1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новиот главен непријател на Орбан

Кено Верзек
16 јуни 2021

Новиот закон во Унгарија ги поистоветува мерките против педофилијата со заштитата на малолетници од „хомосексуална пропаганда“. Унгарскиот премиер ја користи темата за да го пренасочи вниманието од сопствените неуспеси.

Ungarn l LGBT Demonstration in Budapest
Фотографија: Marton Monus/REUTERS

Унгарскиот премиер Виктор Орбан лично не е загрижен мразач на хомосексуалците. Сепак, одвреме-навреме, поради политички калкулации, дава хомофобни изјави. Главно тие се недостојни, некогаш вознемирувачки. Како минатата есен. Тогаш Орбан во едно интервју повлече паралела меѓу хомосексуалноста и педофилијата. „Унгарија е толерантна, трпелива земја што се однесува до хомосексуалноста. Но, постои црвена линија која не смее да се премине: Оставете ги нашите деца намира!“, рече тој.

Сега оваа изјава стои како непишано мото над новиот закон, кој го предложи владата на Орбан, а кој унгарскиот парламент го усвои вчера (15.6.). Во него се помешани засилените казни за педофилија, заштита на децата и забраната за ширење на хомосексуалност меѓу малолетниците. Во образложението на законот, меѓу останатото, стои и дека популаризацијата на родовите промени и на хомосексуалноста може да им наштетат на малолетниците во нивниот морален развој и во обликување на родовиот идентитет. Законот во последниве денови во Унгарија предизвика големи контроверзии: бројни цивилно општествени организации, вклучувајќи го и Амнести Интернешнал, демонстрираа против законот, а над 100.000 луѓе веќе потпишаа петиција против законот.

Во понеделникот околу 10.000 луѓе демонстрираа пред парламентот на плоштадот Косут под мотото „Прифаќање наместо закон за пропаганда“. Поголемиот дел од опозициските партии го бојкотираа гласањето за законот. Поранешната екстремистичка, а сега умерено десничарска конзервативна партија Јобик, која припаѓа во обединетата опозиција, сепак гласаше за законот заедно со Фидес.

Фотографија: John Thys/AP Photo/picture alliance

Широки формулации

На почетокот нацрт-законот, поднесен крајот на мај, се однесуваше само на зголемени казни за педофилија. Заднината беа неколку случаи на педофилија во круговите блиски до владеачката партија на Орбан Фидес, чие забошотување не беше особено успешно. Тука спаѓа и во тајност долго чуваниот случај за поранешниот унгарски амбасадор во Перу, Габор Калете, кој минатата година беше осуден на условна казна поради поседување на околу 19.000 слики со детска порнографија. Очигледно Орбан сакаше да тргне во офанзива со законот за анти-педофилија и да ги отстрани сомнежите оти неговата партија не заземала доволно силен став против педофилијата. Меѓутоа, минатата недела од Фидес одеднаш во законот внесоа делови за заштита на децата. Според многу широките формулации, во иднина треба да се забрани промовирање на хомосексуалноста и на промената на полот пред малолетниците.

Повеќе:

-Пропаганда за Орбан - гратис и во булеварска наметка

-Дали ЕУ ќе му ја затвори вратата на Виктор Орбан?

-„Паралелната држава“ на Орбан или најголемиот грабеж во историјата на Унгарија

Врз основа на овој предлог само организациите кои ќе ги одбере владата ќе смеат да држат предавања за такви теми во училиштата. Исто така, рекламите во кои се претставуваат хомосексуалноста и промената на полот „самите за цел“, не би требало да бидат достапни за малолетниците.

Попис на забранети филмови?

Законот за тоа не дава прецизна дефиниција. Поради тоа, дури и покажувањата на виножито знамињата во јавноста во начело би можело да биде кривично дело. Законот, исто така, би можел да влијае на медиумските содржини во најширока смисла - на тоа укажа најголемата унгарска програма РТЛ Клуб во изјавата во која се залага против законот. Можно е дури и филмовите и сериите кои тематизираат модерен семеен живот да бидат на забранетиот попис, се наведува во соопштението на РТЛ Клуб.

Фотографија: MARTON MONUS/REUTERS

Унгарската влада не одговори на низа прашања за законот кои ги упати ДВ. Државниот секретаријат за меѓународни комуникации испрати до ДВ само пишана изјава во која текстот е речиси идентичен со образложението на нацрт законот. Унгарскиот политиколог Андрас Бозоки од Средноевропскиот универзитет во Виена, за ДВ вели дека станува збор за закон кој очигледно ги крши вредностите на ЕУ и кој на крајот некој европски суд веројатно ќе го прогласи за незаконски.

„Агенда за поларизација“

„Законот ги зема Русија и Полска за пример“, вели за ДВ Бозоки. Тој алудира на тоа дека во 2013 година во Русија е донесен законот против хомосексуална пропаганда и оти во Полска претседателот Анджеј Дуда водеше силна хомофобна кампања пред својот реизбор минатата година. Долго време хомофобијата немаше истакната улога во Орбановата Унгарија. Тоа во меѓувреме се промени: минатата година службената промена на полот добиен со раѓање во Унгарија е забранета со закон, а уставот е дополнет со: „Мајката е жена, таткото е маж“. Тоа значи дека истополните двојки во Унгарија веќе немаат право на посвојување.

„Мислам дека Орбан сака со новиот закон да го оттргне вниманието од разните проблеми во последно време“, вели Бозоки. На пример, веќе не можете да ги мобилизирате масите со темата за опасностите од миграцијата затоа што бегалци речиси и да нема. Затоа Орбан сега ја презема темата на идентитетот како радикалната хомофобија, каде што намерно се замаглени границите меѓу јавните и приватните теми и го поставува тоа на агендата на општествената поларизација “.

Фотографија: MARTON MONUS/REUTERS

Поделба на опозицијата

Всушност, работите за Виктор Орбан веќе подолго време не одат толку едноставно. Расте вознемиреноста на унгарската јавност од корупциските скандали во кругови блиски до премиерот и лошото управување со пандемијата. Орбан во последно време политички е сѐ повеќе во дефанзива. Ова можеше да се види неодамна во едно од ретките повлекувања што неговата влада мораше да ги направи: тој привремено го отстрани од дневниот ред исклучително непопуларниот унгарско-кинески универзитетски проект. Шефот на кабинетот на Орбан, Гергели Гулјаш, најави дека владата нема да се спротивстави на одржување референдум за изградба на огранок на кинескиот најсовремен елитен универзитет Фудан во Будимпешта.

Со новиот закон, Орбан не само што сака тематски да се врати во офанзива, туку станува збор и за обид за поделба на опозицијата, смета политикологот Андраш Бозоки. Всушност, законот претставува прв голем предизвик за обединетата опозиција: Кон крајот на минатата година, шесте најголеми опозициски партии во Унгарија одлучија да учествуваат на следните избори со заедничка листа и заедничка основна програма - затоа што ова е единствениот начин да се победи против Фидес во сегашните изборни услови. Орбан сега, вели Бозоки, успеа повторно да ја подели опозицијата. „Ова е лоша вест за опозицијата“, додава тој.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми