1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога сиромаштија е казнено дело

Кено Верзек
16 октомври 2018

Во Унгарија стапи на сила закон со кој се забранува бездомништво. Владата најави дека целта е да спасат животи, за критичарите овој потег е „нечовечки“. Во Будимпешта наскоро ќе има и рации.

Ungarn erlässt diskriminierendes Gesetz gegen Obdachlose
Фотографија: Ferenc Isza/AFP/Getty Images

Кога пред речиси триесет години се појавија првите бездомници на улиците и подземните метро станици во Будимпешта, многу Унгарци беа шокирани од овој несакан ефект од промената на системот. Во меѓувреме тие се веќе навикнати на ваквата глетка. Во ниту еден друг источноевропски град нема толку многу бездомници, пред сѐ стари сиромашни луѓе како во Будимпешта. Од поголемиот број досегашни влади, без разлика дали биле од левицата или десницата, тие во принцип беа игнорирани. Унгарскиот премиер Виктор Орбан и неговите социјал-политичари веќе подолго време сакаат да го решат овој проблем на сопствен начин – со тоа што едноставно ќе забранат бездомништво. Владата и неколку општини имаа повеќе обиди да го спроведат тоа, но не поминаа на Уставен суд ниту во Врховниот суд во Унгарија. Последен пат тоа беше во 2016 година. Поради тоа, бездомништвото во јуни годинава беше забрането со уставен амандман, поради што повеќе не е возможна жалба до Уставниот суд по оваа одлука. „Доживотен престој на јавна површина е забранет", се вели сега во унгарскиот устав.

Овој акт стапи на сила со што бездомништвото и официјално е забрането. Како живеење на јавна површина во светло на законот ќе се смета и ако еден бездомник седи или лежи некаде со работите што ги носи со себе. Ако по барање на полицијата не го напушти местото и не оди во некое прифатилиште на пример, тогаш може да биде приморан на комунална работа како казна, или ако се противи, дури може да биде и притворен. Притвор може да следи и ако во период од три месеци игнорира повеќе од три барања на полицијата да го напушти местото на кое престојува. Во таков случај се заканува судење по брза постапка кое може да води кон затворска казна. Притоа полицијата може да го конфискува и уништи сето она што го поседуваат бездомниците, вклучително и лични работи како фотографии. Трошокот за тоа може да биде на товар на бездомниците.

Виктор Орбан нуди свое решение за проблемот со бездомницитеФотографија: Getty Images/AFP/F. Isza

Сиромаштијата не е кривично дело"

Голем број невладини организации во Унгарија, меѓу кои и Сојузот „Градот им припаѓа на сите" со месеци жестоко протестираат против новата забрана за бездомништво која според нив е „нечовечна“ и не е соодветно решение за проблемот. Голем број здруженија поддржани од уметници протестираа пред парламентот против новиот закон со пароли на кои пишуваше: „Сиромаштијата не е кривично дело" или „Кукавица е оној кој им прави лошо на сиромашните„. Законот предизвика негативни реакции и критики и на меѓународен план. И во таканаречениот извештај на Саргентини на Европскиот парламент, ова е наведено како пример како Унгарија ги прекршува владеењето на правото и основните вредности на ЕУ. Овој извештај е основа за активирањето на постапката по членот 7 на ЕУ против Унгарија.

повеќе: Орбан ја предизвикува ЕУ

Унгарската влада се спротивставува на овие критики, особено на оние дека сака да ги криминализира бездомниците. Новите законски правила се со цел да се спасат животи, изјави државниот секретар во Министерството за човечки ресурси, Бенце Ретвари за државната телевизија. Со оваа регулатива треба да се спречи бездомници да умираат од премрзнување, а излезот од бездомништвото да го најдат преку сместување во привремени засолништа каде ќе добијат соодветна облека, можност за работа и социјално советување. Проблемот со бездомниците веќе 28 години не е решен, вели Ретвари и додава дека новиот закон е чекор во таа насока.

Непрофесионално и дилетантско решение, велат критичарите на владатаФотографија: picture-alliance/AP

Подобро на улица

Според проценките во моментов во Унгарија има околу 30.000 бездомници, од кои најголемиот број живее во Будимпешта. Владата тврди дека во прифатилиштата има место за 19.000 луѓе, додека според невладините организации има само 11.000 места за згрижување на бездомници. Во многу од овие прифатилишта нема доволно место, а лоши услови поради што тие велат дека порадо би живееле на улица.

повеќе: Заборавено расистичко злосторство во Унгарија

Во основа политиката кон бездомниците на владата на Орбан е непрофесионална и дилетантска, велат критичарите. Новиот закон е исто како да речете дека на луѓето кои се здравствено осигурани им е забрането да се разболуваат, вели свештеникот од методистичката црква, Габор Иванји кој со години раководи Здружение за бездомници и еден прифатен центар во Будимпешта. Експертот за социјална политика Балинт Мисетикс за еден весник напиша: „Ако унгарската влада во изминативе осум години разумно размислеше што треба да направи за да има помалку бездомници, отколку да го менува законот и Уставот, тогаш денес ќе имавме помалку луѓе кои живеат на улица."

Протест на „картонски легла"

Колку доследно унгарската полиција ќе го спроведува законот останува да се види. Независните медиуми пишуваат дека полицијата уште неделава ќе спроведува големи рации во Будимпешта. Поради ова критичарите протестираа во изминативе денови - на плоштадот во Будимпешта каде што има многу бездомници, десетици демонстранти поставија картони и лежеа на нив долго време.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми