Унгарија најави дека ќе изгради втор ред ограда за да го спречи влегувањето на мигрантите во земјата. Потегот на Виктор Орбан најверојатно ќе предизвика тензии помеѓу неговата администрација и ЕУ.
Реклама
Портпаролот на унгарската влада потврди дека Унгарија ќе изгради дополнителна ограда на јужната граница со Србија. Ваквата најава доаѓа во време кога земјата се соочува со критики од активистите и останатите земји членки на ЕУ поради состојбата со човековите права за време на владеењето на Орбан.
Виктор Орбан лично го надгледуваше градењето на првата ограда во 2015 година кога Унгарија беше дел од главниот коридор за бегалците од Блискиот Исток и Централна Азија кои бараа азил во Европа. Во врвот на бегалската криза во септември 2015 година, повеќе од 10.000 беглаци беа уапсени од страна на унгарската полиција.
Една ограда не е доволна
Запирањето на приливот на мигранти е приоритет за претседателот на десничарската влада во Унгарија, Виктор Орбан, еден од најголемите поддржувачи на Доналд Трамп во Европа. Во септември 2016 година, тој најави дека планира да изгради втора ограда на границата со Србија, инсистирајќи дека „една ограда не е доволна“.
Владата во Унгарија вели дека бројот на мигранти кои бараат влез во Унгарија се намалил значително од 2015 година и дека граничната полиција сѐ уште спречува стотици лица да ја преминат границата секој ден.
Во тек се подготовките за започнувањето на изградбата на оградата, а шефот на кабинетот на Орбан, Јанос Лазар изјави дека владата издвоила 130 милиони евра за оградата и за планираните нови кампови за мигранти.
„Исмевање со правото на барање на азил“
Политиките на Обран предизвикаа критика и од надворешните набљудувачи, а групите за заштита на човековите права како унгарскиот Хелсиншки комитет и Хјуман рајтс воч, во петокот испратија жалба до Европскиот комесар за миграција поради предложените мерки во земјата.
„Европската комисија не треба да стои настрана додека Унгарија се исмева со правото на азил“, изјави заменик директорот на Хјуман рајтс воч, Бенјамин Ворд. „Користењето на транзитни зони како центри за задржување на бегалците и враќање на мигрантите од унгарска на српска територија е злоупотреба, бесцелно и сурово“.
На почетокот на овој месец, Орбан предизвика загриженост кога неговата влада најави планови за изградба на нови кампови, во кои бегалците би биле сместени во транспортни контејнери. Лазар подоцна објасни дека новата регулација би била имплементирана доколку земјата се најде во вонредна ситуација поради масовна имиграција, како што е сега.
Орбан често влегува во конфликт со ЕУ, а во една прилика изјави дека е во „отворен конфликт“ со блокот. Претходно, тој изјави дека муслиманските бегалци не припаѓаат во христијанската Европа.
Луѓето на Балканската рута
Стотици илјади луѓе пред една година патуваа кон север преку Балканската рута. Подоцна бројот на бегалците значително се намали, но сѐ уште преку Балканот минуваат илјадници луѓе. Марија Илчева сретна дел од нив.
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Родено во бегство
„Во Грција сме од пред шест месеци. Нашето бебе е родено во Турција“, раскажуваат Ахмад и Винус. Тие доаѓаат од село во близина на Латакиа. Во руските бомбашки напади загубиле сѐ.
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Десет години бегалец
Абдуламир има 49 години. Последните 10 години овој Ирачанец живее во бегство. Во февруари 2016 дошол во Грција. „Непосредно пред грчкиот брег се појави брод на турската крајбрежна стража. Тој предизвика големи бранови. Смртно се преплашивме.“
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Кон Германија, „како и останатите“
„Во Бугарија стигнав вчера - преку Турција. Одам за Германија, како и останатите“, вели со широка насмевка 18-годишниот Фарман од Пакистан. „Германија е многу убава. Таму сакам да работам како готвач. Можам многу добро да готвам.“
Фотографија: DW/M. Ilcheva
„Кон Германија - по секоја цена“
„Србите по трет пат ме вратија назад во Бугарија. Но, ќе се обидам повторно. Одам за Германија, по секоја цена“, вели 28-годишниот Пакистанец Васим (со бела маичка). „Многу други успеаја, ќе успеам и јас.“
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Две семејства од Кина
Во бугарскиот бегалски камп Пастрогор доминираат млади луѓе од Авганистан и Пакистан. Таму живеат само две семејства. Тие се Монголци од Кина. И тие сакаат во Германија. Доаѓаат од Шилин Гол во автономната територија Внатрешна Монголија во НР Кина. „Постојано сме изложени на репресии поради тоа што сме Монголци.“
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Во Германија за да биде таксист
Патот од Пакистан до Германија го чини 6 илјади американски долари. Али (лево) е две недели во бугарскиот камп Пастрогор. Сега чека повик од шверцерот. „Морам да заминам за Германија. Мора да ја поддржувам финансиски мојата фамилија во Пакистан. Можам да возам такси.“
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Христијанин меѓу муслимани
„Јас сум христијанин и постојано сум навредуван од муслиманите во овој бегалски камп“, вели 22-годишниот анестезиолог од Иран. „Можам да си претставам да живеам во Бугарија. Само морам задолжително да се тргнам од луѓето со поинаква вера. Тие ми додеваат.“
Фотографија: DW/M. Ilcheva
„Вратете ме назад“
„Please, Mister, please, deport. Pakistan“, го моли овој човек (десно) раководителот на сместувалиштето за бегалци во Пастрогор. Неговото дете тешко се разболело и тој бара да го вратат кај него. „Патувањето за Европа беше грешка“, вели тој. Не е единствениот што мисли така. Назад сакаат и некои бегалци од Авганистан.
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Тепан од полицајци
Хорам од Пакистан неколку дена е во бегалскиот камп во српскиот град Суботица. Тој веќе се обидел да ја мине границата со Унгарија. „Таму бев брутално истепан од унгарски полицајци. Зошто? Не разбирам.“
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Посредно преку Италија
Омар Хидад е во бегство 11 месеци. 23-годишниот Пакистанец во меѓувреме е во Србија. Од Суботица сака да продолжи за Италија. „Таму добиваме азил многу бргу. Потоа ќе можеме да патуваме каде што сакаме“, се надева Хидад.
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Надеж за враќање
„Две недели сум во Келебија и се надевам дека наскоро ќе смеам да поднесам барање за азил во Унгарија“, вели ова момче од Сирија на српско-унгарската граница. „Кога војната во Сирија ќе заврши, ќе се вратам назад. Сирија е моја татковина. Моето срце ѝ припаѓа нејзе.“
Фотографија: DW/M. Ilcheva
„Меркел нѐ покани“
„Што направи госпоѓа Меркел?“, прашува ова момче од Авганистан. Тој една недела е во транзитната зона на српско-унгарската граница. „Таа нѐ покани и сега? Сега ги затвори границите. Зошто?“