1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Орбан против остатокот од ЕУ

Кено Верзек
12 ноември 2020

Премиерот на Унгарија најави вето против буџетскиот пакет на ЕУ и корона-фондовите за обнова. Причина е планираниот механизам за правна држава со кој треба да се санкционираат повреди на основните вредности на ЕУ.

Brüssel I Viktor Orban und Ursula von der Leyen
Фотографија: Dursun Aydemir/AA/picture-alliance

Со месеци во ЕУ се расправаше за тоа. Конечно се најде компромис кој се базираше на иницијатива на германската дипломатија во ЕУ: се работи за т.н. Механизам за правна држава со кој ЕУ може членките финансиски да ги санкционира ако повредуваат норми на правната држава и основни вредности на ЕУ.

Механизмот треба да биде усвоен заедно со новиот буџет за ЕУ и фондот за обнова по корона кризата, за кои мнозинството по повеќемесечна расправа деновиве конечно најде заеднички јазик.

Унгарија и Полска кои беа повод за тоа во ЕУ воопшто и да се развие дебата за механизмот за правна држава, од почеток остро се противеа. Наспроти првобитните планови механизмот од тие причини значително беше олеснет и според актуелното правило е потребно квалификувано мнозинство од 15 членки со минимум 65% од населението на ЕУ за да може Унијата да воведе санкции против земја членка. 

Не е занемарлива пречка. Но, дури и таков компромис за еден не е доволен: Виктор Орбан. Тој најави дека Унгарија поради тоа ќе го употреби своето вето против буџетот. Во писмо до претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и актуелното германско претседателство со ЕУ, кое беше објавено во неделата, Орбан пишува дека Унгарија „не може да даде согласност” за буџетскиот пакет на ЕУ.

Орбан го критикува планираниот механизам за правна држава како „неодредено дефиниран”. Оттаму отворал можност за политичка злоупотреба.

Политичари кои на Сорос му јадат од рака” 

Два дена претходно Орбан на сличен начин се изјасни во неговото неделно радио обраќање. Притоа користеше и теории на заговор: механизмот за правна држава бил идеја на американскиот милијардер Џорџ Сорос. Тој уште пред многу години предложил ЕУ финансиски да санкционира држави ако не сакаат да прифатат мигранти. Политичари кои „му јаделе на Сорос од рака” сега го спроведувале тој план, вели Орбан. Премиерот на Унгарија можеби може да смета и на ветото од Полска. Таму премиерот Матеуш Моравјецки минатата недела најави дека не сака да гласа за механизмот за правна држава. Моравјецки не зборуваше за вето за целиот буџетски пакет на ЕУ и фондот за обнова по короната. 

Повеќе на темата:

Договор во ЕУ: Владеење на правото, па потоа европски милијарди

ЕУ и владеење на правото - доцно будење

Орбан му објавува војна на Западот

Светската суперсила Џорџ Сорос?

Доколку Орбан ја обистини својата најава, ЕУ ќе западне во нова сериозна криза - среде вториот бран од корона пандемијата чиишто размери уште не може да се предвидат. До сега е нејасно дали дипломатите во Берлин и Брисел може да најдат друг компромис со Орбан. Но, нема начин да се донесе буџетот без согласност од Унгарија.  Единствено што мнозинството земји може да усвојат е одвоен пакет за обнова по короната.

Нова декрет-влада

Тоа дека Орбан и неговата влада не се подготвени на компромиси и генерално не сакаат отстапки од антидемократските промени на Унгарија актуелно го покажуваат сосем јасно. Во вторникот (10.11.) парламентот исто како и пролетоска гласаше за тоа Орбан и владата заради корона пандемијата да се овластат со посебни права, овој пат ограничени на 90 дена, заради што и најголемиот дел од опозицијата даде согласност. Орбан во тој период може да владее со декрети. Пролетоска тоа го искористи за да издаде бројни наредби кои немаа никаква врска со сузбивање на пандемијата, туку беа насочени против опозицијата или пак повластено делуваа на бизнисмени блиски до него. 

Кратко по гласањето владата поднесе план за натамошни промени на уставот, деветти предлог за девет години. Големи реакции во јавноста притоа предизвика планираното хомофобично дополнување на основните права и вредности. Сега во поглавјето за брак и семејство треба да се воведе додатокот „Мајката е жена, а таткото маж”.  

 

Слободни, но нефер избори

Всушност Орбан и други унгарски владини политичари постојано упаѓаат во очи со нивните дискриминирачки хомофобични изјави, како на пример класифицирањето на хомосексуалците како педофили или негирање на нивните права со оние на „нормалните“ граѓани. Можно е овој уставен амандман да се однесува на друг пасус кој предизвика помалку возбуда во јавноста. Со него се утврдува дека сите одредби за фондациите и нивната сопственост мора да се усвојат со двотретинско мнозинство во Парламентот. Ова може да биде основа за еден вид безбедносен механизам за нетранспарентните одлуки на владата на Орбан за ваквите фондации. Така на пример колеџот Матијас Корвиниус, еден вид на елитен кадровски расадник за системот на Орбан, на брз и целосно нетранспарентен начин неодамна доби милијарди од државата, меѓу другото и во форма на акции и недвижности.

И во вторникот – точно една минута по полноќ – владата на Орбан усвои измени на изборниот закон во парламентот. Според мешаното изборно право во Унгарија со директни кандидати и партиски листи се засилува единствената голема партија – Фидес на Орбан и уште повеќе од порано се ослабуваат почетните позиции на помалите партии. Меѓу другото партиите во иднина треба да назначат поединечни кандидати во 50 наместо досегашните 27 изборни окрузи, за да имаат право да настапат и со партиски листи. Со тоа станува многу појасно она што одамна го критикуваат независните унгарски изборни експерти: изборите во Орбанова Унгарија се слободни, но почетните позиции и услови стануваат сѐ понефер.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми