портал смета дека со овој лет Груевски бил донесен директно во Будимпешта. Фејсбук статусот на Груевски од вторникот е можно да бил обид за замачкување на трагите, тврдат тие.
Унгарските власти во меѓувреме отфрлаат дека биле директно ангажирани во логистиката за Груевски, иако податоците кои ги објавија и албанските и црногорските власти, го говорат спротивното. И македонскиот премиер Зоран Заев денеска потврди дека Груевски бил превезуван со унгарско дипломатско возило.
Портпаролот на унгарската влада Золтан Ковач денеска одби да ги коментира тврдењата на црногорските власти на барање на Дојче веле. Шверцери во Будимпешта
Во дел од независните унгарски медиуми, информациите за доаѓањето на Груевски се коментираат со вџашеност. Порталот 444.ху кој е критичен кон владата пишува дека одамна се знае оти владата свесно шири лажни информации во однос на миграцијата. „Но никој не очекуваше дека една влада, која го прогласи прогонот на бегалците за владина програма, сега ќе стане шверцер на луѓе и дека свесно ќе ги заобиколува сопствените закони за да пренесе еден осуден криминалец на унгарска територија“. Овој случај е особено сериозен затоа што покажува дека власта не им придава никакво значење на законите.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан на ваквите коментари само одмавнува со рацете. Кога во четвртокот унгарските новинари го прашаа за случајот Груевски, тој само кусо им одговори да се обратат кај правници.